Жената со жолтото палто

Добивај вести на Viber

Се случува понекогаш да излезеш од дома без некој посебен план, а да се вратиш со мисла што ќе ти го промени денот - можеби неделата. Тој вторник беше токму таков. Небото беше сиво, со онаа тивка магла што го гуши градот и го прави дури и звукот поинаков. Како да е зад стакло. Беше студено, но не доволно за капа, само довoлно за човек да сака да си биде дома.

Не знам зошто, ама тој ден решив да не одам со кола на работа. Еден век не сум се возела со автобус, а стално помислувам на тоа. Автубуската ми е пред зграда, а станицата кај што треба да се симнам речиси пред дуќан. Сакав тој ден да ја оставам колата и да се качам во автобус. Да видам како изгледа градот кога не сум зад воланот и кога не го бројам секое црвено светло.

“Мал експеримент,“ си реков додека ја закопчував јакната и ги облекував чевлите.

“Да бидам само дел од градот, а не некој што постојано брза низ него.“

И така се најдов на улица со кафето што не си го допив, туку го претурив во една убава чаша со капак, која со денови ми беше мерак да ја употребам. Сега си реков!

Ќе се возам во автобус и ќе си пијам кафе.

Не ги ставив слушалките, кои пак вообичаено ги носам кога возам со точак. Сега сакав да го слушам градот и неговите звуци и мисли.

Околу мене луѓето се движеа со свој ритам.

Некој зборуваше на телефон, некој држеше дете во рака, некој нервозно чекореше како да го брка времето. Јас прв пат по долго време не бркав ништо.

Кога стигнав до автобуската ја видов жената. Жената со жолто палто. Не беше нешто посебно на прв поглед - обична жена, можеби во доцни триесетти, со коса собрана во лабав реп и очила кои постојано и се лизгаа на носот. Но имаше нешто во неа. Имаше некоја чудна, убава смиреност што се чувствуваше. Покретите и беа смирени и меки.

Стоеше со голема платнена торба во рацете и гледаше во далечина, како да чека некого, а не автобус.

Палтото и беше толку жолто, што изгледаше како сончев зрак во сивата толпа.

И тогаш се случи нешто сосем обично, ама токму затоа и толку големо.

Пред неа стоеше постара жена со бастун, која се мачеше да го отвори чадорот. Ветерот и го вртеше наопаку, рацете и се тресеа, а луѓето како и обично - само минуваа крај неа. Некои дури и ја заобиколуваа, за да не се задржат. Колку сме станале студени, си помислив и веќе бев тргнала кон неа. Но, жената со жолтото палто беше побрза од мене. Беше блиску, сосем до неа. И се доближи и се насмевна и без збор, само со оној тивок инстинкт на некој кој знае дека треба да помогне, ја исправи рачката на чадорот, го отвори внимателно и ѝ го подаде. Се насмевна пак, онака едноставно - како да се поздравуваат стари пријателки.

Постарата жена ѝ рече нешто, не ја чув, но видов како и двете се насмеаја. Потоа стојеа една до друга и потоа и дојде автобусот на “Жената со жолтото палто.“.

Се качи и и мафна од автобусот.

Толку беше, можеби половина минута траеше оваа сцена. Но јас, стоејќи таму, малку подалеку, не можев да го тргнам погледот. За мене ова беше филм. Не знам зошто толку многу ме погоди. Можеби затоа што во последно време многу ретко гледам добрина што не е за слика, или статус за фејсбук.

Кога дојде мојот автобус, се качив и ја видов повторно, неколку станици подоцна. Се симнала. Палтото и светкаше меѓу темните јакни и сивите лица. Светкаше и таа помеѓу сите овие нијанси на умор.

Додека автобусот се тркалаше низ градот, ги набљудував луѓето. Некој читаше пораки, некој гледаше во ништо, некој држеше кеса со леб. И си помислив колку различни приказни се собираат во едно возење. Колку тивки животи се допираат без да се забележат.

Ми беше чудно, убаво чудно. Мислам дека одамна не сум се чувствувала толку “обична“, а во исто време толку присутна. Без камери, без притисок, без распоред. Само јас, градот и жената со жолтото палто.

Кога автобусот стигна до мојата станица, се симнав и погледнав уште еднаш околу луѓето на автобуската.

Како да сакав пак да ја видам. За да го видам тој нејзин спокоен поглед и израз. Се разбира дека не беше тука. Но беше во мене. Во моите мисли и чувства

И тогаш ми се јави мислата, ете зошто требаше денес да се возам во автобус. За да ја сретнам жената со жолтото палто и да си ја потврдам мислата дека убавината не е секогаш во големите нешта.

Можеби не можеме да го смениме светот. Но може секој од нас да му го осветли денот некому. Со насмевка, со еден збор, со гест што никој нема да го забележи. И можеби токму тие невидливи нешта се оние што навистина го држат светот на место.

Кога стигнав на работа палтото ми беше сеуште пред очи. Не по боја, туку по чувство.

Жолтото како симбол на нешто топло и светло, нешто што сите го носиме во себе, само треба да се сетиме дека е таму. 

За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се исклучиво лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: