Сега пеат горе, заедно – Панчо, Андреј и Тоше, химна на едно време

Денеска Македонија повторно тоне во тишина. Тажна, немоќна и празна – пред погребот на Панчо од ДНК, човекот кој со својот глас и енергија беше симбол на младоста, пријателството и љубовта.
Тој замина завчера, само неколку месеци по неговиот најдобар пријател и сценски брат Андреј. Денес двајцата се повторно заедно, таму горе, каде што, како што велат нивните фанови, „ќе пеат со ангелите“.
Симболиката е болна – токму на денешен ден, 16 октомври, кога пред 18 години во страшна несреќа го загубивме Тоше Проески, Македонија повторно губи музичка легенда. И како да се затвора еден круг – круг на добри луѓе, на неискажана добрина, на музика што лечеше души и спојуваше генерации.
Во последната песна на ДНК, „Ако утре ме нема“, стиховите денес добиваат пророчко значење:
„Ако утре ме нема, немој да ме жалите,
труби викнете, за мене свирете…
Нек се кршат чаши, нек се носат флаши,
само нек се игра, нек се пие, нек се слави.“
Но тешко е да се слави кога се губат вакви луѓе. На социјалните мрежи илјадници следбеници оставија пораки кои го кршат срцето:
„Не можеа еден без друг и си отидоа еден по друг.“
„Уживајте горе заедно, ова долу не е место за добри луѓе.“
„Нема да ја слушам повеќе со исто срце оваа песна…“
„Панчо, поздрави го Тоше. Слава ви, јунаци.“
„Згасна една ера, згасна младоста на една генерација.“
Тие што ги слушаа нивните песни растеа со нивните стихови. Денес, тие стихови болат, но и потсетуваат дека добрината и љубовта никогаш не умираат.
Тоше, Андреј, Панчо — три имиња што остануваат засекогаш впишани во истата небесна строфа.
Нека свират трубите таму горе, нека пеат ангелите со вас.
Вие не заминавте – само се преселивте таму каде што музиката никогаш не престанува.
Вечна слава и благодарност.
РЖМ/Ирена С. - Фото: социјални мрежи