КОГА МЛАДОСТА ЌЕ ОСТАРИ

Добивај вести на Viber

Беспрекорно е чист синиот гумиран под кој мириса на средство за дезинфекција. Дедо ми е облечен во новиот сив костум, со бела кошула и сива вратоврска која баба ми долго и внимателно му ја местеше сабајлината. Го кревам погледот накај него, додека раката ми е во неговата сува и топла дланка. Орловскиот нос му дава една сериозност која е разблажена со кроткиот и питом поглед од светлите очи, во кои има нежност. Сите го отпоздравуваат со почит, од која отсуствува страв од некаков си лажен авторитет.

Лето е и веќе еден месец сум во Битола, веднаш откако заврши училишната година. Патував со часови, сместена во купето на возот. Сакам возови, до денешен ден ја сакам едноличната врева на нивното движење која има неверојатен контраст со сликите кои ги гледам низ прозорецот. Сама сум и некако ми е убаво кога нема кој да ме распрашува колку години имам, каде одам, дали сакам да пробам од домашната пита, што сакам да бидам кога ќе пораснам. Сè уште не знам што сакам да бидам кога ќе пораснам, не знам ниту дали ќе пораснам доволно за да знам што со себе.

Чудесна е гужвата која ја имаше на перонот, испраќањето и дочекувањето, солзите радосници за добредојде и оние другите, за збогум. Тогаш прегратките и бакнежите се на распродажба, не се штедат, не се скапи, ами се даваат дури и прекумерно. Уште почудесно ќе е кога ќе стасам во Битола, кога ќе се стрчам за да ги гушнам Нене и Дедица, кои ќе се чудат колку сум се извишила, ама и колку сум бледа во лицето (“овде е друга авата, ќе добиеш боја во образите”- вели Нене, додека со рацете ми го потфаќа грбот, нишкајќи со главата како протест дека сум слабичка).

Тој ден (а не знам зошто токму тој ден, иако сега знам дека секогаш работите се местат токму онака како што треба да биде и токму тогаш кога треба да се случат) посакав да одам со дедо ми во домот за стари лица во кој беше директор. Станав рано, со нетрпение и исчекување, кое ми го врза стомакот во јазол и не сакав ништо да јадам, не можев. Излегов во дворот, полн со трендафили и седнав на масата под големиот лешник. Воздухот е чист и свеж, а јас сум облечена во бело фустанче на кое има црвени џебови со штепови, додека на нозете ги имам новите лакирани чевли кои малку ме стегаат кај прстите.

Го гледам дрвото натежнато од жолтите сливи, од кои баба ми го правеше надалеку прочуеното слатко кое крцкаше под забите. Имаше цела перипетија околу правењето на слаткото. Се ставаше во вар, со безопасни им се вадеа коските на сливите, се вареше многу полека и долго додека не добиеше густина како мед и боја на ќилибар.

Погледот ми оди удолу, до земјата на која има веќе полураспаднати сливи, згмечени и смежуравени. Додека се мислам дали да ги соберам и фрлам во кантата за смет, дедо ми слегува по скалите. Влегуваме во старата шкода, тој напред а јас на задното седиште. Вози полека и внимателно, како да носи нешто скапоцено и кршливо во автомобилот. Одиме во неговата канцеларија, на која воопшто не се сеќавам како личеше. Во носот ми е уште мирисот на стерилно чистиот под, кој го најдов после неколку децении кога бев со татко ми на онкологија.

Се слушна тивко чукање на вратата. Мислев дека гледам ангел, отпосле долго време така ги замислував ангелите. Беше калуѓерка, Ана од Словенија. Бел тен, црвени образи, небесно сини очи и насмевка од која ми доаѓаше да заплачам. Има луѓе кои знаат да разбудат во нас и она што не знаеме дека постои, дека тлеело и дека ќе нè жигоса за навек. Носеше долга мантија во темна боја и косата и’ беше покриена со (во иста боја) капа или како и да се вика тоа што го носат на главата, а е порабено со бела лента. Врз мантијата имаше ланец со крст, сребрен, а можеби и беше златен, не знам. “Имам состанок, сестра Ана ќе биде со тебе. Да ја слушаш и да не и’ се губиш од вид” ми рече дедо ми, бакнувајќи ме во косата. Ана не зборуваше, немаше ни потреба да ми кажува било што. Од очите можав да прочитам сè, како да се разбиравме на еден сосем поинаков начин од оној, вообичаениот.

Одевме од соба во соба.

Секоја од собите мирисаше различно, на различни животни приказни, болки и радости, осаменост, надеж, колебање, помирување. На сета моја интровертност која ме следи уште од мала, тогаш се престорив во сосем друго дете. Пеев, танцував, рецитирав песнички кои не ни знаев дека сум ги запаметила, имитирав. Мамев солзи, смеење, одобрување, нишкање со главите. Бев нечија непозната, а нова радост. Бев нечие внуче кое никогаш не доаѓа во посета, кое се плаши од невидливата рака на смртта која полека ги галеше нивните баби и дедовци по рацете.

