„Предрасудите и стереотипите создаваат лажна перцепција на реалноста“: Каролина Костадиноска - гешталт терапевт

Колку и да сметаме дека модерното општество е напреднато во поглед на меѓусебната комуникација, сепак и понатаму гледаме или се соочуваме со примери каде што стереотипите и предрасудите го заземаат централното место. Понекогаш случајно, а многу често и намерно, заедницата ги става луѓето во однапред детерминирани категории – кои создаваат лажна перцепција и имаат само негативен ефект во општеството. Ако некоја жена е успешна тогаш мора да е нечија швалерка, ако мажот е емотивен тогаш мора да е плачко, а луѓето постари од 60 години се стари и бескорисни...
Ајде за момент да застанеме и да ја анализираме оваа тема од друг агол: Колку примери ни го докажале токму спротивното? Дека жената е способна самата да го изгради својот професионален успех, дека мажот не е плачко туку не се плаши да ги покаже емоциите, дека повозрасните луѓе се всушност многу способни и полни со искуство.
Клиничкиот психолог и гешталт терапевт Каролина Костадиноска вели дека предрасудите и стереотипите се непроверени туѓи убедувања кои ја обојуваат перцепцијата кон светот и другите. Луѓето кои своите мислења ги базираат на предрасуди се карактеризираат со нефлексибилност во размислувањето и резонирањето (црно-бело мислење), како и со силен отпор кон промени кои би придонеле за раст и развој на поединецот и средината.
„Токму предрасудите се одговорни за крутоста на нашите ставови и вредности, па затоа и карактерот на личноста се формира во насока на ригидност и стерилност“, вели Костадиноска.
https://www.youtube.com/watch?v=AsX_W2YiS8U
Предрасудите и стереотипите се повторувачки програми и ментални шеми кои ни го ограничуваат широкото разбирање на светот и ги лимитираат различните перспективи кон животот на единката или пошироката социјална заедница. Ако единката е загадена со мноштво на предрасуди на различни нивоа, може да кажеме дека тие влијаат врз структурата на менталитетот на една нација. Нација со многу предрасуди е нација која само “голта”, но не “џвака”.
Според мислењето на Костадиноска, отворениот ум е оној кој е ослободен од предрасуди, ум кој свесно може да ги процесира односите меѓу луѓето, ситуациите и настаните низ сопствен филтер и носи здраворазумни и логични заклучоци незагадени од туѓите верувања, активирајќи го сопственото критичко мислење. Накратко, таа вели дека флексибилниот и отворен ум го доживува светот на автентичен начин низ призмата на прифаќање на другиот таков каков што е, без социјални етикети на неговиот идентитет.
Со цел да создадеме свет без предрасуди, важно е да се отвориме пред секој еден човек во нашиот живот, силно да застанеме зад нашиот став и гласно да кажеме дека: Да, можеме да направиме место на разбирање и толеранција, на почит и заедништво – место кое наместо да разделува, прави да се поврземе еден со друг. И затоа, ако сакаме да ја видиме промената, мора самите да направиме да се случи.
Поттикнати од кампањата на Македонски Телеком #НаправиМесто, која повикува на отвореност и меѓусебно разбирање, а која оваа година е фокусирана на надминувањето на предрасудите, нашата редакција прави повеќе место за вести и приказни кои ги надминуваат предрасудите и ги рушат бариерите.
*ПР објава