Ралица Иванова од Варна, Бугарија десет години по ред доаѓа во Крушево на 16 октомври-само од една причина

Добивај вести на Viber

Со букет цвеќе во рацете и солзи во очите, Ралица Иванова денеска ќе го посети вечното почивалиште на Тоше Проески. Нејзината љубов кон него е искрена, длабока и жива. Тоше за неа не е само пејач, туку симбол на добрина, човечност и вистински вредности.

Веќе десет години по ред, таа на 16 октомври од Варна, Бугарија доаѓа во Крушево да присуствува на поменот на македонската музичка легенда.


-Првпат Тоше го запознав преку неговата музика во 2007 година. Само што ја слушнав „Немаш ни благодарам“, веднаш ме освои неговиот глас. Не му го знаев името, а кога ќе ја слушнев песната велев: ‘Еве го мојот пејач.’ Денот кога се случи несреќата, бев дома и ја следев програмата на телевизија ‘Планета’. Во еден момент се појави водителката која ја соопшти информацијата дека македонската и балканска ѕвезда Тоше Проески загинал во сообраќајна несреќа. Останав вкочанета пред телевизорот. Солзите сами почнаа да ми течат. Се изгубив. Мајка ми беше до мене и почна да ми го тресе телото и да ми вели: ‘Ралица, што ти стана? Ајде, поврати се.’“Не можам да го објаснам тоа чувство што ми го обзеде и умот и телото, особено кога дознав дека сме родени на ист ден, 25 јануари. Од тој миг почнав да ги читам сите информации за него, да се информирам за неговата кариера, делата што ги направил – открива Иванова.


Таа го сака и градот што го изнедри Тоше – Крушево. За неа, тоа е место каде што времето застанува, а душата се смирува.


-Првпат кога дојдов во Крушево, почувствував мир и спокој. Како да сум дома. Имав чувство дека ми се познати сите улички, секој камен од куќите. Ги чувствував блиски и луѓето кои живеат овде. Тие се прекрасни. А првпат кога го посетив гробот на Тоше плачев цел ден и цела ноќ и едвај се смирив. Секоја година во Крушево престојувам по неколку дена. Се дружам со другарите и пријателите на Тоше и со фановите од цел Балкан, кои на овој ден доаѓаат во Крушево. Сите сме блиски, зашто не поврзува голема и чиста љубов кон ликот и делото на Тоше. Одам во манастирот Преображение и учествувам околу средувањето на градината кај гробното место на Тоше. Три пати го посетив Крушево и на 25 јануари, токму овде ги прославувам родендените - посочува таа.



Годинава од Бугарија допатува со својата пријателка Кристина Панева.

-Имам пријателка која случајно ја запознала Кристина. Кога видела дека има тетоважа на вратот со потписот на Тоше, исто како мене, реши да не запознае. Веднаш се поврзавме и станавме блиски. Фановите од Бугарија имаат свој форум за Тоше, каде што контактираат и разменуваат информации и искуства. Поврзани сме и со останатите фанови од целиот свет. Ниту еден ден не ми поминува без песните на Тоше. Тие ми даваат сила, мотивација, а во исто време мир и спокој – заклучува Ралица.


С.А.Н