Сопругата на загинатиот Андреј од ДНК денеска со порака што одекна низ толпата и мора конечно да се слушне
На денешниот марш во Скопје, Наталија Ѓорѓиеска – сопругата на трагично загинатиот пејач Андреј Ѓорѓиески од групата ДНК – упати силен, потресен и јавно одекнувачки апел до пратениците во Собранието. Во име на сите семејства кои ги загубија своите најблиски во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, таа побара институциите конечно да ја отворат вратата кон вистината.
Ѓорѓиеска ги повика пратениците да иницираат надзорна расправа и да формираат посебна анкетна комисија, која ќе спроведе целосно, независно и непристрасно испитување на трагедијата – од првиот момент на пожарот, до дејствијата, но и недејствијата на институциите.
„Бараме да се утврди зошто институциите задоцнија. Никој не треба да живее со мислата дека некој можел да биде спасен, а не бил,“ истакна таа, додавајќи дека семејствата не смеат да ја носат болката што може да е последица на пропуст, негрижа или недостаток на реакција.

Во нејзиниот говор пред законодавниот дом, таа ја нагласи длабоката сомнеж и недоверба кои останале по досегашното истражување, кое – како што посочи – е нецелосно, со многу отворени прашања, нерасчистени моменти и недообјаснети околности. „Останавме со сомнеж дека вистината е сокриена,“ порача таа.
За Наталија, трагедијата во Кочани не е само колективна болка – тоа е директна повреда на најосновните човекови права: правото на живот, на безбедност и на навремена и ефикасна реакција на институциите во ситуации со закана по живот.
Анкетната комисија, нагласува таа, е потребна за да се утврди можната политичка или службена одговорност на сите нивоа, како и за да се предложат мерки што ќе гарантираат дека ваква трагедија никогаш повеќе нема да се повтори.
„Имаме право на вистина,“ заврши Ѓорѓиеска – пораката што одекна низ толпата и која, како што велат семејствата, мора конечно да се слушне.
Инаку, маршот денеска доби масовна поддршка во Скопје.Маршот започна од плоштад „Македонија“ а колоната потоа застана пред Собранието и Кривичен суд.
За четири дена започнува судскиот процес со првото рочиште.
РЖМ/ИС - Фото: PRINTSCREEN youtube