ТРЕБА ДА ЗНАЕШ КОГА ДА СИ ЗАМИНЕШ

Не постои нешто што повеќе ме исполнува со
радост и енергија од дружбата со луѓето кои ми значат, или со негување на стари
но и нови пријателства кои ми доаѓаат како освежување. Истовремено, не постои
нешто што повеќе ме исцрпува и ме прави да се чувствувам како исцедена крпа од
односи со луѓе кои знаат само да бараат, изнудуваат, манипулираат за да го
добијат тоа што им треба или тоа што им е неопходно за да се чувствуваат важни
во нечиј живот. Најинтересно е дека (барем од моево искуство) никогаш таа глад
и жед за внимание не се намалува ниту запира, ами зема поголем замав. Тоа се
луѓето кои ги нарекувам “голтачи” на енергијата, време или што и да е што можат да
присвојат, земат, украдат од вас. И ако не сум знаела да се дистанцирам навреме
пред да го јадам стапот за три животи, сега барем знам од 5 такви, барем
два-тројца да намирисам и да се тргнам навреме. Да, мене тоа ми бил најголемиот
проблем со ваквите луѓе. Одамна ме напушти утопијата дека ако си доволно чесен,
искрен и добар, ќе поттикнеш некој да се смени на поарно. Сега сум свесна дека
дел од таа илузија е и суета или чувство на поголема вредност, демек, еве јас
сега (мајкава Тереза) ќе ви покажам како со добрина се менуваат луѓето. Како па
да не!
Значи, откако сфатив дека мојата суета и не била баш така наивна, оти нема ништо пострашно од тоа да имате комплекс на спасител, прво ми беше тешко да се помирам дека воопшто и сум го имала. Ми требаше време, работа на себе, соочување со сопствените слабости, комплекси (што од висока, што од ниска вредност) и многу голема дисциплина за да почнам да излегувам од тој круг. Побогу, па јас не сум можела сама себе да се спасам некојпат од себе а не па другите. Научив дека е многу, ама многу важно да се дистанцира човек од себе, да умее да се гледа и себеси критички, како да се работи за особа која не ја знае и познава. А тоа е многу, многу, исклучително многу тешко. Сепак, сите сме со слабости и на сите ни е полесно да замижеме пред вистината, или да ја обликуваме како ни чини. Е па, откако сфатив дека тоа моделирање на вистината отпосле ме чини ѓаол и пол и дека цената која ќе ја платам е повеќе отколку што сум кадарна да поднесам, си ветив сама на себе дека повеќе ќе ја гледам вистината во очи, отколку да го гледам задникот на лагата. И сето ова убаво вака како одлука, ама за спроведување малку тешкичко. Да не се лажеме, до денешен ден знам така убаво да се насанкам (што од незнаење, што па и свесно оти ми е така убаво во моментот) што после со недели се чудам што ме снашло. Ама ете, пуста човекова природа некогаш за пет пари самозалажување, да плати богатство.
Нејсе, никој од нас не е совршен, дури и оние кои најмногу ги идеализираме или кои се трудат да се прикажат себеси како такви. Заедничко ни е тоа дека сите имаме потреба од внимание, нежност, љубов, топлина. И на сета таа наша несовршеност која има лице на преголема сигурност, несигурност, преголема самодверба, премала самодоверба, дистанцираност, дрскост, бегање од емотивна блискост, цицање енергија, сепак чинам дека она што ни е заедничко на сите, е желбата, потребата, копнежот да бидеме сакани. И не само сакани, ами и прифатени со сите наши слабости, лузни, црнила. Е сега, во сето тоа има една точка во која или ќе се најдеме или нема да се најдеме едни со други. Колку сме спремни да се моделираме сами себе, за да дадеме и добиеме љубов? Да бидеме на чисто. Никој никого не може да смени, ама баш никој никого. Оставете тоа Холивуд и приказните како таа или тој дошле во нечиј живот и го смениле табиетот на партнерот. Абе ај! Човек ако не сака да се смени, ако не му дојде кликот кој ќе направи некаква тектонска промена во него, џабе.
Најголемата мудрост и најдобрата превенција од страдање е човек да знае кога треба да си замине. Многу едноставно, да си ја знаеме мерката за сè. Тешко објасниво е зошто знаеме кога да престанеме да јадеме оти ќе ни се слоши, да престанеме да пиеме оти утрото ќе ни е главата тапан, ама не знаеме кога да си заминеме за да си го сочуваме срцето, ама и достоинството. Кога е доста? Кога е моментот кога треба човек да си каже, но и да му каже на партнерот “збогум, сепак се сакам себеси повеќе”. Дали изреката дека надежта умира последна, е всушност она што ни одмага! Што било тоа што ме држело на едно место, знаејќи дека сепак тоа не е моето место, не е мојот човек, не е мојата судбина. Надежта дека сепак љубовта е сама по себе доволна? Вербата дека бајките можат да постојат и во реалниот живот? Суетата дека јас сум најдобриот избор некому? Потребата да дадам емоции, мислејќи дека се толку скапоцени што ќе бидат и лековити?
Најверојатно е дека било комбинација од сето ова погоре, но и со примеси на други моменти кои биле во форма на страв од самотија, страв од напуштање, страв од тоа дека ќе нема кој да ме сака.
