Раката на девојката ќе се бара со сребрен прстен, златото станува многу скапо

Добивај вести на Viber

Цената на златото нагло порасна годинава, поскапе и среброто, а од златарниците велат дека за купување на најскромното златно синџирче се потребни повеќе од 150 евра. 

Грам злато чини од 100 до 110 евра во златарниците, а грам сребро чини до 5 до 8 евра, зависно од изработката. Парчињата накит што претходно чинеле 80 евра сега се продаваат за 110 или 120 евра. За еден месец како што велат од златарниците за 40 евра има покачување на некои парчиња златен накит.

„Луѓето прават замена, ќе остават едно, ќе земат друго парче злато. Ќе донесат некој прстен што не го носат, го купиле пред 5 или 10 години, ќе земат нешто друго. Менуваат синџирчиња, ќе доплатат за работна рака и тоа е тоа. И среброто се покачи, сите метали се поскапени. Секоја генерација ќе биде сведок на некои промени и тоа е сосема нормално“, велат од скопска златарница.

Дел од златарите објаснуваат дека ако за муштериите златото е скапо, се одлучуваат да си купат сребрен накит.

„Не купуваат злато, земаат сребро. Злато купуваат ако е неопходно и гледаат некое потенко, полесно парче.  Сега 100 евра се ништо ако некој појде во златарница да купува накит, ќе потроши од 200 евра па нагоре. Може и 1.000 евра да потроши, зависи кој што сака“, додаваат од прилепска златарница.

Воедно, златарите се жалат дека продажбата паѓа кога цената на златото е висока.

„Секако дека цената се одразува на продажбата. Намален е прометот, скапо им е на луѓето. Земаат само неопходни и ситни парчиња златен накит, односно привезоци. Имаме привезоци со тежина од еден грам. Синџирчињата тежат 2,3 или 4 грама. Сребро јас лично не држам“, објаснуваат од кавадаречка златарница.

Состојбата е идентична во главниот град и во внатрешноста.

„Кој има пари, купува злато,  кој нема си зема сребро. Кај мене грам сребро чини 450 денари. Луѓето најчесто земаат привезоци, прстени, обетки, а синџирчиња и нараквици поретко“, велат од златарница од Радовиш.

Цената на златото деновиве на берзите надмина 4.200 долари за унца. Цените на златото се зголемија за околу 55 проценти до средината на октомври. Цените на среброто забележаа експлозивен раст, водечки меѓу благородните метали со скок од дури 70 проценти од почетокот на годината.  Повеќе геополитички случувања влијаат на тоа инвеститорите да купуваат злато и сребро. Некои експерти прогнозираат дека цената на златото годинава може да достигне и 5.000 долари за унца.

Сања Атанасовска за „Фактор“