Ана Бунтеска: И душата знае да се разреси

Добивај вести на Viber

И душата знае да се разреси

Како платно поткинато

Дали од старост или невнимание, сеедно

Или како фустан кој на брзање

Се потфатил на ивицата од масата

И се слуша еден звук остар

Како да негодува материјалот

Како да го има нешто здоболено

Како жив да е, како човек да е

Знае душата, знае да се разреси

И како на конче да се држи за телото

Грчевито за да преживее

За да се додржи и овој пат

И не дека е до годините

Оти велат дека душата години нема

Туку од тоа каква кројката и’ е

Дали е исткаена од јута

Или е од свила создадена

Та секој ветар може да ја поткине

И секој збор знае да ја истенчи

Та ќе чуеш како велат

Оти некому душата се скинала

И ќе се чудиш

Сиот во прашалници ќе се сториш

Дур на својата не осетиш

За да знаеш оти таква болка

Ниту имало ниту ќе има

Ниту постоела ниту ќе постои

Ниту лек имало ниту ќе се најди

Оти душа кога боли

Болат коските однатре

И клетките си ги сеќаваш

Ти иди кожата наопаку да си ја навреш

И да се штипиш дур месо не ти помодри

За да заборавиш

За да подзаборавиш оти засек во душа имаш

Душа кога боли

Нема што не те боли

Косата и ноктите

Здивот

Мислата

Звуците во тебе и тие околу тебе

Сеќавањата и надежите

Вербата и копнежот

Душата кога боли, боли постоењето

И дел по дел се изресува

Како конци кои не можат никако да се порабат

Оти поработ на исто место пука

Кога боли душата

Душа во човек не останува

Како на вересија дадена

Како за мајтап земена

Кога боли душата

Тишината во неа боли најмногу

За Женски Магазин, Ана Бунтеска