„Се плашам има копија од клучот, повикај полиција“: Последните зборови на манекенката која беше избодена 24 пати пред очите на соседите

Манекенката Памела Ѓенини (29) беше брутално убиена на 14 октомври во нејзиниот стан во Милано.
За убиството е осомничен нејзиниот 23 години постар партнер Ѓанлука Сончин, кого сакала да го остави поради месеци на психичко и физичко насилство. Злосторството се случило на терасата, пред очите на шокираните соседи.
Кобната вечер, Памела разговарала со својот поранешен дечко Тесо, кому му кажала дека раскинала со Ѓанлука и дека сака да избега од Милано. Во тој момент Ѓанлука влегол во нејзиниот стан со клуч што тајно го направил. Успеала да изговори само: „Тесо, се плашам, има копија од клучот. Повикај полиција!“ — пред разговорот да прекине.
Тесо веднаш повикал полиција и тргнал кон нејзиниот стан, но било предоцна. Ѓанлука ѝ задал 24 убоди со нож, а потоа се обидел да си го одземе животот.
Според нејзини пријатели, Ѓанлука со месеци ја изолирал, ја натерал да го напушти моделингот и ѝ се заканувал — дури и на нејзиното семејство и домашното милениче. Памела неколку пати го пријавувала во полиција, последен пат во мај.
Неколку часа пред нападот, Памела била во Лугано да се информира за студии по психологија — нејзин план за бегство и нов почеток. Намерата да го напушти го натерала Ѓанлука на фатален чин.
Трагедијата ја потресе Италија и повторно го отвори прашањето за заштитата на жени жртви на семејно насилство.