Слетав на аеродром од непозната земја со празен џеб и еден куфер на 55 степени: Ангела Николовска, ќерка на Фуфо, за животот и успехот во Катар

Во свет каде што најлесно е да останеш таму каде што ти е познато, вистински подвиг е да го избереш непознатото. Ангела Николовска е една од оние жени кои со куфер полн со неизвесност, но со душа полна со верба, тргнаа во непозната земја и си создаде свој дом, бизнис, систем и најважно од сè внатрешен мир.
Од првите денови во Катар, кога културолошкиот шок бил посилен од жештината, до денес кога со хумор, храброст и искреност инспирира илјадници свои фанови на социјалните мрежи – нејзината приказна е доказ дека ништо не е случајно и дека животот е процес на постојано учење, простување и издржување.
Ангела, ќерка на Љупчо Николовски- Фуфо, поранешен сопственик на легендарни скопски локали, гради успешна кариера во Катар, со сопствениот бренд – сончогледово масло „Мако“.
ЖМ: Актуелни сте на социјалните мрежи по видеата со различна тематика, преку кои на многу интересен начин вашите следбеници ја запознаваат земјата каде што живеете и работите, Катар. Ако тие можат да променат нешто – што би сакала тоа да биде?
-Би сакала луѓето да станат поотворени кон светот. Да сфатат дека можеш да живееш и да успееш било каде, ако имаш храброст да го направиш првиот чекор.
Преку моите видеа сакам луѓето да видат колку е убаво да се запознаваат различни култури и дека Катар не е само богатство и луксуз, туку и место со големо срце и дисциплина што може многу да нè научи. А најмногу од се, сакам да се обидам да пренесам една порака дека -ние сме сите едно, колку и тоа да звучи како клише. Залудно си го трошиме времето делејќи се по основ на политичка определба, националност, навивачи на спортски клубови и.т.н. А, можеме заедно да уживаме во едноставноста.
ЖМ:Периодов вашите видеа претежно беа пародии за изборите. Колку е важно за вас преку хумор, да зборувате за нешто што обично се смета за сериозно?
-Хуморот е моето оружје и мојот штит. Со него можам да кажам сè, и вистината, и болката, и апсурдот. Пародиите се начин да им покажам на луѓето дека може да се размислува различно и да се смее во исто време. Ако преку една шега некој се замисли подлабоко за она што меѓу редови сакам да го кажам, тогаш сум ја завршила работата подобро од било каква „сериозна“ дебата.
ЖМ: Која беше Ангела која слета на аеродром во една богата, сосема непозната држава?
-Тоа беше една Ангела со многу стравови, но уште повеќе верба. Немав ништо освен куфер и желба да започнам од нула. Денес, кога ќе се сетам, ми доаѓа да ѝ кажам на таа Ангела: „Добро направи што не се откажа.“Сè што следеше, борбите и падовите, како и успесите беа дел од патот кон жената што сум денес. Минав низ сито и решето, сама, во нов свет, нова култура, нова религија. Едноставно ништо ни малку слично на она што го познавам.Сега сум горда што сето тоа „машки„ го издржав и сеуште го издржувам, но и среќна што ги добив тие животни "шамари" што ме научија многу и ме направија посилна од било кога.
ЖМ: Културолошкиот шок е дел од почетоците на животот во нова земја. Што ве погоди најмногу, а што ве воодушеви?
-Да бидам искрена, кога слетав да можев ќе се вратев со истиот авион: беше 13 јули 2013 година, кога температурата е 55 степени, влажноста на воздухот за мене неиздржлива. Згора на сè, беа Рамазански пости. Едноставно, апсолутен културолошки шок. Нетрпелива сум, работам брзо, не сум со милиони во џебот, па ајде ќе завршиме работа кога, тогаш. Едноставно секоја минута ми е важна, а тука времето не тече како кај нас. Сè е побавно, сè е турни ме да кинисам, сите секаде доцнат по 30-40 минути. Долго ми требаше тоа да го прифатам. Но, затоа пак е многу поуредено и со многу правила. А најмногу ме воодушеви токму тоа, редот, чистотата, почитта кон жените.
