Жените во Македонија од следниот месец ќе се пораѓаат без болка - целосно бесплатно: ГАК ги соопшти револуционерните новини

Од 1 октомври, сите идни мајки во Македонија ќе имаат можност да се породат бесплатно и без болка на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје.
Веста, која брзо се рашири и предизвика лавина позитивни реакции, ја потврдија директорката на клиниката д-р Ирена Алексиоска – Папастиев и д-р Ненад Лазаров, еден од најпознатите гинеколози на социјалните мрежи.
„Стравот е голем, но сакаме да им остане убаво сеќавање“
„Секоја пациентка има можност бесплатно да се породи на нашата клиника. Кај нас доаѓаат најспецифичните, понекогаш и најкомплицираните случаи, особено бременостите под 32-та недела. Тоа секогаш носи неизвесност и страв, а ние сакаме породувањето да остане убаво сеќавање – современо, безбедно и безболно,“ изјави Алексиоска – Папастиев за ТВ24.
Со оваа одлука, ГАК ја отвора вратата за идните мајки кои долго време барале еднаков пристап до безболно породување, нешто што досега беше привилегија на малкумина.
Лазаров ја сподели веста, жените одушевени
Информацијата прва ја објави и д-р Ненад Лазаров на својот фејсбук-профил, каде што има илјадници следбеници. Неговиот пост веднаш предизвика бурни реакции и стотици коментари од идни мајки кои велат дека ова е „подарок што долго се чекал“.
„Почитувани трудници, со радост ве информирам дека од 1 октомври ќе имате можност за протоколарно бесплатно и безболно породување,“ напиша Лазаров.
Еуфорија и надеж за подобро мајчинство
Новината е дочекана со еуфорија, бидејќи во време на економска криза и големи трошоци за живот, бесплатната медицинска услуга се гледа како олеснување за секое семејство. Воедно, тоа е и сигнал дека клиниката прави сериозен обид да ги модернизира условите за породување и да ја врати довербата на пациентките.
За многу жени оваа промена значи нова надеж – дека на свет ќе го донесат своето бебе без болка, без дополнителни трошоци и со чувство на достоинство.