МАКЕДОНЦИТЕ НЕ СЕ ОТКАЖУВААТ ОД ПРАВЕЊЕ ЗИМНИЦИ: Ги прашавме странците дали прават ајвар, туршија, џем?

Добивај вести на Viber

Македонците иако често се жалат поради скапотијата, сепак не се откажуваат од правење зимници. Секоја есен, подготвуваат ајвар, туршија, слатко, компот, конзервираат намирници кои ќе ги консумираат во зима. Словенката Ана Порента вели дека во нејзината земја подготвуваат и ајвар, иако тоа како што додава не е нивен оригинален рецепт.

„Ние исто така правиме зимници во Словенија. Тука, тоа е претежно кисел зеленчук: кисели краставички, пиперки (кои не ги печеме), зелка, репа, цвекло, доматен сос, печурки... и секако, готвиме компоти и правиме овошни џемови. Правиме многу различни кисели зеленчуци, правиме и ајвар, но ова не е нашиот оригинален рецепт“, рече Порента.

Вилма Коеро Борга од Торино од Италија објаснува дека само дел од населението ги практикува традициите да подготвува зимница. Додава дека постарите луѓе најчесто прават зимница.

„Сепак постојат луѓе кои ја почитуваат традицијата и ги користат доматите за да прават сос, да ги конзервираат. Херметички ги затвораат, ги конзервираат за да ги консумираат во текот на зимата. На сличен начин се конзервираат овошја, и други видови зеленчуци. Сета таа храна во тегли потоа се користи во зима или во остатокот од годината. Има и модерни семејства кои тоа не го прават, но среќни се оние кои имаат родители, баби, дедовци кои подготвуваат ваква храна која се јаде во сезоната кога е студено“, објасни Коеро Борга.

Билјана Василева, Македонка која живее во Хрватска со својот партнер, вели дека тој е воодушевен од македонската храна, но во Загреб немаат навика да спремаат зимници и затоа земаат по неколку тегли ајвар од Македонија.

„Јас сум на релација Хрватска-Австрија, сезонски и немам доволно време за да ја запознаам културата на Хрватите и на Австријците, само знам дека толку брзо се живее, посебно во големите градови, Загреб, Сплит, Виена, што едвај се има време за до маркет, а не за зимници. Можеби во помалите места и села во Хрватска прават зимници. Знам за нашинците каде и да се во дијаспората, прават наша зимница“, рече Василева.

Божена Вељковиќ, со потекло од Полска, а мажена во Србија вели дека толку зимница како што се прави на Балканот, такво нешто не се практикува во Полска. Додава дека прават кисела зелка, краставнички, а понекогаш мелат домати, но како што наведува тоа генерално го прават луѓето на село.

„Некогаш се правеа сокови, џемови, а денес многу ретко. Домаќинките на село веќе немаат бавчи и кажуваат дека не им се исплати. Јас работам како туристички водич и ретко сум дома, имав своја бавча со домати и краставици, а ајварот и другите зимници ми останаа во сеќавање од времето кога семејството беше заедно“, рече Вељковиќ.

Друга девојка од Полска вели дека пиперки, краставички и цвекло ставаат во тегли. За зима спремаат зелка, а подготвуваат и скокови и џемови.

Ајварот е нешто по што Македонија е препознатлива. Многу туристи кои ја посетиле земјава, го пробале и македонскиот ајвар и најчесто имаат пофалби. Секоја година македонските граѓани се жалат дека цените се високи, но сепак прават зимници. Оние кои немаат време, а сакаат домашен ајвар, истиот го купуваат од домаќините кои прават ајвар по нарачка. Зимницатае еден од најстарите начини на конзервирање на храна.

Сања Атанасовска за „Фактор