Женското тело не е глина

Добивај вести на Viber

Отсекогаш ме фасцинирале двојните аршини кога биле во прашање споредбите меѓу тоа што е женска убавина, а кои се критериумите за некој да се смета за убав маж. Се сотревме од објаснување и од докажување дека убавината е релативна работа, дека кога запознавате некој може за секунда да ви огрди или да се разубави во зависност од тоа како размислува, какви ставови има, каков човек е. Џабе фактот дека не постои поминлива и поменлива работа од физичкиот изглед на секој човек. Но, колку и да го знаеме ова вака напишано, непишано правило е дека ние луѓето првично гледаме со очите, а не со другите сензори кои подоцна излегуваат како клучни за да одбереме со кого ќе бидеме. Ок, визуелни битија сме. Ок, хемијата ни е многу важна (а пустата какви проблеми знае да направи, да не може човек да се оправи долго време).

Како жена, сиот живот се соочувам со предрасуди или осуди за физичкиот изглед, не само мој туку и на жените, воопшто. Премногу сме слаби, па премногу сме дебели, премногу ставаме шминка...не, премалку се шминкаме, многу се боцкаме во денешно време со ботокс, ама па и не е ок да сме збрчкани, гардеробата ни е како за тетки, ненененене...не се облекувај како тинејџерка, стави вештачки нокти оти се женствени за после да биде дека вештачките нокти се како канџи, вежбај за да си фит ама не премногу оти не личи да си жена со мускули.

Главата ни е направенакаша од контрадикторни очекувања кои секако дека секој мисли оти треба да му бидат исполнети. Фуј!

Направив едно пребарување на интернет за тоа кои биле критериумите за женската убавина низ вековите, но и за тоа колку ги чинело жените да се стават себеси во рамките кои им биле наметнати. Почнувајќи од таканаречениот златен пресек со кој се мери пропорционалноста на телото и лицето, а кој бил измислен уште во Античко време, па сè до денешните филери и останати инвазивни корекции, жената немала дерман од притисокот да биде прогласена дека е убава. Оти убавината значела дека ќе добие подобра понуда за мажачка, дека ќе има повисок статус во општеството. Со еден збор, жената била трофеј или скапоцен украс кој го красел домот, но и егото на нејзиниот сопружник. Значи, драги дами да си имате на ум дека постои математичка формула која се применува и денес, а по која се распоредуваме по фолдери, убава, грда, грда накај средно убава, убава накај најубава итн. И повторно, ФУЈ!

Значи, симетријата на женското лице и тело била најважна во Античко време. Потаму, како што се менувале епохите, така се менувале и критериумите. Се бричеле челата за да изгледаат поголеми, оти високо чело било синоним за убавина, елеганција и остроумност. Заобленото тело било синоним за здравје и благосостојба, оти големите гради асоцирале на млеко, а широките колкови на плодност и леснотија во носењето дете на свет (врска нема, оти јас со маливе гради бев производство на млеко, а генетски пошироките колкови ич не значеше дека лесно се породив, оти имам тесна карлица која бараше царски рез). Светлата кожа била пожелна во Среден век а корсетите во Викторијанската ера.Во денешно време, легнувањето под нож полека станува како добро утро.

Секако дека не треба да потенцирам оти многу жени се осудувале себеси дури и на смрт, само за да бидат рангирани како убави и посакувани. Верувам дека ниту една не го правела тоа лично заради себе, колку што го правеле заради притисокот од семејството да се омажат добро и притисокот од околината за да бидат прифатени. Египќанките сами си ја правеле шминката користејќи олово и бакар, а имајќи предвид дека ја довеле до совршенство техниката на исцртување на очите, не ретко некои имале оштетувања, па и слепило како последица. Како што бледилото на лицето низ епохите било одраз на сина крв и префинетост, така растела употребата на жива, олово, но и се зачестувале ритуалите на пуштање крв, со што вештачки се предизвикувала анемија за да се постигне белење на кожата. Последиците биле труење со метали, но и инфекции од нестручно пуштање крв, кои доведувале до сепса. Корсетите предизвикувале деформација на ребрата, но и натиснување на внатрешните органи, со што честопати се предизвикувала штета која се одразувала на работа на белите дробови или оштетувања на црниот дроб.

Жената трпела сè и сешто за убавина, но не по свој избор и не по своја волја. Ви текнува на малите стапала во Кина и на врзување на истите уште од мала возраст? Верувањето дека возрасни жени се убави ако се тетерават на стапала како што имаат 5-6 годишни девојчиња, имало за епилог кршење на коските на стапалата и деформитет. Во Африка, во племето Кајан Лахви на жените им ставаат прстени околу вратот уште од мала возраст само затоа што врат на жирафа се смета за симбол на убавина, иако тоа значи дислокација на клучните коски, но и опасност од кршење на вратот ако се извадат прстените. Во други култури само жените со прекумерна тежина се сметале за убави, па девојчињата ги принудувале да јадат отповеќе за да се здебелат. Да не зборуваме за сите опасности кои ги носи прекумерната тежина, од дијабетис до срцеви заболувања.

