Нејзиниот пат почнува од Скопје, поминува низ Венеција, па повторно се враќа дома: Успехот е во женска солидарност за повисока цел наместо натпревар

Таа е жена која создава и дише уметност. Од најраното детство, кога нејзините цртежи кружеле низ училниците, па сè до денес, кога нејзините дела патуваат низ светот — уметноста е нејзин јазик, нејзина исповед и нејзин повик. Во сликите на Љупка Делева се преплетуваат емоции, мисли, ставови и тивки револуции.
Во ова искрено интервју зборува за улогата на жената во уметноста, етиката и естетиката, успехот, но и за женската солидарност, стилот, убавината и личните избори кои го обликуваат животот. Таа е гласна, но и тивка кога треба — како нејзините автопортрети што раскажуваат без зборови.
Нејзиниот пат почнува од Скопје, поминува низ Венеција, па повторно се враќа дома — каде што уметноста не е само професија, туку начин на постоење.
1. Каква е жена која сака уметност, дали е поемпатична од другите и гледа директно во суштина на нештата?
-За да ви одговорам на ова прашање треба да се ставам во улога на жена која самата не креира уметност туку ја консумира. Мислам дека сите жени уживаат во убавото, дали е тоа уметност во смисла на ликовна, визуелна, дали е музика, поезија или можеби убаво парче облека, секоја со сопствениот вкус, а нели „за вкусовите не се дискутира”.
Емпатијата нема родова определеност, но постои градација во емпатичноста, а постојат и жени кои се сметаат за емпатични а не се. За среќа некои својот емпатичен дар го вткале во својот живот; дали како избрана професија или вокација, а тоа е најголемиот дар што може да го даде една жена на човештвото, да го изрази своето внатрешно во преточен стих, нота или потег на сликарската четка, но и во други професии што не се уметнички сами по себе а даваат голем придонес за општото добро.
2. Дали уметноста – естетиката и етиката според вас се сродни и одат рака под рака?
-Според мене етиката и естетиката се две страни од иста паричка, но етиката е роба со рок на траење односно категорија подложна на многу искушенија, па зависи од карактерот на индивидуата дали ќе може да биде доследна до крај на сопствените идеали. Но кои сме ние да судиме? Како одеше мислата на Ван Гог, мислам вака некако: „Ѕвезденото небо над мене и Божјиот закон во мене…” Ова е филозофско прашање по што се изјаснувале од Киеркегад до Кант, јас за ова интервју можам само да кажам дека не секогаш одат рака под рака, што е побитно или оди понапред, го оставам на теоретичарите.
3. Што денеска се главните критериуми кои една жена треба да ги исполни за да ја наречеме успешна жена?
-И на ова прашање ќе одговорам субјективно. Успешна за мене е жена која знае да плива низводно и да го искористи течението за да си го олесни теретот со мудрост но и доследност. Сите имаме сопствени тешкотии за кои некои мислат дека се „најголеми на свет”, дека тоа што ни се случува е некоја клетва, судбина, неправда и сл. А всушност треба да се обучиме и научиме на прифаќање на она што не можеме да го промениме, (и ова е доста субјективно бидејќи за некој - а таа иста промена е мравка, а за некој-а слон).
Успешни жени за мене се оние со убава внатрешна насмевка. Оние што „знаат”.
4. Дали ликовното творештво беше дел од вашите планови за „идна професија“ и кога го откривте и почнавте да го развивате вашиот талент?
-Мојот талент го откриле уште во забавиште, кога мој цртеж шетал по сите училници но јас не се сеќавам на тоа… Потоа сите први награди на натпреварите на патрониот празник во основно, но паралелно со тоа и за поезија и проза, а сакав и да пеам (пеев кај Запро во Изворче и Развигорче).
За изборот на средно училиште немав дилема дека тоа ќе биде средно уметничко, но за Факултет, тука бев навистина поделена на две, заради големата љубов кон театарот откриена во средно, кога на Скопските градски смотри ја добив наградата за најдобра женска улога во „Стринберг и сеништата” 1987-88ма можеби… На тие проби кои се оддржуваа во МКЦ останувавме до доцна после часови, навистина голема пасија но…одлучи рациото да продолжам по патот на ликовното, не во Беград како планирано туку во Скопје на ФЛУ. Тоа е таа врата што ја отворив тогаш од „sliding doors” (цит.филм) и како за сѐ друго во животот потоа.
А животот е тоа, збир и след на наши избори во тој одреден момент и во тие дадени околности.
5. Дали сметате дека денеска жените погрешно постапуваат кога велат „можеме се сами“, можеби е потребна подадена рака од жена кон жена и женска солидарност за да се избориме за статусот на жените во општеството?
