„Од првиот ден те гледав како брат, како некој што го знам цел живот“: Сергеј Четковиќ неутешен по смртта на Панчо од ДНК

Регионалната музичка сцена е во жалост по ненадејната смрт на Панчо, кој се вброја како 63 жртва која ја однесе кочанскиот пожар на 16ти Март годинава. Бројни пријатели, колеги и обожаватели му оддаваат почит со емотивни зборови, а меѓу нив се најде и познатиот црногорски пејач Сергеј Четковиќ, кој сподели потресна порака на социјалните мрежи.
„Добри мој, од првиот ден те гледав како брат. Знаеш, она чувство кога некого препознаваш на прва, како да го знаеш цел живот... Твојата добрина, насмевка, љубов, ентузијазам и сила ме воодушевуваа и ме охрабруваа секој ден. Имавме многу планови, идеи... Толку работи што требаше да ги направиме, да ги раскажеме, да ги осмислиме... Патувај, брате мој, одмори се. Нека ангелите те поведат на подобро место и нека ти Господ подари рајски места. Те сака твојот брат,“ напиша Четковиќ.
Неговата порака длабоко ги трогна сите што го познавале Панчо, музичар познат по својот позитивен дух, харизма и искрена љубов кон публиката. Заедно со својот колега Андреј Ѓорѓиевски – Андреј, тој остави силен белег на македонската музичка сцена преку низа хитови кои остануваат дел од колективната меморија.
Смртта на Владимир Блажев претставува ненадоместлива загуба за македонската музика, но неговото дело, насмевка и енергија ќе живеат вечно меѓу фановите и колегите што го сакаа.