„Поддршката од сопругот е клучна – тој ми дава ветар во грб да истраам во своите идеи и намери“: Разговор со Андријана Јаневска

Скоро и да нема име на македонската музичка сцена кое не поминало низ нејзиниот педагошки дурбин. Покрај негување на сопствениот музички приказ, искусното уво на Андријана Јаневска знае да препознае музички талент во секое дете, од зародиш до негова дообразба.
Омилена професорка на многу генерации, пријателите ја опишуваат како забавна и топла личност, колегите ја почитуваат, а публиката сѐ уште ги памети нејзините хитови и често се потпевнува „Моја библија“. Покрај забавната музика, колегите ја посочуваат и како женски вокал кој најдобро може да ги отпее изворните македонски песни.
Сопруга, мајка, семејна жена, остварена на секое поле, го живее тоа на што ги учи своите ученици и студенти, доследна на себе и своите идеали, песните ги пее со родољубни метафизички ноти, поради што публиката ја доживува и како верна чуварка на националниот идентитет на вистински начин - преку културен натпревар помеѓу народите.
Никогаш поискрена, за сите теми кои ги интересираа нашите читателки, говори Андријана Јаневска.
Како јавна личност и уметник кој трае веќе со децении, колку ти беше тешко и дали се соочуваше со предизвици да го доведеш во рамнотежа приватниот и професионалниот живот? Имаше ли моменти кога мораше да положиш дополнителни жртви или да се откажеш од едното или другото?
-Сметам дека за еден човек да биде среќен, мора да постои баланс помеѓу приватниот и професионалниот живот. Тие треба да се надополнуваат, а не да си пречат. Кај мене, среќна околност е што и сопругот ми е музичар, па совршено го разбира начинот на кој функционира мојата професија.
Да, понекогаш се потребни жртви – кога имам секојдневни настапи или обврски поврзани со училиштето – но сето тоа на крајот се надополнува. За време на зимскиот и летниот распуст кога децата се слободни и јас имам многу слободно време кое го користиме за фамилијарни патувања.
Дали мајчинството те промени? Кои се најважните лекции што ги научи откако стана мајка?
-Кога го родив првото дете, мајчинството веднаш ми стана приоритет. Во годините што следеа, додека ги гледав како растат моите деца, имав чувство како и јас повторно да го преживувам детството заедно со нив.
Mајчинството ме научи што навистина значи да бидеш смирена и трпелива дури и кога си уморна, исцрпена и без време за себе. Научив да си простувам кога не успевам да завршам сè според планот. Детето не бара совршен родител – бара топлина, љубов и присуство.
Неодамна прославивте годишнина од бракот со сопругот. Колку ти значеше неговата поддршка во текот на сите овие години?
- Поддршката од сопругот е клучна – тој ми дава ветар во грб да истраам во своите идеи и намери. Уште кога се запознавме, пред речиси 20 години, и двајцата веќе имавме оформени кариери, па откако стапивме во брак, лесно се усогласивме.
Како карактери сме сосема различни, но токму затоа и се надополнуваме. Заедно работиме и во нашето музичко студио, каде што секој точно знае што му е задача.
Во текот на твојата кариера, дали имаше големи подеми и падови? Дали сметаш дека го достигна врвот на својот успех или сè уште имаш планови и амбиции за во иднина?
-Подеми и падови има во животот на секој човек – важно е да ги прифатиме како дел од патот, да извлечеме поука и да продолжиме понатаму, уште посилни. Моите амбиции отсекогаш биле насочени кон образованието, додека на естрадата никогаш немав конкретни планови.
Што се однесува до истражувањата – откако ги завршив во Албанија – би сакала да продолжам во Егејска и Пиринска Македонија. Тоа ми е следен предизвик.
Дали некогаш си размислувала да заминеш надвор од Македонија, таму да живееш и твориш, или свесно реши да останеш во својата татковина?
-Никогаш не сум размислувала за заминување, иако имало многу понуди за работа во странство. Верувам дека нема поубава земја за живеење од Македонија – само треба повеќе да си ја чуваме и вреднуваме.
Кoja ти е омилената домашна активност? Дали сакаш да готвиш и како се храниш, имајќи предвид дека изгледаш одлично и со завидна форма?
-Од домашните активности, омилено ми е да се грижам за градината и цвеќињата – садење, кроење, одржување на дворот. Имаме над 100 садници, а зимно време цвеќињата ги преместувам во стаклена градина каде што цветаат и уживаат.
Имаме и миленици – куче и маче – за кои исто така се грижиме со љубов. Што се однесува до храната, јадеме исклучиво домашно приготвени оброци.
Обожавам традиционални јадења како полнети пиперки, мусака и тавче гравче. Што се однесува до изгледот, веројатно станува збор за генетска предиспозиција, бидејќи не одам во теретана и не вежбам активно, но, сакам да пешачам и мислам дека и тоа влијае на физичката кондиција.
Како изгледа твоето секојдневие? Колку време во денот посветуваш на работа, колку на семејството – и дали воопшто ти останува време за себе?
-Станувам во 7 часот со децата, кои ги испраќам на училиште. Во текот на денот имам различни ангажмани, но обично не повеќе од 8 часа дневно. Ако наутро имам часови на факултет, попладнето ми е слободно за себе и за семејството.
Ако навечер имам настап, се трудам претходно во денот да не закажувам ништо друго. Си легнувам околу 23 часот и спијам по 7-8 часа секоја ноќ.
Кога ги носам децата на музичко, потоа одиме на пица или шетаме во чаршија. Во недела не работам – тоа е резервирано за семејна прошетка, најчесто во парк или на Водно.
Во студио снимам наутро, кога децата се на училиште, или навечер кога ќе си легнат. Секоја вечер со сопругот седиме во дворот и си разговараме – тоа ни е наш ритуал.
А за тоа што е потребно за некој да биде добар пејач, од кога почнува да се работи на развој на талентот и вештината за пеење и како таа како професор препознава кој ќе стане добар пејач меѓу нејзините ученици, а кого да го насочува за друг музички потфат, во продолжение во аудио разговор ни открива Андријана Јаневска:
Фото извор: Meta - Андријана Јаневска
Разговорот го водеше: Магдалена Стојмановиќ - Константинов
*Дознајте сè за случувањата во шоу бизнисот, бидете во тек со темите за животен стил и мода. Пријавете се во нашата Вибер група