Во чест на Андреј и Панчо: Balkanika со специјална емисија за ДНК
Balkanika Music Television подготвува посебна емисија посветена на легендарното македонско дуо DNK, група која остави длабока трага на домашната музичка сцена и во срцата на илјадници фанови. На 15 ноември во 19:00 часот и 16 ноември во 12:00 часот, гледачите ќе имаат можност да ја проследат ексклузивната програма Balkan Stories, снимена за време на еден од нивните најголеми концерти во Скопје.
Емисијата вклучува интервјуа, задкулисни моменти и автентични сведоштва за музичката приказна на DNK – приказна за другарство, талент и искрена посветеност кон публиката. Телевизиската екипа на Balkanika го документираше целиот настан, а снимениот материјал денес добива дополнителна тежина и емоција.
Овој специјал ќе биде емитуван во чест и спомен на Андреј и Панчo, двајца музичари за кои Македонија зборуваше со почит, а публиката ги сакаше како свои. Тие трагично ги загубија животите во катастрофалниот пожар во дискотеката во Кочани, трагедија што го маркираше целото општество и ја отвори темата за безбедноста, одговорноста и кревкоста на животот.
Со повторното емитување на овие исклучителни моменти, Balkanika Music Television им оддава достоинствена почит и го зачувува сеќавањето на DNK токму онакви какви што беа – силни, харизматични и безмерно посветени на музиката.
Емоционална програма која вреди да се погледне, како спомен и како благодарност за музиката што ја оставија зад себе.
РЖМ/ИС - ФОТО