21 век: Роботите пристигнаа во српските училишта, Македонија уште нема систем за децата со посебни потреби

Во Србија веќе се во сила конкретни мерки: 11 роботи од Италија пристигнаа во специјалните и ресурсните училишта за да помагаат во процесот на инклузивното образование, преку асистивна технологија и заеднички активности. Тие се распоредени во ресурсни центри и ќе се користат и во редовните училишта, со цел поддршка за децата со развојни попречености.
Нивната главна улога е да им обезбедат стручна помош на наставниците во редовните училишта во процесот на инклузивно образование.
Воли - Робот кој учи српски јазик
Еден од роботите, наречен Воли, штотуку учи српски јазик. Откако ќе го совлада, негова задача ќе биде да му помогне на секој ученик да се изрази.
Оваа модерна алатка е дел од поширока иницијатива во инклузивното образование, а локалните експерти се запознаа со нејзините можности за време на студиска посета во Болоња, во рамките на проектот „Да учиме заедно“.
Воли пристигна од Италија со важна мисија, никој да не биде изоставен од образовниот процес.
За полесно да се вклопи во новата средина, доби локално име, во белградскиот Ресурсен центар „Радивој Поповиќ“, го викаа Раша.
Наскоро, роботи како Раша ќе ги посетуваат редовните училишта низ цела Србија. Наставниците што ќе работат со нив ќе бидат обучени од експерти од гореспоменатите ресурсни центри.
Не чудо, туку алатка, и тоа моќна
„Ние го гледаме роботот како алатка, исто како проектор или лаптоп. Клучот е во стручноста на луѓето што го користат. Нашите експерти, заедно со наставниците, ќе дизајнираат групни активности за деца, во кои роботот ќе биде дел од тимот“, објаснува д-р Стеван Несторов, раководител на Ресурсниот центар „Радивој Поповиќ“, пренесува еуправозато.
Роботите се дел од поширока категорија на таканаречена асистивна технологија, која вклучува различни алатки и материјали прилагодени за деца со развојни попречености, од средства за комуникација до персонализирани дидактички помагала.
„Најважно е што овој пристап им овозможува на децата да се изразат на начин што најмногу им одговара, им дава чувство на мир и сигурност“, вели дефектологот Катарина Радаковиќ, експерт за развој на дидактички алатки.
Во меѓувреме, во Македонија сè уште го гледаме следново:
Правилници и повици за ангажирање лични и образовни асистенти, со ограничени ресурси и чести прекини.
Покрај законската рамка, многу од училиштата немаат пристап до вистинска асистивна технологија, ниту обука за кадар.
Теми како да сме задоглавени во расправа дали ќе набавиме „повеќе контејнери за ѓубре“ или ќе го „решиме“ проблемот со загадувањето и урбаната инфраструктура — важно е, да, но што кога системот на образованието и поддршката на децата со попречености тоне?
Каде е вистинската приоритетна агенда?
Кога Србија инвестира во роботи што можат активно да помогнат, да го трансформираат начинот на учење и да ја отворат вратата за децата со поинакви потреби — ние зборуваме за годишни повици, правилници, одложени ресурси. Вистинските системски промени се чекаат.
Образовните асистенти во Македонија, како што се наведува, не се трајно вработени, се изменуваат од година на година, што резултира со нестабилност околу поддршката за децата.
Правилникот утврдува услови и бодови, но кога ќе се прашаме дали и како училиштата ги имаат условите за вистинска инклузија – одговорот е: не.
Заклучок
Системот на инклузивно образование не чека да го реши само проблемот со воздухот, ѓубрето или инфраструктурата — таа потреба е тука и сега, и директно влијае на животот на децата со посебни потреби. Роботи во Србија? Да, благодарение на волја, ресурс и примена. Кај нас? Податоците покажуваат дека стоиме чекор назад.
Затоа, прашањето што мораме да го поставиме е: Дали навистина знаеме кон каква иднина целиме и што им оставаме на децата ?
Децата и нивната поддршка не можат да чекаат — ниту следен избор, ниту следната кампања.
Ирена Ставрова / Фото: фрипик-AI-generated