Тоа чувство дека живееш во систем каде што сè функционира е нешто што ми даде дисциплина што ја немав претходно.
ЖМ: Денес зборуватесо многу почит за Катар и редот што владее таму. Како би го опишала животот во оваа земја?
-Животот во Катар е дисциплиниран, организиран и исполнет со чувство на сигурност. Овде ништо не е случајно, сè има ред, систем и почит. Можеби за некого тоа звучи строго, но мене токму тоа ми донесе мир и структура во секојдневието. Катар ме научи дека успехот не е само во работа, туку во начинот на кој со трпение се почитуват обврските и другите луѓе.
Овде научив што значи вистинска стабилност и вредноста на зборот „ред“. Не знам дали би живеела тука на мои 20 години на пример. Нема журки до пет наутро, нема алкохол во маркети или кафулиња, туку само во барови и ресторани во хотели со 5* кои имаат лиценци. Е, сега, некој ќе рече тоа е досадно, ама не е. Особено за луѓе над 40 на кои приоритетот им е мирот, а не секој викенд одење на фестивали. Да не ме сфатите погрешно, кој сака, има каде да оди. Редовно доаѓаат познати диџеи. Еве сега ќе гостува и „Металика“ за време на одржувањето на Формула1 на крајот на ноември. Во декември ќе има арапски фудбалски куп. Постојано има саеми од секаја област. Трговски центри, молови, има на секој чекор, кој од кој поубав. Плажи и активности на вода. Е сега, како и во секоја земја, така и во Катар, за безгрижен живот треба и малку повеќе пари.
ЖМ: Која е најголемата лекција што ја научивте – не во бизнисот, туку во душата? Во што најмногу се променивте – и што остана исто во вас, без разлика на сè?
-Научив дека ништо не се случува случајно и дека секој човек што ќе го сретнеш носи некаква лекција. Некој те учи на трпение, некој на граници, а некој на љубов без очекувања. Научив и дека не мора сè да контролирам, дека понекогаш треба само да им верувам на процесите, дури и кога не ги разбирам. Се променив во тоа што денес имам повеќе мир, не се борам со секоја ситуација, гледам пошироко, повозрасно, посвесно. А,тна што остана исто е мојата упорност и вербата дека кога нешто силно сакаш, ќе најдеш начин, дури и ако целиот свет ти вели дека е невозможно. Психички, од каде да почнам. Од еден човек на кој секогаш другите му беа виновни, секогаш спремна да влегува во дуели, да го користи хуморот само како одбранбен механизам во секоја ситуација дури и да навредам некого, станав некој што пред сè научи да простува, да брои до десет, да бара добро во луѓето затоа што верувам дека има добрина во сите.
Сега сакам да сум само искрена, дури и кога грешам. Понекогаш таа енергија што ја имам во себе, вистински ме тера ако можам сите да ги гушнам затоа што некогаш само тоа е потребно. Не сум Мајка Тереза, но лично, а и тие околу мене гледаат големи промени.
ЖМ: Како успеавте да пронајдете место на пазарот во Катар каде што се нудат многу скапи и луксузни производи? Кој беше башиот „таен рецепт“ за пробив со сончогледовото масло ?
-Пред да направиме сопствен бренд за маслото под име „Мако“,веќе имав фирма во Катар, која ја отворив во 2016 година. Увезувавме 280 македонски производи.
Поради застој во наплати, побарувања и слично, моравме да смениме концепт и договорот што ги имавме како локален дистрибутер, да го смениме под секторот за импорт. Со мојата партнерка од Македонија, отворивме фирма во Скопје. Почнавме со скапи производи, но доколку немате во палетата на производи барем 2-3 FMCG , брзо продавачки производи што всушност ви ги покриваат месечните трошоци, ништо не правите. Тоа беше мојата прва грешка.
