Концерт на Калиопи во Македонска филхармонија: Бевме сведоци на лекција по живот, љубов и музика
Македонската музичка дива Калиопи синоќа приреди уште една незаборавна вечер за својата публика. Анплакт концертот, кој траеше повеќе од два и пол часа, беше вистинска фузија од искреност, професионализам и невозможна количина емоција што само таа знае да ја подари.

По завршувањето, како ехо во салата на Македонска филхармонија, одекна извик од еден фан: „Што беше ова, што ни се случи, феноменално!“ И тоа беше најточното нешто што можеше да се каже. Како да ни се случи нешто надреално, нешто што не се опишува со зборови, туку само се чувствува. Стоевме под светлата во салата, обземени од бранови емоции, толку силни што тешко се собираа во едно тело. Бевме набиени со позитивна енергија, замолчени од убавината што ни ја подари.
Калиопи направи да си заминеме среќни. И малку збунети, затоа што ретко се случува некој толку силно да ти ја отвори душата, па да не знаеш како да ја затвориш. Тие два и пол часа не може да се опишат со класичните термини за вакви настани „ публиката аплаудираше, играше, пееше и да се нафрлат имињата на песните што ги отпеа“ .Тие беа многу повеќе од тоа. Беа прочистување. Како да ни подари простор да дишеме, да чувствуваме, да си дозволиме да бидеме ранливи и силни во исто време. Во овој наш хаотичен, забрзан живот, таа ни врати момент на чиста човечка убавина.
Излезе на сцената возбудена, насмеана, а нејзината енергија почна да лебди низ воздухот и да го освојува секој нејзин фан во преполната сала, полека и ненаметливо. Веднаш воспостави искрена и топла комуникација со публиката, потенцирајќи дека во текот на концертот ќе „мора да го поткрева горниот дел од чизмите, бидејќи ослабела“, дека „кратко време ќе и трае шминката и фризурата, бидејќи ќе течат реки од солзи “. Откри и една професионална тајна поврзана со настапот на Евровизија во 2016 година. На тој настан требала да ја пее „Казна„ , а не „Дона“ и дека сега се кае што не го послушала Ромео Грил, потписник на сите нејзини хитови.
-Ромео рече дека ќе го следи концертот од првите редови. Не е присутен во салата, но е тука со нас на сцената преку песните што ги создаде- рече таа.

Уште на почетокот се почувствува и извонредната синергија што Калиопи ја дели со својот бенд, за оваа пригода споен со камерниот ансамбал. Со огромна почит кон секој музичар, таа неколку пати нагласи дека сцената е местото каде сите придонесуваат еднакво, од инструменталистите до придружните вокали. Токму оваа колективна посветеност ја создаде моќната звучна слика што ја водеше вечерта. Таа синергија се пренесе и на публиката.
А нејзиниот глас. Сѐ уште ми одѕвонува во ушите, како некој да ми ставил ехо од чиста емоција. Моќен, беспрекорен, наполнет со живот. Пееше стари и нови хитови со ист жар, како да ги раѓа пред нас во тој момент. Ништо наметнато, ништо претерно. Само искрена, природна музика што те остава без зборови.
Потоа дојде моментот што ни ја стопли душата: седна на клавир, само со придружните вокали, и ја отпеа „Не плачи“. „Како да сте ми во дневна соба“ рече. И навистина така беше. Интимно, топло, нежно. Како да се приближила до секој од нас и ни пее на увце, како да сме ѝ пријатели што ги поканила на вечера. Тоа е нејзината моќ, да создаде близина во салата со илјадници луѓе.
А кога рече со насмевка: „Ќе полнам 59 години, ќе ме трпите уште“ салата се разби од љубов. Беше тоа момент на искреност, на години поминати на сцена. но и години што допрва ќе ги славиме.

Потоа следеше блокот македонски хитови, омаж за уметниците што ја граделе нашата музичка историја. Како дете што сонува пред телевизор, ни раскажа дека од мала ги гледала македонските пејачи и ги пеела нивните песни. И во тој момент, им оддаде почит на сите нив.
Дај Боже да ја „трпиме“ уште долги години. Калиопи е нашето суво злато, не затоа што е ретка, туку затоа што е чиста, непроценлива, автентична. Таа е глас што не само што се слуша, туку и обединува.
Таа е емоција што не само што те допира, туку те менува.
И кога ќе помислам на таа вечер, сфаќам дека не бевме само на концерт. Бевме на лекција по живот, љубов и музика.
Таа лекција ќе ја повтори и на концертите закажани на 5 и 6 декември, во организација на „ Прагма продукциија“.
Фото: Вангел Тануровски