Со Дамјан се запознавме на Ромскиот бал во Скопје, планираме голема свадба и во Македонија: Александра Огненовска за животот во Америка

Кога заминала за Америка во 2018 година, Александра Огненовска не ни сонувала дека таму, илјадници километри далеку од Македонија, ќе го пронајде своето место – и својата судбина. Денес таа живее и работи во Њујорк, успешна како маркетинг менаџер и контент креатор, но и исполнета во љубовта – со познатиот ТВ водител Дамјан Дренковски, со кого неодамна направија свадба „како од филм“.
Нивната приказна започнува неочекувано – на Ромскиот Бал во Скопје, а продолжува со живот исполнет со љубов, патувања и сонот што го градат заедно во земјата на неограничените можности.
ЖМ: Александра, веќе неколку години живееш во Америка. Кога и зошто замина од Македонија?
-Заминав на 8 август 2018 година, пред повеќе од седум години. Зошто? Од денешна перспектива тешко е да одговорам. Заминав со љубов и желба да остварам некои навидум недостижни сништа.
ЖМ: Колку години имаш и како изгледаше твојот пат до Њујорк?
-Имам 33 години. До Њујорк стигнав со Turkish Airlines – и денес ми се омилени. (се смее) Патот беше релативно лесен, со јасна цел, огромна желба и возбуда од непознатото, но и со страв од истото.
ЖМ: Какви беа твоите почетоци таму – кој ти помогна и како се снајде?
Секогаш велам – почетоците се како повторно да учиш да одиш. Кога се преселив имав 27 години, но се чувствував како бебе заробено во тело на возрасен човек. Мораш повторно да создаваш пријатели, да се докажуваш и покажуваш. Никој не те знае, а ти си само уште еден човек во милионски град.Најголема поддршка ми беше семејството, особено мајка ми. Америка не е земја каде некој се „снаоѓа“ – мораш сам да се избориш. Почнав како наставник по уметност и театар, а денес сум контент креатор и маркетинг менаџер. Работев и сеуште работам дигитален маркетинг со разни индустрии – од ресторани и барови до адвокати и стоматолози. Но тоа не значи дека го заборавив театарот.
ЖМ: Каков е животот во Њујорк?
- Брз. Екстремно брз – но и најубав. Ме фасцинира слободата и фактот што само небото е граница.
ЖМ: Што ти беше најтешко на почетокот?
-Навикнувањето на културата, далечината и темпото на живот.
ЖМ: Како се снајде со храната – дали ти недостига македонската кујна?
-Никаков проблем со храната – се готви дома! (се смее). Не ми недостасува кујната колку што ми недостига „ден губење“ со пријатели во кафеана. Македонското сирење и салата таму имаат друг вкус.
ЖМ: Кога последен пат беше во Македонија и што најмногу ти недостига?
- Бев во април, а се трудам да одам најмалку еднаш до двапати годишно. Најмногу ми недостигаат пријателите и роднините.
ЖМ: Дали го живееш „американскиот сон“?
- Да!
ЖМ: Што те исполнува надвор од работата?
- Патувањето, откривањето нови места и читањето книги.
Љубовна приказна
ЖМ: Вие и Дамјан неодамна направивте свадба во Америка – како помина тој ден?
- Како во сон. Припремите беа долги и стресни, а денот помина за миг. За мене најемотивен момент беше патот до олтарот.
ЖМ: Како се запознавте?
- Ова ќе звучи неверојатно, но се запознавме во јануари 2024 година на Ромскиот Бал во Скопје, кога најмалку очекувавме. Јас бев со мојот близок пријател Зоки Давитков, тој со Спасе и Лила – седевме на иста маса и така започна приказната.
ЖМ: Што најмногу те освои кај него?
- Неговата одлучност и лудост. И двајцата сме авантуристи. Ме освои со неговата харизма, внимание и искреност – она што е ретко денес. Имаме многу заеднички интереси, се надополнуваме во се. Од првиот ден никогаш не ни е досадно.
ЖМ: Каков е како сопруг, а каков како ТВ водител?
- Како сопруг е многу внимателен, но и малку тврдоглав (се смее). Искрено, кога го запознав, не ни знаев кој е - не гледав многу телевизија.
А како ТВ водител… не дека е мој, ама подобар нема. Во професионализам, талент и посветеност, ретко кој може да му се приближи. Искрено, мислам дека некој како Дамјан или приближно добар како него недостига на Тв-екраните.
ЖМ: Колку беше тешко да организирате свадба далеку од Македонија?
-Голем предизвик! Немавме искуство, но благодарение на моите родители и блиските пријатели, сè изгледаше токму како што замисливме. Планираме голема свадба и во Македонија наскоро.
ЖМ: Дали би се вратиле во Македонија еден ден?
- Моментално сме таму каде што сме. Иднината никогаш не се знае – особено со нас двајца. (се смее).
ЖМ: Како гледате на иднината – семејството, кариерата и сонот што го градите заедно?
Со заедничка визија – да растеме и професионално и лично. Сакаме да создадеме семејство во кое има поддршка, смеа, љубов и многу авантури. Во изминатиот период видов дека Американскиот начин на живот е нешто на што Дамјан се привикна многу брзо и гледам дека многу му се допаѓа, па оттука и природно е да го живееме Американскиот сон со отворени очи и предизвици кои ни претстојат. И двајцата веруваме дека успехот нема смисла ако нема со кого да го споделиш.
Ирена Ставрова
ФОТО: Приватна архива