Мајки без деца се враќаат со бебиња: Мистичниот Говедарев камен кај Овче Поле крие вековни тајни за заштита на мајчинството

Добивај вести на Viber

Говедарев камен, познат и како „симбол на женска радост“, е мистично место сместено во Овче Поле, на шест километри од Свети Николе, во близина на селото Пеширово.

Секоја година, на празникот Ѓурѓовден, тука доаѓаат луѓе од целата земја и странство во потрага по лек за неплодност и благослов за потомство.

Обичајот има длабоки корени, поврзан со архаичните религии и култот кон камењата, присутен во многу култури. Кај Говедарев камен се практикува обредот „побратимство“, духовно сродство кое во овој случај се склучува меѓу жена која не може да има деца и непознат маж. Верувањето е дека токму овој ритуал може да ѝ помогне да добие рожба.

Ритуалот се изведува на Ѓурѓовден – со црвена и бела волница трипати се обиколува каменот, симболично за нов живот и плодност. 

Жената се мие со вода од изворот што извира во самата карпа, а кумот со појас ја благословува. Жената ја носи обредната волница цела година, а ако добие дете, следната година се враќа со семејството и носи курбан, најчесто јагне. Кумот станува и кум на новороденото.

Легендите велат дека каменот е поврзан со цар кој барал машко дете, но и со Самуиловите војници кои ги лекувале раните со водата што извира од него. Жителите на околните села Амзабегово, Пеширово и Ерџелија и денес го одбележуваат празникот кај ова место, кое се смета за свето.

Во малото манастирче покрај каменот, луѓето кои го одржуваат велат дека биле сведоци на бројни чудотворни излекувања. 

Мајки што со години не можеле да имаат деца, веќе наредната година се враќале со новороденчиња. За нив, ова е „света македонска земја“ чии мистерии науката сè уште не може да ги објасни.

Фото извор: Википедиа 


**Дознајте сè за случувањата во шоу бизнисот, бидете во тек со темите за животен стил и мода. Пријавете се во нашата Вибер група