„Прекрасни хумани луѓе кои секогаш несебично учествуваа во сé што значеше да се помогне некому“: Училиштето каде учеше Панчо со последно „збогум“

Основното училиште „Љубен Лапе“ со длабока тага се прости од својот поранешен ученик Владимир Блажев — Панчо, член на музичкото дуо ДНК, кој почина по долга и тешка борба, скоро седум месеци по трагичната несреќа во Кочани.
Од училиштето каде што Панчо ги помина своите први ученички денови, денес пристигнаа искрени зборови на почит и благодарност. Колективот го изрази своето жалење за прераната загуба на личност која остави неизбришлив траг и во музичката сцена и во срцата на многумина.
Училиштето потсетува и на хуманитарните ангажмани на ДНК, како бенд кој редовно се вклучуваше во иницијативи за помош, особено кога стануваше збор за деца.
„Никогаш не одбиваа покана за поддршка, концерт или акција. Со нивната музика и присуство внесуваа надеж, радост и сила. За нас, Панчо беше повеќе од музичар — беше наш горд поранешен ученик и пријател.“
Неговата борба по несреќата ги обедини многумина низ земјата кои се надеваа на чудо. За жал, исходот беше трагичен. Неговото заминување остави длабока празнина, но и сеќавање на еден млад човек кој живееше за музиката и за луѓето околу себе.
Колективот на „Љубен Лапе“ му оддава последна почит:
„Вечна слава, Панчо. Ќе те паметиме со љубов и благодарност.“
РЖМ - Г.Д.Г
Фото: Фејсбук