КАДЕ Е МАКЕДОНСКИОТ? Еве кои се најмоќните пасоши за 2025 година

Добивај вести на Viber

Листата на најмоќни пасоши се изменува од година во година, но минимално. Се мери по слободата, односно каде граѓаните може да патуваат без да им биде побарана виза.

На првото место се најде Сингапур, чии граѓани може слободно да патуваат во 193 земји. Следна е Јужна Кореја, со 190, а трета е Јапонија, со 189 земји каде граѓаните можат да отидат без виза. 

Четвртото место го делат Германија, Италија, Луксембург, Шпанија и Швајцарија, чии граѓани без виза можат да посетат 188 дестинации. Петтото место, со 187 земји го делат Австрија, Белгија, Данска, Финска, Франција, Ирска и Холандија. Следуваат Грција, Унгарија, Нов Зеланд, Норвешка, Португалија и Шведска, со чиј пасош не е потребна виза во 186 земји, а жителите на Австралија, Чешка, Малта, Полска ја имаат таа можност во 185 држави. Соединетите Американски Држави пак, оваа година паднаа на 12-то место. 

Македонија годинава е на 42 место - нашите граѓани може да посетат 129 држави без да биде потребна виза. 

На дното на листата се Авганистан, со 24 земји, Сирија со 26, Ирак, чии граѓани можат да отидат без виза во 29 држави и граѓаните на Пакистан и Јемен, со 31 држава.