„Развојот не смее да се игнорира“ – Логопед Наташа Шатровска со важни совети за родителите

Добивај вести на Viber

Во првите години од животот детето ја поставува основата за својот говор, мислење и емоционален развој. Секој плач, насмевка или прво зборче има огромно значење. Но, што ако некои од тие чекори изостанат? Токму за ова денеска зборуваме со логопедот Наташа Шатровска од Гаспар центарот за психофизичко здравје, која секојдневно работи со деца и нивните семејства. Таа предупредува дека развојното задоцнување не е нешто што треба да се игнорира и дека родителите често први чувствуваат дека нешто „не е во ред“.

„Времето е клучно – колку порано се реагира, толку пократка е рехабилитацијата,“ потенцира Шатровска...

Поимот „развоен проблем“ значи задоцнување во одредени сфери од развојот – најчесто во говорот и вербалната експресија, но може да опфати и други области. „Кога детето не го следи природниот тек на календарската возраст, зборуваме за развојно доцнење. Тоа може да биде изолирано, но и комбинирано со други потешкотии“, објаснува таа.


Првите 12 месеци од животот, посочува Шатровска, се клучни. Тука најважен е контактот – плачот како сигнал, насмевката како одговор, погледот со мајката и семејството. „Околу третиот месец доаѓа гугањето, околу шестиот – баблиг , а до првата година треба да се појават и првите зборчиња со значење. Ако некоја од овие фази изостане, родителите треба да се обратат кај стручно лице“, предупредува логопедката.

Постои и нешто што експертите го нарекуваат „црвени знамиња“. Ако до третата година говорот не е оформен, ако детето не може самостојно да ги изрази своите желби или не разбира едноставни инструкции, тоа е сигнал за дополнителна проценка. 

„Секако, секое дете има свој ритам, но најважно е да го разбира говорот и точно да знае што сака да каже и направи“, посочува Шатровска.

Според неа, вистинското време за консултација е секогаш кога родителите ќе почувствуваат потреба. „Никој не го познава детето подобро од родителите. Тие го следат секојдневието и најрано забележуваат отстапки. Понекогаш се работи за нешто минливо, но тоа треба да го процени стручњак“, додава таа.

Како пример, таа ги издвојува ситуациите кога детето избегнува контакт со очи, не реагира на повик по име или одбива игра со врсници. „Во време на интернет, родителите лесно може да се изгубат во информации и да извлечат погрешни заклучоци. Затоа е важно да се побара стручна проценка“, нагласува.

Шатровска зборува и за важноста на исхраната, сонот и навиките. 

„Децата мора да се хранат здраво, да имаат доволно сон и активен ритам. Но, еден од најчестите проблеми што ги гледам е навиката да се пуштаат цртани филмови за време на оброк. Така детето не учествува свесно во процесот на хранење, а вниманието му е свртено кон екранот. Исто така, времето пред телефон или таблет мора строго да се ограничи, бидејќи тие не го стимулираат говорот“, предупредува таа.

Кога станува збор за стимулација на говорот, Наташа е јасна: „До третата година екраните треба да се сведат на минимум или воопшто да ги нема. Наместо тоа, играта, истражувањето и раскажувањето се најдобрата алатка за развој. Токму преку игра детето го зајакнува моторниот, когнитивниот и говорниот развој.“

Особено важна е соработката меѓу родителите, воспитувачите и логопедите. „Детето голем дел од денот го поминува во градинка или училиште. Воспитувачите често први забележуваат одредени потешкотии или напредок, па таа информација е драгоцена за логопедот, кој потоа ја насочува терапијата“, вели таа.

На прашањето дали секое задоцнување е траен проблем, таа одговара со оптимизам. 

„Со истрајност и посветеност, резултати секогаш има. Можеби не секогаш ќе се постигне целосно решение, но секогаш може да биде подобро од тоа што е. Верувам дека упорноста поместува планини.“


Најчеста грешка, според неа, е чекањето. 

„Родителите често слушаат совети како ‘ќе прозбори, не се грижи’. Но, времето е клучно. Колку порано се побара стручна помош, толку поуспешна ќе биде рехабилитацијата“, потенцира Шатровска.

На родителите кои се плашат од дијагноза им порачува: „Не се плашете. Дури и ако постои проблем, тој може да се промени, а колку порано реагирате, толку пократко ќе трае процесот.“

На крајот, логопедката дава и конкретни совети: 

„Разговарајте јасно и разбирливо со своите деца, сведете ги екраните на минимум, играјте игри кои бараат целосна вклученост, читајте приказни и раскажувајте им. И не заборавајте – времето поминато во природа е најдобро потрошено време.“


Ирена Ставрова


Дознајте сè за случувањата во шоу бизнисот, бидете во тек со темите за животен стил и мода. Пријавете се во нашата Вибер група