Сега, пред да се вратиме на тие органски, безглутенски и останати здрави производи, мора прво добро да се пласираме на пазарот со производи како масло, шеќер, кондиторски производи и слично. Има неколку брендови од Македонија што ми останаа во срце, па што сака нека биде, ќе ги вратиме на овој пазар.
ЖМ:Како Ве гледаат во Катар – како жена претприемач од Балканот? Имате ли чувство дека мораш да се докажувате повеќе само затоа што сте жена?
-Прво им беше чудно од каде никна тука бела жена да работи ваква работа, дистрибуција на храна. Затоа што во Катар храната ја работат воглавно Индијци и сите се врзани. Требаше да поминат години да ме „примат„ во нивно друштво и потоа, знаете како е, една препорака, друга препорака и се тера. Сега проблем се ниските цени што тешко се наоѓаат, ама ние секогаш работиме на нешто ново. Да бидеме пред времето, зошто во спротивно никогаш нема да можеме да бидеме конкурентни.
ЖМ: Каде го наоѓате мирот кога сè станува премногу?
-Порано мислев дека го наоѓав во алкохолот. Секогаш кога нешто ќе згусне, бегав на тој начин.Но, си правев само полошо, затоа што после тоа два дена се криев од грижа на совест. Целосен мир во оваа работа нема, можеби ден, максимум два, но не повеќе. Постојано има движење, нова нарачка, нови уплати, исплати, нови документи, утовар, истовар, па нешто недостасува и.т.н. Ако мене ме снема повеќе од два дена, веднаш делува како некого да сум измамила, постојано некому се поднесуваат рапорти. Но, сум се фатила на орото, па мир ќе најдам во пензија веројатно.
ЖМ: Што би им порачала на жените кои се чувствуваат „заглавени“,се плашат да направат чекор кон нешто ново?
-Луѓето, особено жените многу тешко се решаваат на ваков чекор. Си имаат своја зона на комфорт и многу тешко излегуваат од неа. Моја препорака е не чекајте одобрување, не чекајте туѓа поддршка, ретко кој ќе ви ја даде.Тоа е тажна вистина. Само фокус, самомотивација, верба во успех, дисциплина и пет пати мерите, еднаш сечете кога се парите во прашање. Исто така, неколку пати се понудив да дадам бесплатни совети на оние кои се двоумат. Точно дека сум имала и банкроти и падови, но тоа им се случувало и на милионерите и билионерите. Мојот совет не значи дека ќе имаат успех преку ноќ, но барем ќе им помогнам да ги прескокнат стартните грешки што секој од нас ги прави. САМО НАПРЕД.
ЖМ: Што научивте од Вашиот татко, што ви помогна во бизнисот?
-Сè она што е насочено кон бизнис, научив само од него. Тој ме учеше да работам секој распуст барем по 4 часа. Да продавам сладолед, да правам кафиња и слично, инаку нема одмор. Значи, рано стекнатата работна навика ја научив од него. Тогаш ме нервираше, сега сум му благодарна. Научив да помагам дури и кога нож ќе ти забодат во грб и научив дека на крај секогаш си оставен сам на себе. Научив дека никогаш не е доцна да се исправиш. Ми помагал цел живот со нековите искуства и секако финансии додека можел. Многу време ми требаше да си признаам пред себе и пред него дека тој е сеуште над мене и веројатно така и ќе остане. Имаше период кога мислев дека можам да го надминам без негова помош, ама сепак неговото школо ми е повеќе од важно, особено сега.
Му благодарам за секоја искрено дадена насока, секој даден контакт кога и да ми е потребен и за љубовта што ретко си ја искажуваме, јас јарец во хороскоп, а тој лав. Ама си знаеме.
А од мајка ми, со која пораснав, бидејќи моите се разведени од мојата втора година, научив за спиритуалноста, зошто во животот никако не смееме да се фокусираме само на материјалното и да трчаме само по пари и по цена на здравјето. Кога би ги споила во едно, мојата мајка и татко, се мојот животоен баланс.
Соња Алексоска Неделковска