Хит невеста од Скопје што ги освои социјалните мрежи: Прво гласаше, па се омажи

Во морето од фотографии поврзани со денот на избори, една слика се издвојува и ги освојува социјалните мрежи. Скопјанката Сандра Матеска стана вистинска интернет сензација откако се појави фотографија на која, облечена во невестински фустан, најпрво го исполни своето избирачко право, па дури потоа тргна кон матичарот за да го каже судбоносното „да“.
Сандра, во придружба на нејзиниот избраник, го посети своето избирачко место целосно подготвена за големиот ден. Со овој гест, таа испрати порака за важноста на граѓанската одговорност, без разлика на околностите.
„Комплетно гламурозна за гласање“, напиша Матеска во една од своите инстаграм приказни, додавајќи ја фотографијата од гласачкото место.
Фотографијата брзо се прошири на социјалните мрежи и предизвика бројни позитивни реакции, коментари и споделувања.
Свадбената церемонија, според објавите на социјалните мрежи, била веднаш по гласањето, а младенците блескале од среќа.
Во време кога интересот за изборите често е под прашање, ваквите моменти покажуваат дека љубовта кон татковината и личната среќа можат да одат рака под рака – па дури и буквално.
РЖМ - Г.Д.Г