Ана Бунтеска: Колку ти чини Кољо “аутфитот”!

Добивај вести на Viber

Ќе нè убие малограѓанштината и поганлакот, дефинитивно. И тоа двете во комбинација која што е џек-пот за да си ги видиме вистинските лица едни пред други, без маските на лажна емпатија, кроткост, разбирање. Ете, така знае одвреме навреме да ми се подзгади од луѓе, социјални мрежи и искривени вредности што ми иде од кожава да си излезам. И кога сме веќе кај искривените вредности, во заблуда сте ако ви падна на ум дека ќе ја критикувам девојката со часовник од 30.000 евра или ташна од не знам си колку илјадници евра. Не само што сте во заблуда, туку ако ви падна на ум таква помисла тогаш ептен не се познаваме иако сум истурила и џигер и црева и срце пред вас.

Ок, се сложувам дека има прашања кои се поприлично невкусни за поставување, како што се:

1.  Кога ќе се мажиш?

2.  Зошто немате деца?

3.  Зошто се разведовте?

4.  Здебелена си?

5.  Да не си болна што ослабе?

6.  Колку пари заработуваш?

7.  Колку пари даде за....... (пишете по ваша желба)

Е сега, да имаме на ум дека емисии во кои водителите одат со микрофони и камери низ град и прашуваат минувачи колку им чини аутфитот (или по нашки, она што го носат на себе) не се наша измислица. Тоа се емисии кои постојат во етерот во многу земји, кои некогаш се извор на информации каде има аутлет (по нашки, продавница со попусти), но некогаш се и извор на фрустрации кај многумина. Значи, тоа се емисии кои имаат за цел да бидат забавни, неоптеретувачки и што би рекле старите “да се слуша нешто во позадина”. Минувачите се од секаков ков, од оние кои не се оптеретуваат што носат, до оние кои со големо внимание го одбираат секое парче облека, накит и останати пропратни тракатанци кои имаат за цел да го заокружат изгледот.

Она што стана многу актуелно деновиве, да не речам “скандалозно и шокантно” е еден исечок/клип во кој девојката раскажува за тоа колку чини сè што носи на себе. Сумите кои ги наведе веднаш ми беа аларм дека сега ќе ја расчеречат по социјалните мрежи. Така и би! Оти нели, нашата дежурна полиција за морал и квалитет веднаш имаше што да каже за целата случка, почнувајќи од потсмевањето дека рекла Картиер наместо Картие и акцентот на кој девојката зборуваше, па сè до заклучоците дека има спонзор и низа такви едни кој од кој поодвратни муабети (оти само кај нас сите клевети и јадење гурабии кои поткопуваат нечиј авторитет и интегритет, не се казнуваат соодветно. Мореееее, како немаме механизам за ова па да и’ дојдеше Картието гратис!). Згора на сè, се бараше во коментари потекло на имот, па пак да излезела таа пред камери за да и’ објасни на ценетата јавност “од каде бе нејзе толку пари?”. Гледам, читам и не ми се верува.

Прво и основно, за да се разбереме како што треба, да ви го кажам и мотивот за пишување на колумнава. Целта не е да оправдувам или осудувам нечиј начин на живот. Целта не ми е да пропагирам трошење пари на скапи часовници или на купување брендирана облека, исто како што целта не ми е да кажам дали истите тие пари да се вложеле во книги е поарно или полошо. Целта ми е многу едноставна и многу проста за разбирање....

НЕ СЕ МЕШАЈТЕ ТАМУ КАЈ ШТО НЕ ВИ Е РАБОТА! Толку.

Кој што прави со свои пари, никогаш ниту ме интересирало ниту ќе ме интересира. Ме интересира на пример каде одат парите од буџетот, кој кого финансира и за што, ама од оние пари кои се прибираат од нас како граѓани. Ме интересира...и тоа многу ме интересира кој од пратенициве влегол во политика со еден стан и еден автомобил, а излегол од политика со 10 станови, 6 викендици, 5-6 џипа и салдо во банка со повеќе нули. Ме интересира зошто имаме институции во кои вработените земаат плата секој месец, а кои не се занимаваат со тоа дали објектите во кои има журки и концерти се опремени со противпожарни апарати. Ме интересира зошто сите институции (во кои има вработени кои земаат плати секој први во месецот), не провериле дали постои опасност од горење на тешки метали во случај на пожар. Ме интересира со кои пари се платени музичари од бившите ЈУ простори, кога се во прашање износи од 110.000 евра. Многу ме интересира зошто ниту една државна институција која е платена од наши пари не поднесува отчет пред граѓаните за сè што сработела, но и за тоа што не го сработила. Ме интересира какви тендери се распишуваат, зошто се одбираат токму тие снабдувачи кои се одбираат, ме интересира дали се обновува возен парк за чаталење или за потреба (на пример, возила за брза помош). Ама да бидам искрена, воопшто и ич не ме интересира каде и како ги троши парите некоја си рандом девојка, освен ако истата таа или нејзините родители не се вклучени во политика, или евентуално да се дел од некакви државни органи кои се на буџет.

