„Сè изгледа како сцена од празничен филм, впечаток ми остави панорамското тркало и топлото какао“: Јана од Скопје за божиќниот базар во Дизелдорф

Добивај вести на Viber

Европските градови веќе се претвораат во вистински зимски бајки со отворањето на традиционалните божиќни базари, кои ги пречекуваат туристите со магична атмосфера, богата понуда и ароми што веднаш ве потсетуваат на празничниот дух. Од Виена до Дизелдорф, овие базари или Weihnachtsmarkt (доколку одите во Германија), стануваат центар на забавата, вкусот и локалната култура, претставувајќи уникатно искуство за сите кои уживаат во празничната магија на Европа.

За Женски магазин, скопјанката Јана Гркова ја споделува својата приказна и искуство од божиќниот базар во Дизелдорф. Едно од највозбудливите искуства е вкусувањето на локалните специјалитети – од традиционалните колачиња и греено вино, до месни деликатеси кои ја доловуваат културата на регионот.

Според Јана, посета на Weihnachtsmarkt е нешто што мора да се доживее барем еднаш: тоа е комбинација од културно искуство, празничен амбиент и можност да се почувствува вистинскиот дух на Божиќ во Европа.

„Греено вино, светилки и зимска магија има во Дизелдорф. Внатре е топло, надвор ладно, а атмосферата е совршена. Сè изгледа како сцена од празничен филм. Низ целиот град се чувствува мирис на цимет и ванила. Совршено место за празнични моменти“.

Идејата за патување понекогаш доаѓа од најнеочекуваните предлози, а за Јана тоа било препорака од нејзината пријателка која живее во Дизелдорф. Со ентузијазам и љубов кон патувањата, таа веднаш ја прифатила можноста да го доживее градот во периодот на божиќниот базар, уверена дека вакво искуство не смее да се пропушти.

- Во неколку наврати ми спомена дека морам да го посетам Дизелдорф баш во периодот кога има божиќен базар. А мене не ми требаше многу да размислувам бидејќи навистина сакам да патувам.

Дизелдорф за време на божиќните празници се претвора во вистинска празнична идила, каде модерното се сретнува со традицијата, а секој агол зрачи со светлина и радост. Украсените дрвени куќички создаваат магична атмосфера која ги привлекува посетителите од сите страни на светот, ветувајќи незаборавно искуство за сите сетила.

- Кога пристигнав во Дизелдорф, ми беше како да сум влегла во некој филм. Сè беше украсено, светеа сијалички насекаде, а луѓето беа расположени. Мислам дека имаше посетители буквално од цел свет. Многу уреден град, модерно и традиционално во едно.

Базарот изгледа како од некоја зимска бајка. Има украсени дрвени куќички насекаде во коишто се спремаат нивните домашни специјалитети. Насмеани лица можеа да се забележат насекаде, атмосферата тешко се опишува – мора да се доживее.

Во Диселдорф град со нешто повеќе од 600 илјади жители, има повеќе од само еден божиќен базар.

- Голем впечаток ми остави панорамското тркало на Rheinpromenade и секако се возев бидејќи сакам адреналин. Другиот базар којшто го посетив е во делот на Kö Bogen каде што има лизгалиште и до него има кафуле од кое се слушаат божиќни песни кои ја прават атмосферата уште поубава. А јас уживам да фотографирам, па на момент не знаев што попрво да фотнам (се смее) и секако да постирам на социјалните мрежи.

Најголем впечаток и оставиле новогодишните високометарски елки, како и подготвувањето на храната и топлите пијалаци.

- Најсилен впечаток ми остави топлото какао, тие го викаат „punch“ како и чурос-от. (шпански крофни)

Економијата на божиќниот базар во Дизелдорф е следна:

- Цената на нивната позната германска колбасица или „wurst“ е 7 евра, варено вино – 5 евра. Цената на моите омилени „чурос“ изнесуваше 7 евра, мини крофните чинеа 3 евра. Освен храна и пијалаци се продаваа и сувенири и зимска плетена облека.

Ноќниот живот во Дизелдорф и оставил посебен впечаток на Јана, каде градот оживува откако ќе зајде сонцето. Туристите од различни земји се собираат за забава и релаксација, а атмосферата пријатна, со луѓе кои уживаат без да се грижат премногу за формалности.

- Посетив неколку кафулиња. Навечер беше најмногу раздвижено во Дизелдорф, бидејќи посетив неколку градови и тоа го заклучив. Најмногу туристи имаше од Холандија, но и од други земји. Сите се забавуваат и уживаат. Забележав дека никој не обрнува внимание за својот изглед, многу опуштени луѓе на кои мислам дека им е само важно како ќе си ја поминат вечерта.

Дизелдорф беше прва станица за Јана, следното нејзино патување е во Мадрид. Па потоа може да направи споредба, кој

По незаборавното искуство во Дизелдорф, Јана веќе го планира следното патување – божиќниот базар во Мадрид. Таа со нетрпение очекува да ја доживее шпанската празнична магија и да ужива во уникатната атмосфера на базарите таму. По враќањето, сигурно ќе може да направи вистинска споредба и да открие каде, според неа, се крие најголемата магија на европските божиќни базари.

Габриела Додевска Глигоровска