Она што ме фрустрира е дека сите овие насилни методи за потенцирање на убавината на жената во зависност од тоа во кое време живеела и под какви услови, воопшто не ги опфаќа мажите. Да, во денешно време е популарна теретаната ама не со толкава пресија како што е врз жената. На мажите им е дозволено да бидат пополнички, да имаат стомачиња па и големи мевови, да бидат небричени, седи во косите. На мажите им е дозволено да бидат сето она што е смртен грев да биде една жена. Неприфатлива е идејата жената да не е депилирана, дотерана, намирисана, со затегната кожа. Неприфатливо е да старееме, да бидеме живи битија на кои ете, некогаш не им е до теретана или фризура. Се шетаме од Твиги до раскошните облини на Мерилин Монро, од Синди Крафорд и нејзиното фит тело, до песочниот часовник на облините на Ким Кардашијан. Ставаме полни усни, испакнати јагодици, намалуваме кожа, масти, броиме калории, пиеме апови за исфрлање течности, се труеме со идеали за убавина. Стануваме робови на пластичната хирургија, подигање на задниците (некојси Бразилски лифтинг кој патем речено е опасен по живот), стеснување на вагините, живееме со анорексија и булимија дури и не знаејќи дека имаме нарушување во исхраната.

Психата на една жена е изрешетана со ОСЛАБИ, КАЛОРИИ, ЦЕЛУЛИТ, ДЕБЕЛА...па ниту една од нас не е со пропорции 90-60-90, ниту една од нас не е како машина во однос на железната дисциплина. Каде е тука ПМС-от и климаксот кога потекуваме од ништо, од воздух! Зошто мора да се чувствуваме виновни ако имаме свисната кожа некаде, ако имаме брчки-смејалчиња, ако не сме по теркот на идеалите за убавина кои се со цел да сме поубави за око, допир, вкусување и уживање во нас. Зарем нашата вредност се мери со математички формули или со тоа колкумина ќе се завртат по нас кога чекориме на улица?! Физичката болка од корсетите, потпетиците, ботоксите, липосукцијата (најдете на youtube како изгледа процесот, ќе ви се згади), материјалните трошоци за секојдневен тип-топ изглед, вечната изгладнетост и страв од храна....зарем вреди?

Имам скоро 54 години. Да, внимавам што јадам заради здравје и гледам да повежбам во текот на денот, ако ништо друго барем вежби за истегнување и возење орбитрек. Научив да не сум алчна за храна, ама да не се лишувам од она што го сакам. Правам баланс меѓу однос кон себе и хедонизам со чаша вино. И најважно, сè што правам или не правам, правам или не правам за себе. Не за убавина, не за маж, не за да бидам прифатена, не за да предизвикам некому ерекција. И за крај, убавината на една жена се мери само со нејзиниот однос кон сама себе, љубовта што ја има во себе за себе и почитта кон своето тело, но и умот. Ние не сме предмети кои се поседуваат, секоја од нас е Универзум и богатство.

Да сте живи и здрави, ви подарувам песна.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

таа е силна

токму онолку колку што треба

за да не заплаче

кога во душата ѝ е потоп

за да стои простум

кога коските однатре ѝ се кршат

за да стави насмев

кога во устата стакло изџвакала

за да те гледа право в очи

кога пред неа сѐ се руши

за да замавне гордо со косата

кога детето во неа цивка

за да кажува шеги

кога џигерот си го јаде

(со одмерени залаци, како дама!)

за да ја карминисува устата

кога усните помодрени

од касање ѝ се

за да чекори небаре светот нејзин е

со нозе кои крваватво високите потпетици

за да пали цигара со мирна рака

кога срцето ѝ трепери

к’о преплашен зајак

за да ти испее песна

кога гласот во неа умира

за да биде покрај тебе

кога сама себе се напуштила

за да се разбуди

кога веќе ниту денот смисла нема

за да дише

кога срцето повеќе не го чувствува

за да го исчисти домот

кога без тебе ниту дом има

таа е силна

токму онолку колку што треба за да биде

мајка

љубовница

сопруга

сестра

пријателка

љубов

поддршка

столб

бршлен

камен

свила

таа е силна

толку многу силна

доволно силна

токму онолку колку што треба

за да биде сѐ

за да биде

жена