Скоро третина од населението во Македонија е сиромашно: Додека едни фрлаат, други умираат од неухранетост и лош квалитет на храната

Добивај вести на Viber

На Светскиот ден на сиромаштијата, бројките говорат повеќе од зборови: околу 700 милиони луѓе, или 8,5 % од глобалното население, живеат во екстремна сиромаштија – со помалку од 2,15 долари на ден. Дури 44 % од луѓето на светот се сметаат сиромашни според поумерен праг (6,85 долари/ден). 

Во Македонија состојбата исто така буди загриженост. Според државните податоци, 22,9 % од населението е изложено на ризик од сиромаштија — тоа се луѓе кои живеат со примања под 60 % од медијаната по семејни трансфери. Меѓу децата, околу 120.000 (или секој трет) живее под националниот праг на сиромаштија.

Едни се прејадуваат, други гладуваат - нееднаквоста како корен на човечката несреќа

Според Светската статистика за глад, во 2025 година приближно 9,1% од светското население е погодено од глад. Тоа се повеќе од 735 милиони луѓе кои немаат доволно храна за да водат здрав и активен живот. Од земјите погодени од војна до регионите најтешко погодени од суша и поплави, кризата се продлабочува, особено за децата, раселените семејства и заедниците кои веќе живеат во сиромаштија. 

Приближно 25.000 луѓе умираат секој ден поради глад или причини поврзани со глад. Околу 45% од сите смртни случаи кај децата под петгодишна возраст сè уште се поврзани со недохранетост, според најновите глобални проценки за 2024 година. Речиси едно од десет лица сè уште не добива доволно храна за да води активен и здрав живот. Конфликтите и климатските промени се главни двигатели на гладот, нарушувајќи го производството и пристапот до храна. Фрлањето храна станува масовно, при што приближно една третина од целата произведена храна останува неизедена низ целиот свет, доволно за да се нахранат милијарди луѓе.

Веќе 35 години, Групацијата на Светска банка ја мери глобалната сиромаштија за да го следи напредокот кон искоренување на она што се смета за најтешко лишување од основните човечки потреби - екстремната сиромаштија. Во моментов има 1,5 милијарди помалку луѓе кои живеат во екстремна сиромаштија во споредба со 1990 година. Сепак, намалувањето на глобалната сиромаштија значително е забавена во последната деценија поради неколку меѓусебно поврзани кризи, вклучувајќи бавен економски раст, висока задолженост, конфликти и др. 

Се проценува дека 808 милиони луѓе во Светот сè уште живеат денес во екстремна сиромаштија. Со ова темпо на напредок, би биле потребни децении за да се искорени екстремната сиромаштија. Сиромаштијата е повеќедимензионална и постојат многу индикатори кои се неопходни за разбирање на благосостојбата на луѓето. Различните мерења на сиромаштијата помагаат да се обезбеди поширок поглед и можат да ги насочат политичките одлуки за подобрување на животот на најсиромашните и најранливите.

Во нашата земја според податоци на Државниот завод за статистика во 2022 година стапката на сиромашни лица изнесува 22.9 %. Под прагот на сиромаштија живеат 451.900 лица. Анализирано по типови домаќинства, стапката на сиромаштијата на домаќинствата составени од двајца возрасни со две издржувани деца во 2022 година е 27.2 %. Стапката на сиромашни вработени лица е 8.9 %,  додека стапката на сиромашни пензионери е 9.9 %. 

Црвениот крст на Република Северна Македонија и оваа година се вклучува во глобалните акции за борбата против гладта со организирање на кампања „Помислете и на нас“ во рамки на „Неделата за борба против гладта“, која се спроведува од 16 до 22 Октомври 2025 година преку општинските организации на Црвениот крст и Црвениот крст на град Скопје, велат од Црвен крст на Македонија. 

Тие ги повикуваат граѓаните да се вклучат во хуманитарна и социјална помош на лицата кои живеат во социјален ризик и сиромаштија преку донација на следните начини: 

Ø Сметката на Фондот на солидарност на Црвениот крст на РСМ 300000001327966 Даночен број: 4030984271620 АД Комерцијална банка Скопје,

Ø Донации од 100 денари со повик на мобилните телефонски броеви: 143 – 400


Во Македонија срамота е да си сиромашен, а за „снаоѓање“ оправдано е да се прави дури и криминал 

Во Македонија, сиромаштијата не е само економски, туку и длабоко општествен проблем. Многу луѓе не зборуваат јавно за тоа што живеат во сиромашни услови, бидејќи во општеството владее силна стигма — сиромаштијата често се перцепира како личен неуспех, а не како резултат на структурни и економски нееднаквости. 

Оваа појава најчесто е присутна во помалите средини каде што „што ќе речат луѓето“ сè уште има голема тежина. Наместо поддршка, сиромашните често се соочуваат со осуда или тивки предрасуди, што ги турка во уште поголема изолација и молк.

Поради тоа, многу семејства ја прикриваат својата реална состојба — не бараат помош, не аплицираат за социјални програми и живеат на маргините на системот.

Социолозите предупредуваат дека оваа култура на срам и молчење е сериозна пречка за решавање на проблемот со сиромаштијата, бидејќи ја прави невидлива пред институциите. За вистински напредок, потребна е промена не само во политиките, туку и во начинот на кој како општество ја гледаме сиромаштијата.


Фото извор: EPA 

М.С.К