На пат кон дома станица само за уживање: Лековита вода и мир во подножјето на Кајмакчалан

Добивај вести на Viber

Иако во Грција сè уште постојат оптимални временски услови за плажа и море, тоа не значи дека треба да ја исклучите опцијата за бањски одмор. Напротив – ако се враќате од летување или сакате да направите кратка пауза на пат кон дома, спојот на историја, природа и топла термална вода го нуди совршениот микс за релаксација.

На само десет километри од село Пожарско (на грчки Лутраки), се наоѓа еден од најпознатите бањски комплекси во регионот. Лутраки се протега во подножјето на планината Кајмакчалан, во срцето на Мегленско, Егејска Македонија. Ова живописно место изобилува со природни убавини, потоци, манастири и, секако, лековити топли извори.


Историја и природно богатство

Селото Пожар, денес Лутраки, е сместено во северозападниот дел од Мегленската котлина, во зелените предели на Кајмакчалан. Се наоѓа на само 13 километри од градот С’ботско и е место кое плени со автентичност и мир. До 1922 година ова село било познато под името Пожар, а денес е туристичка дестинација која сè повеќе ги привлекува љубителите на здравствениот и природниот туризам.

Лутраки е благословено со термални извори со температура од 37 до 38°C. Водите се лековити и со децении се користат за третман на ревматски заболувања, ишијас, бронхит, дерматолошки проблеми, гинеколошки нарушувања, како и респираторни и циркулаторни тегоби.

Спа-комплекс среде природа

Бањскиот центар располага со повеќе базени. Главниот базен има димензии од 25 метри ширина и 50 метри должина, додека помалите базени се со длабочина од 1 метар, долги околу 10 метри и широки 30 метри – погодни за сите возрасни категории. Највпечатливото искуство за посетителите е капењето во топлата река што тече низ густа шума – природно спа доживување што ретко се среќава.

Посетете го и Воден – градот на водопадите

Доколку сте во оваа област, не пропуштајте да го посетите и градот Воден (на грчки Едеса), сместен северозападно од Солун. Во минатото познат како Водена, овој град е најпознат по импозантниот водопад Керано, каде водата паѓа од височина од околу 70 метри. Денес, благодарение на вложувањата на локалната општина, околината на водопадот е претворена во уреден парк кој нуди пријатна прошетка, панорамски тераси и простор за одмор.

РЖМ
Фото: Инстаграм