Лажни надежи, изгужвани срца

Нема ниту еден од нас, кој што не ја доживеал онаа помалку убава страна на љубовта. Да, сите сме биле барем еднаш изиграни, изманипулирани, оставени...исто како што сме биле и тие кои некого изиграле, измалипулирале и оставиле, свесно или несвесно, сеедно. На таа прекрасна вртелешка (која повеќе наликува на ролеркостер) наречена ЉУБОВ, нема кој не останал без здив од чудесната мешавина на адреналин и малку/многу страв, па ни се потслошило, а некои од нас дури и си рекле “не фала, никогаш повеќе”. Сме сакале, сме биле напуштани, сме отсакувале, сме напуштале. И сето тоа оставило траги врз секој од нас, несомнено. Нема човек кој е без лузна од некоја дива, непрежалена, незаборавена, полуостварена или неостварена љубов. Поентата не е само како да се преживеат таквите љубови (оти да сме искрени и да си признаеме дека човекот може сè да искрепи), туку поважно е како после таквите фијаска да се остане неповреден (или со мали драсканици), но и како да не се собере горчина која ќе направи да станеме груби и нечија болка во иднина.
Ок, факт е дека што повеќе години толку повеќе искуства, убави и неубави. Што повеќе искуства, толку поголеми разочарувања оти не се само нашите лични искуства во прашање, туку попатно го собираме и она што го преживуваат нашите блиски пријатели, децата и сите оние во чиј живот имаме некаков увид. Болката е верижна реакција, како синџир кој досегнува и подалеку отколку што мислиме. Сум гледала луѓе кои под влијание на болка се смениле толку многу, што станале сенка на она што биле. Некои од нив се смениле на подобро, не се сите примери само за лошо. Но, дефинитивно тврдам дека болката знае многу да огруби, да ги направи луѓето затворени, цинични, непристапни, но и лоши. Не велам дека се тие виновни што ударот кој го примиле ги сменил, но велам дека сите имаме моќ да ја канализираме таа болка, за да не оди таму каде што не треба.
Пред некоја година, правев муабет со еден другар кој сериозно патеше од една промашена љубов во која се испостави дека тој ги плати гревовите од бившиот и паметам дека ми рече нешто што ми остана во глава...”страв ми е дека сум толку истрошен и уморен, што сега да ми е пред нос вистинската, нема да можем да ја видам”. Во прв момент не се сложив. Па нели ќе е поинаку, нели ќе е љубов, како нема да препознае, ама ајде глупости. Требаше да ми се случи еден таков промашај во љубовта за да го разберам. Ударот кој го примаме додека живееме нешто за што сакаме да е љубов (а не е), не е како кога ќе ве удри некој предмет по глава. Тоа е ненадејна болка, боли силно, ама сконцентрирана на едно место, боли некое време, се појавува модрица или оток, минуваат две недели и веќе е заборавено. Ударот од неуспешна и болна љубов е удар кој е раситнет на секојдневие, моменти, неосетни ситуации кои подболуваат ама не болат, немир кој не е со несоница, ама е со лоши сни. Тоа е еден развечен и долг процес во кој секојдневните мали и ситни болки се нешто со што се учиме да живееме. Безвезе, нели?
Е сега, замислете да мине една, две, три, пет години со секојдневно напластување на по еден скоро невидлив слој на страдање. Тоа е како она кинеското мачење со вода, кога жртвата е врзана за да не може да мрда, а врз нејзината глава-темето но некогаш и челото капат капки вода со денови, недели. Навидум безопасно, демек што е капка вода. Е да, ама после извесно време се појавува анксиозност, страв, чувство дека водата го пробива черепот, па се јавуваат халуцинации и проблем со нервите. Така е и со срцето, кога човек го сецнува секој ден малку по малку не ни приметува колку штета си прави сам на себе. И ете, на крајот има едно големо фијаско (иако јас секој крај на љубов која не е љубов, го нарекувам победа) кое прави да се затвориме во себе, да станеме недоверливи и крути, отповеќе цинични и не ретко спремни да манипулираме само за да не дојдеме повторно во истата ситуација.
