Крај на евтините пакети од Кина: следната година, ЕУ ќе воведе царини за пакети вредни помалку од 150 евра

Добивај вести на Viber

Европската Унија го забрзува воведувањето царини за евтини пратки од Кина, што би можело драстично да ги зголеми трошоците за нарачки од Тему, Шеин и други платформи.

Министрите за финансии на ЕУ постигнаа договор за воведување царински давачки за пакети со ниска вредност што пристигнуваат во ЕУ уште следната година, со цел да се справат со евтиниот увоз од кинески онлајн продавници. Овој потег би можел најмногу да ги погоди продавниците како „Шеин“ и „Тему“.

Министерскиот договор, постигнат во Брисел, предвидува царинските давачки да бидат воведени „што е можно поскоро“ во текот на 2026 година, со што ќе се отворат преговори со Европскиот парламент, чија согласност е исто така неопходна.

Европската унија се обидува да го забрза својот одговор бидејќи расте загриженоста дека пазарот е преплавен со евтини кинески стоки.

Европскиот комесар за трговија, Марош Шефчовиќ, им предложи на министрите да го укинат таканареченото правило „de minimis“, односно ослободување од царински давачки за онлајн купувања под 150 евра веќе во првиот квартал од 2026 година, што е две години порано од првично планираното. Наместо тоа, треба да се воведе „поедноставена привремена царинска давачка“, рече тој.

Европската комисија предложи да се укине ова ослободување во 2023 година, но дури од 2028 година, кога треба да стапи на сила сеопфатната реформа на царинскиот систем на ЕУ и кога правилото de minimis формално ќе биде укинато.

Без одложување

Онлајн платформите како Тему, Шеин, Алиекспрес и Aмазон досега можеа да испорачуваат облека, додатоци и мали направи директно од кинеските фабрики до европските врати по екстремно ниски цени токму благодарение на ова царинско ослободување.

„Европските индустрии, особено трговците, постојано нагласуваат дека оваа нарушена пазарна конкуренција мора да се отстрани без одлагање“, напиша Шефчович.

Договорот наиде на позитивни реакции низ цела Европа.

„Укинувањето на ослободувањето ќе ги затвори долгогодишните дупки во законот што систематски се користеа за да се избегнат царините“, рече данската министерка за економија Стефани Лосе.

Германскиот онлајн трговец на мало „Заландо“, еден од најгласните застапници за побрз одговор од ЕУ, во соопштението изјави дека укинувањето на ослободувањето треба да се забрза.

Трговските здруженија во Шведска и Германија изјавија дека договорот на министрите за финансии е првиот чекор кон пофер пазарна конкуренција.


Обработка РЖМ/ИС / EUpravo zato - ФОТО: EPA/HANNIBAL HANSCHKE