Само една жена градоначалник – зарем толку малку можеме?

Добивај вести на Viber

Во држава што со години се обидува да ја изгради сликата на демократско и рамноправно општество, последните локални избори повторно потврдија една тажна вистина – жените во политиката во Македонија се исклучок, а не правило.
Од сите градоначалнички места во државата, само една жена доби доверба да го води својот град. Една. Во 21 век, во земја која постојано зборува за европски вредности, една жена успеала да пробие низ ѕидот на партиските калкулации, политичките договори и менталитетот дека „маж треба да е на чело“.

Овој резултат не е случаен, туку симптом на подлабок системски проблем.
Жените се присутни во политиката – но најчесто на позиции без вистинска моќ. Се користат како бројки за исполнување на законската квота, како симбол на „родова рамнотежа“, додека вистинските одлуки сè уште се носат зад затворени врати, во кругови што ретко оставаат простор за женски глас.

Политиката во Македонија и понатаму се однесува кон жените како кон украс, не како кон двигатели на промени. Колку пати сме слушнале фрази како „таа е премногу емоционална“, „нема доволно авторитет“, „политиката не е за жени“? Тие реченици, иако звучат архаично, се сè уште дел од нашата реалност.

А вистината е сосема поинаква. Жените се тие кои носат социјална чувствителност, перспектива на реални проблеми, емпатија и решителност – токму оние квалитети што недостасуваат во грубиот политички пејзаж на земјата.


Бети Стаменкоска-Трајкоска единствена жена од првиот круг која ќе управува со општина

Во пресрет на локалните избори во 2025 година, една фигура исплива од вообичаената слика: Бети Стаменкоска-Трајкоска. Како кандидатка за градоначалничка од редовите на ВМРО‑ДПМНЕ во општина Кисела Вода, таа решително ја презеде улогата на жена која се бори да ја крене рампата што долго време ги држи жените далеку од врвната локална власт.
Но, иако нејзината кандидатура е охрабрувачка, цифрите од изборите покажуваат дека таа е — исклучок.

Според официјалните податоци, на изборите во 2025 година се поднесени вкупно 309 кандидатури за градоначалници. Од нив – само 10,35 % се жени. Додека мажите ги „покриваат“ 89,64 % од кандидатурите. Тоа значи – приближно 32 жени на 309 места. Предмалку за една земја што сака да се нарече рамноправна.

Дополнително, само во 24 општини има кандидати жени за градоначалнички места. Тоа е уште еден сигнал дека патеката до врвот во локалната власт за жените е широко блокирана – не само од пристапот, туку и од политичката волја.

Во такво општество, кандидатурата на Стаменкоска-Трајкоска носи важна порака: дека жената може да застане пред општина, да се бори со инфраструктурни прашања, јавен транспорт, комунални проблеми, и да зборува со јазик на акција, а не само симболика. 
Но прашањето останува – дали ова е поединечна изолација или почеток на промена?

За промена да се случи, не е доволно да се постави една жена на кандидатска листа. Потребно е да се обезбеди простор, ресурси и поддршка – институционална и културна – за што повеќе жени да го преземат водството. Потребно е партиите да ја сфатат жената како потенцијален лидер, не само како квота, не само како украсна „симетрична“ листа.

Додека политиката се гледа како машка територија, додека на жени им се препишуваат стереотипи: „нема доволно политичка тежина“, „не може да ги носи тешките одлуки“, додека на кандидатските листи често фигурираат жени само за да се задоволи формалност – системот останува затворен.

Стаменкоска-Трајкоска е доказ дека жената може да се појави, може да конкурира, може да биде видлива. Но, за да не остане само пример, потребно е да се отвори врата, да се тргне прагот – за да не остане една единствена, туку да има десетици жени што ќе стават свој потпис на локалната политика.

Жените не треба да бидат само дел од изборниот процес – тие треба да бидат препознатливи играчи на него. И додека бројот на кандидатки се зголемува микро-полека, сериозната промена ќе дојде кога ќе се види жена – не само како кандидатка, туку како вистинска градоначалничка, не само во една општина, туку во многу повеќе.

Сè додека политичките партии ги гледаат жените како потребна бројка за формална рамноправност, а не како силен потенцијал за вистинска промена, ќе останеме заглавени во истите стари структури, со истите имиња и истите празни ветувања.

Промената не започнува само со квоти, туку со свест – дека жената не е украс во партиска листа, туку партнер во создавање подобро општество.


РЖМ/ Ирена С.