И почнува спиралата која нема крај, во која има сè помалку убости, на сметка на радост, исполнетост, спокој. Повредениот, чии надежи потонале и кој си вели дека “ете, уште еднаш ми се потврди дека не постои љубов” станува нешто што до вчера го презирал. Следната личност која ќе влезе во неговиот живот, има 99% шанси да “си го добие” заради некој/а таму претходно што си играл/а играчки со нечие срце. И така се вртиме во круг. Јас тебе удар, ти на некој друг, тој другиот на некој трет....додека повторно на крај не ми дојде мене по нос. Карма дечки, карма! Не можеш да прифатиш да правиш лошо или да постапиш лошо со некого само затоа што некој друг бил говедо со тебе, а да очекуваш дека Универзумот ќе те поштеди од казна.
Целата поента ми е дека мора да се најде еден човек доволно кадарен за да го прекине тој синџир на горчина кој ќе нè удави сите. Ок, не сум знаела да проценам. Не ми е виновен тој другиот што по секоја цена сум сакала да наречам ЉУБОВ, нешто што не е. Не ми е виновен тој карши мене што сум се погазила и згазила себеси само за да изнудам некаква блискост или топлина која не постои, ја нема. Не ми е виновен тој карши мене што сум одбрала свесно да замижам пред сите факти, да и’ се помочам на интуицијата и да се прелажам себеси дека немирот е всушност вљубеност. Одговорноста е моја, оти се работи за мојот живот, моето срце, моето достоинство. Тоа што сум дозволила да ми се случи, ми се случило.
(Секако, ова не важи кога живеете со насилник кој ќе крене рака на вас. Апсолутно не е ваша вина што е некој оболен во умот и што има потреба да ве повреди. Секогаш, ама секогаш во таков случај барајте помош и чаре! Секогаш!)
И ако заклучувам дека тој што ме повредил не е виновен, оти јас сум му ги дала сите алатки во раце за да ме повреди, тогаш апсолутно не е виновен човекот кој ќе се појави во иднина. Тој не смее и не треба да ги отплаќа гревовите од претходната врска/однос. Кога веќе знам како ми било кога сум отплатила туѓ грев, не сакам да сум причинител на болка на некој кој влегол чесно и со ентузијазам во мојот живот. Ама за тоа треба голема самосвесност, самоконтрола и емпатија кои ги немаме во мигот кога сме затрупани во сопствената болка. Можеби, ако се прашаме во тој миг дали сакаме ние да сме тој или таа која нас нè осакатила емоционално, па да ја предадеме болката како штафета на некој кој не ја заслужил, би било поинаку. Впрочем, личната болка не минува и не се намалува ако повредите некој кој не заслужил да биде искасапен по душата.
Треба внимавање со луѓето, треба човечност и топлина. Ништо не кошта, ама многу вреди. Вреди повеќе од сите зборови, повеќе од сите приказни за љубовта. Во мигот кога ќе научиме да гледаме подалеку од сопствениот нос, ќе научиме повеќе за другите, себеси и за љубовта.
Да сте живи и здрави, ви подарувам песна.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Си беше една љубов
Како во приказните сета стокмена
Со медовина и спокој
Со убост од милост исткаена
Чиниш сè на светов расцутено
Во неа збрано било
Си беше една љубов
Одамна
Толку одамна што никој не верува
Оти такви љубови имало
Та кому и да кажам
Ко шутрак да сум ме гледа
И со главата одмавнува
Небаре зборувам за еднорози и самовили
Си беше
Ете еднаш на светов и веков
Таква љубов меѓу двајца имаше
Од која и ѓаволот обелуваше
И пеколот врати затвораше
А рајот на дофат на рака беше
И како во секоја приказна
Се чинеше оти таквата љубов
Среќен крај ќе има
И ќе си живееја заедно до крајот на животот
Чунки сите сказни така завршуваат
Со верба, со надеж
Си беше една љубов
Од живот исткаена
Од добрина создадена
Од срцебиење распеана
Да ти е мерак да ја гледаш
Да ти е сон да ја вкусиш
Ама пусто
Некои приказни и поинаков крај имаат
Како проколнати да се
Како радоста одземена да им е
Та од љубовта
Само букви остануваат
За на хартија да се запише
Можеби да се раскаже и прераскаже
Иако минала
Иако одамна одминала
Си беше нешто што љубов се вика
Нешто што замина
Или што можеби мене ме одмина
И сега знам оти во неа ништо лесно немало
И оти ако не се чува
Од ровја ако не се сочува
Само спомен ќе остане
Малку горчина во устата
Неколку лузни на душата
И срце напукнато на две-три места
Си беше една љубов
Која љубов не остана
Освен моето сеќавање на неа
Како вчера да беше
Како денес да е
Како утре да ќе дојде повторно