„Го гушкав и му зборував сè што не си кажавме цел живот“: Сопругата на Панчо со порака што ја скрши тишината

Болката што ја носи загубата нема мерка. А зборовите на Мајa, сопругата на Панчо од ДНК, го докажуваат тоа на најчовечки можен начин.
Во емотивен коментар под објава на социјалните мрежи на страницата на болницата Аџибадем Систина, што ја растажи цела Македонија, таа напиша:
„Вие бевте тие што ми дадовте 7 месеци можност да се гушкаме и зборуваме сè што не си кажавме цел живот. Ви благодарам за секоја секунда посветена од сите вас како болница која ми станавте и втор дом во изминатиот период. Нема зборови и нема утеха, а знам дека сте и вие скршени од болка...“
Во неколку реченици, Мaja ја пренесе најдлабоката болка – онаа на жената што се борела рамо до рамо со својот човек. На жената што до последен здив се надевала, молела, гушкала, чекала чудо.
Седум месеци – долгите и тешки денови по трагедијата во Кочани – биле нејзината најтешка, но и највредна битка.
Нема поголема љубов од онаа што стои крај креветот, што се надева секое утро и што шепоти „ќе бидеме добро“ дури и кога срцето се распаѓа.
Таа љубов е безгласен крик што не се слуша, но се чувствува со цело тело.
Со заминувањето на Панчо, згасна музички глас што ги обединуваше луѓето, но засветли една човечка приказна – приказна за љубов, посветеност и тишината што останува зад неа.
Мајa, со своите зборови, ја допре секоја жена што некогаш љубела со сè што има.
Затоа што во тие неколку реченици има цела вселена – болка, љубов и благодарност.
РЖМ/Ирена С.
Забрането преземање авторски содржини од Женски магазин