Исчезнала среде бел ден во населено место, повеќе од една година не е позната судбината на Злата Јанкова: Потресна исповед на сопругот Дејан

Повеќе од една година семејството Јанкови живее во надеж дека на вратата од семејниот дом ќе се појави Злата, сопруга и мајка на две деца.
Иако помина повеќе од една година од кога последен пат Злата е видена, семејството смета дека таа е жива, но поради малата заинтересираност на институциите потрагата се води бавно и неефикасно. Нејзината судбина повеќе од година дена е непознаница за семејството, поради што тие секојдневно живеат во агонија и страв.
Дејан, сопругот на исчезнатата Јанкова, вели дека не се сомнева дека Злата би си наштетила себе, зошто немале никакви семејни проблеми, ниту конфликти кои би ја навеле на таков чекор. Таа била посветена мајка на двајца синови и центарот на нејзиниот свет било токму семејството.
-30 години живеевме заедно со Злата, никогаш не сме имале несогласувања, заедно работевме и се боревме да ги изведеме двете деца на пат. Откако ја нема Злата, кај нас дома е сѐ запустено, владее молк и страв, низ солзи раскажува сопругот Дејан во разговор за „Женски магазин“.
Дејан се присетува и дека тој ден, кога Злата последно била видена, бил сосема вообичаен ден. По попладневниот одмор, тој заминал да работи на пластениците, додека Злата тргнала да оди накај дома, бидејќи ја чекале домаќински работи што требала да ги спреми, како мајка на два сина, била доста посветена на одржување на хигиената во домот, раскажува Дејан.
По нејзиното излегување од куќата, Злата била видена од една сосетка и тоа е последното нејзино појавување. Нејзиниот сопруг не знаеше дали сосетката е испитана во истрагата, но вели дека истрагата по Злата, официјално од страна на МВР е поведена дури 8 дена по исчезнувањето. За 8 дена, можело да се случи сѐ, дури и важни трагови за истрагата да бидат оштетени од временските прилики.
Семејството е незадоволно од тоа како се води истрагата, велат дека неколку пати апелирале до МВР и надлежните институции да го лоцираат нејзиниот мобилен телефон, кој бил достапен скоро 24 часа по нејзиниото исчезнување. Досега тоа не е направено, а не е лоциран ниту сопственикот на „голфот“ на кој семејството најмногу се сомнева дека е вмешан во нејзиното исчезнување.
Од друга страна, на социјалните мрежи, неговиот брат, деверот на исчезнатата Јанкова постојано споделува апели за информација за исчезнато лице. Но за жал, тие поминуваат како да се пуштени низ ветер, семејството вели дека мала е заинтересираноста и на медиумите.
Само неколку новинари досега го контактирале и смета дека доколку неговата сопруга била некоја помоќна жена, сите со поголема сериозност ќе го сфателе случајот, како чесно работничко семејство кое нема врски, ниту статус, оставени се сами на себе и тоа е една голема неправда која ја прават институциите и општеството.
Потрагата е сѐ уште во тек
Од МВР досега протекоа малку информации во јавност околу тоа што е преземено во истрагата која се води повеќе од една година. На официјалната страница на Министерството за внатрешни работи во делот за исчезнати лица впишани се и податоците за Злата Јанкова.
Од МВР за „Женски магазин“ испратија известување околу текот на истрагата која се води за исчезнатата Злата Јанкова.
Ве информираме дека по пријавување на изчезнатото лице Злата Јанкова, од страна на Министерството за внатрешни работи преземени се низа мерки и активности за нејзино пронаоѓање. Распишана е меѓународна објава, извршени се неколку увиди во просториите и помошните објекти во с.Орел кои ги користеле изчезнатата и нејзиниот сопруг, извршено е анкетирање и разговарано е со повеќе лица (пријатели, роднини, колеги, соседи), извршен е преглед на терен со кучиња како и со дрон во с.Орел, направени се оперативни проверки во такси компаниите на подрачјето на Свети Николе.
Исто така копнено а и со чамец е извршен преглед на брана Мавровица, крајбрежјето како и проверки во напуштени куќи, атар на селото, бунари и др.
Воедно, Ве информираме дека од страна на МВР се земени и дадени на вештачење предмети, брисеви, извршено е и полиграфско тестирање. Обезбедени се и видео снимки од Државни патишта, проверки во базните станици како и на телефонски броеви, проверки на Граничните премини.
Потрагата по лицето Злата Јанкова е сеуште во тек, од страна на Министерството за внатрешни работи се преземаат мерки и активности за нејзино пронаоѓање, велат од МВР.
Како е можно повеќе од една година да не се знае судбината на лице кое исчезнува во 21 век во населено место?
Случајот со исчезнувањето на Злата Јанкова отвора болно прашање за степенот на одговорност на институциите во Македонија. Дали станува збор за институционална негрижа или за поединечен недостаток на ангажман, не е јасно, но фактот дека повеќе од една година подоцна нема одговори, зборува многу.
Во 21 век, исчезнување на лице во населено место и неразјаснета судбина со години, претставува сериозен системски неуспех. Семејството Јанкови секојдневно ја живее својата агонија, без јасни одговори и без чувство дека државата стои зад нив.
Јавноста, пак, останува без информации и со впечаток дека правдата не е еднаква за сите. Судбината на Злата е непозната, но уште пострашно е што довербата во институциите со секој изминат ден сè повеќе еродира. Овој случај е опомена дека секое човечко исчезнување мора да биде приоритет, а не статистика.
Магдалена Стојмановиќ - Константинов