Кога свекрвата станува најголема поддршка: Eмотивна приказна за љубов, грижа и наследството што не се мери со пари

Добивај вести на Viber

Приказните за односите меѓу свекрвите и снаите секогаш предизвикуваат големо внимание. 

Често се тешки и зборуваат за недоразбирања и судир на генерации, но понекогаш изненадуваат топли исповеди кои сведочат за блискост и почит.

Една наша читателка ја сподели својата приказна. 

Бев снаа, а денес сум свекрва. Кога се омажив, моите свекор и свекрва имаа куќа со двор, животни и градина. Беа вредни луѓе кои покрај работата во фабрика се грижеа и за земјоделството. Го ценев тоа, знаејќи колку тешко го одгледале својот син – мојот сопруг.

Иако ја ценела нивната работа, признава дека ѝ било тешко да ги следи. „Јас пораснав во град и од мене никој не бараше да работам во градина или со животни. Сепак, ми беше непријатно да земам зеленчук, знаејќи дека свекрва ми вложила труд, а јас малку.“

Еден ден седнала со свекрвата на кафе и ја слушала нејзината животна приказна. „Ми раскажа за тежок живот, за тоа како не можела да заврши училиште бидејќи била слугинка, ниту пак да замине во Германија на работа бидејќи требало да ги остави сопругот и децата. Сфатив дека иако необразована, таа има топло срце и многу љубов.“

Години живееле во заедничко домаќинство. Свекрвата често чувала внучиња, се грижела за градината и цветниците. Подоцна се разболела и станала дементна, а снаата добила можност да ѝ врати за сета добрина. 

Гледав како полека згаснува животот на жена која за мене беше како мајка. Ја негувував и ѝ угодував колку можев. Иако имаше само две одделенија завршено, таа ми остави наследство од мудрост и љубов. Кога почина, во дворот останаа розите кои и денес ме потсетуваат на неа.

Денес таа самата е свекрва.

 На својата снаа гледам како на ќерка. Таа е многу способна и ме почитува. Ја помагам кога и колку што ѝ треба. Ние не сме ривалки – едноставно ја сакаме истата личност на различен начин. Не очекувам да ме служи во старост, туку договоривме како семејство, кога ќе дојде време, да одам во дом. На својата снаа сакам да ѝ оставам наследство од искуство и љубов кон семејството. Можеби и таа еден ден ќе гледа рози и ќе се сеќава на мене.

Оваа емотивна приказна сведочи дека меѓу свекрвите и снаите може да постои разбирање, љубов и вистинска семејна блискост.

Фото извор: Pexels