Почна првата фаза од снимањето на филмот за Тоше Проески- ова се деталите

Добивај вести на Viber

Со љубов и голема почит започнаа подготовките за игран филм, серија и документарец посветени на Тоше Проески.

Почна првата фаза од процесот, во која се собираат приказни, сведоштва, снимки, фотографии и сеќавања – за да се исплете вистинската слика за човекот кој со својот глас ја обои душата на целиот народ.



„Се работи внимателно, со голема љубов и одговорност. Проектот се реализира во неколку фази, со една јасна цел: да се создаде уметничко дело достојно за него, човекот, пријателот и уметникот кој остави неизбришлива трага во срцата на сите. Зашто тој беше, и останува, поголем од сите нас. Во тек е првата фаза на подготовките, во која се собираат информации, сведоштва и материјали за животот и делото на Тоше. Тимови разговараат со неговите соработници, пријатели и луѓе кои го познавале најдобро – за да се прикаже вистинската слика за него како личност, музичар и хуманист. Се собира секој детаљ што ќе помогне да се покаже вистинскиот Тоше – скромен, искрен, топол, а сепак величествен. Ќе се создаде нешто што ќе остане- вели Пеце Талески првиот човек  на „ОХО“ продукција.

Сè уште не се објавени детали за актерите и сценариото, но подготовките се одвиваат темелно и со голема посветеност. 

Проектот ќе се реализира во рок од две години, а интерес за вклучување веќе покажале и копродуценти од соседните земји. Очекувањата се филмот и серијата да бидат резултат на регионална соработка, како што Тоше и самиот со својата музика ги спојуваше народите на Балканот.

Носител на проектот е Македонската радио-телевизија, а првите финансиски средства се обезбедени од македонскиот буџет,  преку Министерството за дигитална трансформација.

Покрај филмот, серијата и документарец, во план е и создавање музичко шоу за млади таленти што ќе го носи името на Тоше Проески – како симболична продолжба на неговата мисија да ги поддржува и инспирира младите..

С.А.Н