-Многу зависи од карактерот на секоја жена. Некои просто не се создадени за во јато туку се индивидуалци. Јас иако претпочитам големиот дел од работите да си ги завршам сама, обожувам тимска работа, онаа енергија која протекува кога се множат идеи, се наоѓа на плоден терен едни покрај други, кога ќе „кликнете” …е тогаш сѐ е возможно! Најубавото чувство! Секогаш сум солидарна [со моите колешки уметнички, мајки, жени и тн…].
Моето мото е да помогнам ако можам заради удел во некоја повисока идеја или цел. Со тој порив за солидарност ја направив и изложбата во Венеција во 2023та, со 31 мкд уметник кои ги донираа делата, а потоа ги подаривме на градот. Секогаш и со ДЛУМ учествувам во изложбите за солидарност. Каде што има солидарност има и љубов, а тоа е сигурен пат до успехот.
6. Дали сте љубител на модата и козметиката? Колку време трошите на нега и себеразубавување и дали сметате дека тоа е императив за секоја жена?
-Мода vs. стил, тренд наспроти класа…не следам модни трендови. Во мојата гардероба парчињата се практични и удобни, знам што ми стои според форма или боја. Живеењето во Венеција ме научи дека не постои висока цена за квалитетот и удобноста на еден чевел, (зошто претежно таму се движам пешки).
На негата ѝ посветувам внимание особено во контрола на состојките [ INCI ] во козметичките производи. Доста користам ладно цедени масла за лицето и телото (арган, макадамија, смиљ, невен) а и за косата.
Сакам серуми, убави текстурни креми, сакам убави четки за шминка, сакам добар црвен кармин. Минимална сум во шминката, иако не се шминкам баш секој ден. Велат дека не постои грда жена, туку само жена што не се негува.
Се согласувам со тоа, не треба по секоја цена да се трошат пари на скапи брендови, и природната козметика, домашните олеолити или масти со тревки се одличен метод за постигнување на целта. Но сепак убавината доаѓа од внатре, од она што го јадеме и како се чувствуваме. Тоа е приоритет за добар изглед.
7. Дали жената ви е инспирација за вашето ликовно творештво и на кој начин?
-Мојата уметност е доста автобиографска, а со самото тоа што сум жена, значи ДА на некој начин, иако не во смисла на глорификација туку повеќе како медиум низ кој се филтрираат различни состојби, ставови или појавности.
Во последната моја изложба во Националната галерија Чифте Амам што заврши на 9ти октомври, беа вклучени дела со мои автопортрети, [ „Тишина” од 1998] делови од лицето [„Вокали“ 1998] или цела фигура [„Нова кожа”, 2005] но и женски модели, Јурка Ефтимова (Юрка Евтимова) од Бугарија, облечена во [„Фустан наречен желба”, 2007], и Нарине Качатрјан (Narine Khachatryan) од Арменија [ „Злато мое” 2025].
Со Нарине во перформансот во Венеција за Арт најт 2025та во јуни, имавме „танц” помеѓу модел кој беше своевидно „живо сликарско платно “ врз чиј фустан и тело ги нанесував потезите со туш и златна боја.
Тој однос меѓу модел и уметник го забележа и публиката па во книгата за впечатоци , некој го запишал токму тој момент. Во Скопје пак, непосредно пред да ја поставам изложбата, модел ми беше и танго танчерката со итало/аргентинско потекло, Евелин Амарал Гарсија ( Evelyn Amaral Garcia)...
8. Постои ли разлика помеѓу машко и женско ликовно творештво?
-Постои машки и женски ракопис во визуелните уметности, но самото уметничко писмо нема пол или род, тоа е материјализирање на духот, на идеите и ставовите, на чувствата или сосојби на умот.
Може да биде енергично и експресивно, лирско и деликатно. Ете баш завчера бев на отварање на една изложба на фотографии во Венеција, цветови, во лоу ки, полутемница а текстура мека како пастел, како сомот. Машко беше авторот.
9. Дали имате некое друго хоби или професија покрај ликовната уметност?
-Голема љубов ми се растенијата, природата, потоа личниот развој, за таа намена читам но имам и учители. Сакам да учам нови вештини.
Мојата друга професија не е далечна од уметноста, органиирам изложби во Венеција на нашите уметници, сакам да го промовирам македонскиот бит во Италија а работам и како културен медијатор на изложбите на Биеналето во Венеција.
10.Ваши омилени мотивациски мисли кои ве одржуваат во тешки моменти?
“Сѐ е течение, сѐ е подложно на промени” [отука и насловот на мојата ретроспективна изложба“ Трансформации - Flusso - Flux : 1998 -2025 “ ] но и „Биди фокусирана и верувај”. Надежта последна умира, нели?
Разговорот го водеше: Магдалена Стојмановиќ - Константинов