„Не се изедначувајте со Европјаните“: Високи казни за патниците од Македонија кои ќе се обидат да преминат преку ЕУ премините на границите

Добивај вести на Viber

Балканците и граничните премини — стара приказна што често завршува со парична казна. 

Иако правилата за влез во Европската унија се јасни, многумина сè уште се обидуваат да ги заобиколат, особено во летните и празничните гужви.

Според правилата, ако лице кое не поседува пасош на ЕУ се обиде да помине низ „EU Citizens“ на граничен премин, може да добие казна од 60 евра. Ако казната се плати веднаш на лице место, износот се преполовува на 30 евра, но самата процедура може да потрае и да предизвика дополнителни нервози, чекање и задржување на преминот.

Во случај кога една личност во возилото има ЕУ пасош, а другите патници се од земји надвор од Унијата, групата не смее да користи EU излез/влез — мора да застане на редот означен како „All Passports“, каде се пропуштаат сите патници, без оглед на државјанството.

Ова правило многумина го игнорираат, надевајќи се дека ќе поминат „на брзина“, но граничните власти сè почесто реагираат со парични казни и проверки.

Надлежните апелираат на патниците да ги почитуваат означените ленти и да ги следат упатствата на граничната полиција за да избегнат непријатности, одложувања и непотребни трошоци.

Со други зборови — обидот да се помине преку ред може да излезе поскап отколку што вреди.

Извор: EPA / Freepik