Сакањето некого не подразбира отсакување себеси. Вреднувањето некого не подразбира потценување на сам себе. Водењето грижа за потребите на партнерот, не значи отсуство на грижа за себе. Мислам дека ако човек не е способен и спремен да се љуби себеси, да се вреднува и да се грижи за себе, нема да е способен тоа да го пружи никому. Затоа, соочувајќи се со тоа дека некојпат повеќе сакам да сакам, отколку што навистина сакам...научив да знам кога е време да си ги соберам емоциите, солзите, илузиите, надежите и да си заминам. Да си одам без гнев, без омраза, без натегања кој е виновен. Оти секојпат кога сум си заминала со гнев, сум се удавила во него. Кога сум заминала со омраза, на крај сум завршила со мразење на сопствениот одраз во огледало. Кога сум терала правда кој е виновен а кој бил во право, сум се вртела во круг кој ми одземал време, нерви и бистар ум, на сметка на хаос во главава.
Си одам кога внатре во себе ќе почувствувам дека е бесцелно секое останување. Не дека е некој виновен, не дека е некој светец од нас двајца, не дека еден е жртва а друг џелат. Си заминувам оти знам, гледам дека нема каде понатаму, немам желба, сила, соговорник. Заминувам кога ќе проценам дека не можам да дадам она што му треба на партнерот или на потенцијалниот партнер, но и тогаш кога ќе видам дека некој не сака или не може да ми даде она што мене ми треба. Нема лутиш, нема обајснувања, нема ставања на кантар кој колку, како, што дал или не дал. Пуштање конците од раце (мислам на инаетливото обидување по секоја цена да се опстои во еден однос), застанување во место и вдишување длабоко е можеби и најпаметното нешто што може човек да го направи за себе.
Расчистете со тоа дека заминувањето е како да се кренало бело знаме, па неуспех, па што ќе кажат комшиите, роднините (ако е односот брачен), па онаа мисла “е кај допрва да барам некој” (па и не мора да се бара, нели? Ако дојде, дојде....ако не дојде, тоа е).
Сè што имам научено во животот, научив од свое искуство. Никогаш не бев доволно мудра или не бев доволно способна да излезам од убедувањето дека ако не сетиш нешто на своја кожа, нема шанси да го научиш. Повеќето работи кои ги пишувам како исповеди, споделувања или сознанија, не ги пишувам за да ви кажам како треба, да ви дадам пократок пат или да се правам многу паметна. Ги споделувам за да знаете дека сите минуваме низ истите дилеми, лекции, болки, страдања. Никој не е поштеден од оние, помалку убавите работи кои ни ги носи животот. Но, ако можам со ова писание некому да покажам дека “не се грижи, не си сам/а”, тогаш сум раат. Оти колку и да ви се случува нешто што ви изгледа нерешливово моментов, комплицирано и болно, да знаете дека во истиот тој миг и многу други луѓе минуваат низ истото. Можеби и не е утеха, ама доволно е за да знаете дека сите сме кршливи, нежни и боледуваме од исти болести. Ете, некогаш сознанието дека не сме сами е најголемата помош која може еден непознат човек да ви ја даде.
Да сте ми живи и здрави, ви подарувам песна.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Секоја љубов почнува како на филм
Како најубавата бајка да се чита
Со крај во кој секогаш пишува
“си живееја среќно и весело до крајот на животот”
Секоја љубов почнува со магија од допири
Со неговиот телото ти оживува
А од твојот, срцето негово забрзано чука
Та се џарите еден во друг ко улави
Дали имате 15 или 50 некако истото е
Се пиете со очи
Си ги голтате зборовите
Во умовите веќе сте без ниту едно парче облека
И телата ви итаат едно кон друго
Ех
Секоја љубов е како нов живот кога се раѓа
Чиста и неизвалкана од секојдневие
Мирисна и певлива како омилената песна
Пенлива како најубавото вино
Ама пусто ретко кога таквите љубови
Завршуваат со “до крајот на животот”
Та после години ете се раскарале
И секој на своја страна заминал
Како на крстопат да застанала љубовта
Како воз да е од која патниците се симнуваат
И секој својот пат си го фаќа
Влечејќи го куферот полн горчина и тага
И пусто време полека си врви
Ко за инает никако да мрдни
Оти само времето има време на претек
Та тешко се преболуваат љубовите кои сме ги зачнале
И години ќе изврват дур да се заборавиме
Или барем да се подзалажеме оти веќе не се сакаме
Та во некој сосем безначаен миг ќе се сретнеме
И чудно
Никојпат обајцата не сме уште вљубени или одљубени
Туку ко судба некоја да е
Секогаш едниот уште љуби
А другиот веќе својот пат го делка
Качен на друг воз кој кај друга љубов го носи
Та на тие средби или ко попарен си
Душата мислиш на конче за телото ти се држи
Ко балон да е што секој миг ќе одлета
И рацете ти се тресат
Гласот ти трепери
И колку повеќе да глумиш се обидуваш
Толку повеќе понесреќен изгледаш
И знаеш
Си знаеш дека очите те издаваат
И дека во гласот ти се надзира бол
И го гледаш оној карши тебе
Истиот тој кој се’ ти бил
И кому си била центар на светот
Го гледаш оти му минало
Оти љубовта ваша не ја памети
Погледот му шета околу
Рацете мирни му се
А ти само сакаш да избегаш некаде
Каде што ќе се скриеш и исплачеш
Каде ќе можеш да се збогуваш
Не со него
Туку со својата надеж
Со љубовта за него
Со заветот дека ќе се чувате
За подолго да си се имате
И само се завртуваш
Го оставаш среде збор
И со полунасмев дофрлаш оти брзаш
И во себе се помолуваш да не се сопнеш од нешто
Оти очите насолзени ти се
И бегаш
Подалеку...што е можно подалеку
Од една приказна во која имало сè
Сè освен среќен крај