И она што ме згади најмногу беше како се заборави Кочани, Вања, загадувањето, крадењето...на сметка на Карие од 30.000 евра. Што ве заболе бе мал прст од лева нога од каде нашла пари и дали сама си купила или некој и’ купил? Зошто е толку иритантно дали некој има или нема пари за да си приушти нешто? Зошто треба да тргне секој од сопствениот вкус или приоритети за да осудува или поддржува? Јас да имам 100.000 евра во џебот сега, не би купила часовник затоа што не носам часовници, не носам накит, не носам дамски ташни. Дали ако тие пари ги дадам за да си купам ретка книга, ќе чинам?! Секако дека не, оти човек што и да стори, каков и да е, какви ставови да има или негува, секогаш ќе има такви кои ќе го поддржуваат или плукаат. Малку беше дури и смешно да се спомнува дека можела наместо саат, да купи возило за потребите на некоја клиника. Ај важи! Наместо да разбуричкаме зошто е дефицитарно нешто за што сите плаќаме, ние ќе полемизираме и моралисуваме што можела единката да набави со своите пари. Не само што скроз се изместивме, ами и забегавме.

Отчет да си барате од мажите, жените и децата, оти со нив живеете во заедница. Отчет да барате од политичарите, оти вие ги плаќате. Знаеме дека пратениците земаат по 2.000 евра месечно, ама многу сакаат граѓанството да им е политички писмено и ангажирано. Во ред е! Затоа ве плаќаме, за ние да се бавиме со политика. Не сакам бе да се занимавам со тоа, сакам да ја оправдате довербата и парите кои ги лапате. Но, отчет не се бара од луѓе кои ама баш никако не ве загрозуваат. Тоа е исто како некој да тргне по куќи и да ве суди оти дома ви е наместено вака или онака, зошто тепихот ви е од поскапите или каков телевизор имате. Тоа е исто како некој да ви каже “дај да видам колку пари имаш на картичка” или да ви брцне во новчаник. А сигурна сум дека ќе му ја расплачете мамицата на секој кој ќе ви брцне во приватноста и дека ќе се најдете засегнати и погодени. Многу е лесно да се најде жртва врз која ќе се истури масовна омраза, со поддржување едни со други за тоа кој погнасен коментар ќе даде. Многу е тешко да се насочи критиката онаму каде што треба, затоа што тоа бара храброст и доследност.

Колку за ваша информација, пола од ова странскиве брендови не знам како се изговараат, ниту пак ќе се потрудам да научам. Некои од вас може да ме наречат и проста, неука или хехехе “сељанка една”. Ама едно знам со сигурност, а тоа е следново. Наместо да се потресувате дали некој ќе каже Картие или КартиеР, проверете колку го знаеме мајчиниот јазик. Не за друго, туку дека не ретко ми се случило да ми кажат “лилааааааа, нишу не те разбирам од тоа дијалектите....пишуј Скупски”.

Да сте живи и здрави, ви подарувам песна.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Да си гледаш чергата чупе
И под неа ѓубре да не збираш
Метла купи си
Од оние старите
Со долга дрвена дршка
И ако те бива ем ќе зачистиш
Ем ќе си се кикотиш на своја сметка
Оти и да леташ на неа можиш
Остај ги модерниве машини
Демек смукале прашина ко душа да смукаат
Та ги гледам по телевизиине
Како за пет минути се’ можело да светни
Ти метла да си земиш!
И по дома со неа да чистиш
И во себе некојпат
Околу себе ко ќе треба 
Оти ѓубре и во тебе и околу тебе се збира
Ете така да си знајш
Чоек ко си чисти редовно в куќа и пред порта
Нема време со туѓото ѓубре да си ги валка рацете
Не биди љубопитна да ѕирниш кај комшиите
Или не дај Боже кај нив да сакаш да заметиш
Ете зато во секој дом мора метла да има
Оти секој знај ум да дава секому
Та вака требало да се кажи
Та онака требало да се напрај
А да ги потпрашаш
Никој кај себе не си чисти ко шо треба
Ќе изнапикаат се’ и сешто под ќилими
Ќошојте полни лоши мисли
Во плакарите сеништа од минатото
Ама сите паметни кај другите како треба
Не туку ме гледај така и ум бери
Метлата в раце
Шо почесто, то поубо за тебе
Мрза да не бидиш
И да видиш како ќе засветиш
И ти 
А и куќата ќе си ја спастриш
Она шо мака на срцето ти прај
И на градите ми ти тежи
Со метла да го подбериш
И одма в канта да го фрлиш
И не туку се пули во туѓото ѓубре
Ниту таму работа имаш
Ниту да даваш твоето друг да го чисти
Засукај ракајте
Спастри косата и почни
Првото чистење е најтешко
И најдолго трае
Ама па ако си мудра
Секое следно полесно и пократко ќе е
И на душичето леко ќе ми ти стани
Туку вие младите неќите така
Вие сакате се’ ко мачката со опашката да прајте
Вклучи струјата и ајт
Набрзина се’ ќе се зачистело
А ништо на овој век шо е брзо не е арно
Зато и животот така ви минва
Брзај ваму
Да стасаш онаму
Ко муви без глај трчате
Да не се знаело како метла в раце се држи
Демек модерни а ваму несреќни
Чергите да си ги гледате
И нозете да ги пружите толку
Колку што чергите долги ви се
Ни појќе ни помалку
Без да аздисувате метлите в раце да ги фатите
И душите да си ги заметите
Ако сакате со лезет и убост живот да врвите