Старите луѓе мирисаат на многу специфичен начин, исто како и бебињата. И ако бебињата мирисаат на нов почеток, старите мирисаат на крај, но проткаен со богатство од животни искуства, радости, болки, едноставно...мирисаат на патешествие кое секој од нас сака да го изоди. Мене и двата мириси ми се познати и ми се убави. Можеби затоа што знам дека секој почеток е всушност почеток на крајот, можеби затоа што верувам дека душата нема рок на траење, можеби затоа што и двата мириси ми се испреплетени во умот како нераскинливи еден од друг.

Џебовите од фустанчето ми беа натежнати од бонбони кои ми ги туткаа во рацете со искривените, тенки и ковчести прсти. Ментол бонбони, кои секогаш ми ја враќаат сликата од тој ден во кој посакав да одам со дедо ми во старскиот дом. Не знам кој од нив уште колку време живееше, знам дека и ако некому тоа бил последен ден, беше исполнет со радост која со себе ја носи младоста.

На враќање накај дома, решив дека ќе бидам калуѓерка, како сестра Ана од Словенија. Со години ја барав во себе таа смиреност, со години го барав спокојот кој дишеше од неа. Не го најдов, иако чинам дека сè уште го барам.

Следниот ден дедо ми отиде сам на работа, а баба ми појде кај сосетката со плеталото и некои нови мостри за шиење кои ги најде во една Бурда. Го пуштив цревото во дворот и боса шлапкав во плитките вирчиња. Уште од мала го сакам мирисот на ладна вода истурена на жежок асфалт. Се поткренав на прсти за да дофатам од сливите кои со сласт ги јадев. Повторно ги погледнав паднатите овошки на земјата, со собрана лушпа, збрчкани како лицата кои не ги познавав, а ми беа толку блиски претходниот ден. Ги собрав во тацна од кафе и ги оставив на масата под лешникот. Не ми даваше срце да ги фрлам, ме фати тага која не можев тогаш да си ја објаснам.

Сега знам, сега ја знам тагата која ми го стегаше мекото кај градите...кога душата ти е стара, а заробена во младо тело...или ако повеќе милувате кога душата останува млада, а е заробена во веќе истрошено тело.

Дедо ми почина кога имав шеснаесет години. Во преградата од наткасната на неговата страна од креветот, најдов ментол бонбони кои ги зедов со мене во Скопје. Како гладна за воздух долго го вдишував неговиот мирис вткаен во обесениот капут  во визбата, плачејќи и со лицето нурнато во мекиот материјал, како утеха која не е утеха. Ништо не може да ја замени загубата на луѓето кои ги сакаме, ниту спомените, ниту мирисите. Тие само ја потенцираат тагата која дроби од сознанието дека повеќе ги нема.

Еден ден кога ќе бидам сета побелена и збрчкана, еден ден кога ќе почнам да насетувам дека мојата приказна не е повеќе за со три точки, туку дека и само една ќе е доволна...ќе купам ментол бонбони чиј мирис ќе ме врати на почетокот, почетокот на крајот.

Тој ден, мојот свет ќе мириса на детство и слатко од жолти сливи.

Да сте ми живи и здрави, ви подарувам песна.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Ко ќе ти остари младоста
И во неа само ронки од радост бараш
Та си ја гледаш раката
Како чепка по спомени
И знаеш оти твоја е
Ама не си ја препознаваш
Оти тие старечки пеги не се твои
Оти уште срцето младо ти е
И знае на љубов да потскокне
Ама пуста душа надолу ти оди
Како низ бунар да се лизга
А бунарот без вода исушен
И удолу како без крај ти се чини
И во сета немоќ
Уште надеж во тебе тлее
Оти и на овие години
Можеш да љубиш како мома млада
И цвет во коси да си ставиш
Та нека се кикотат по улици
Оти не ти е гајле
Дур во градите ти цути среќата
Ко ќе ти остари младоста
И кога од неа како спомен
Само очите живи ќе ти останат
Чудно ти е оти никој не ја гледа
Онаа која во тебе уште живее
И која нема пајажини на лицето избраздени
И чие тело е како струна оптегнато
Оти таа
Онаа внатре во секоја од нас што спие
Таа години нема
Ниту за години знае
Таа љуби како првпат да и’ е
Таа милува како никогаш никој
На раце да не и’ умрел
Ете таа
Таа внатре што се крие
И која е млада до денот кога
Од овој свет заминува
Та и на 95 да и’ е пишано
Ете и тогаш срцето и’ пее
Ко славеј никојпат во кафез ставен
Таа
До тој миг младоста во тебе ја бара
И љубовта кон тебе ликот и’ го измазнува
Оти нема младост без љубов што не ќе остари
Ниту старост која со љубов не ќе се подмлади