Огнот во кочанската дискотека ѝ ја одзема косата, а овој хуман човек ѝ ја врати: Мелиса денес блеска – со нова коса (ВИДЕО)
Седум месеци по трагичниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“, каде што беше тешко повредена, Мелиса Велинова денес повторно има долга и убава коса — симбол на надеж и нов почеток.
На 16 март, во огнената стихија, Мелиса ја изгуби целата своја природна коса. Но, благодарение на хуманата иницијатива на познатиот фризер Зоки Давитков, таа надградба на косата, која ќе ѝ помогне полесно да го помине тешкиот период.
Во изминатите месеци, Давитков континуирано се грижел за нејзината нова коса додека растела. Сега, кога е доволно порасната, Мелиса доби и надградба со екстензии. Резултатот — нејзиното лице повторно зрачи со среќа и самодоверба.
„Пред само седум месеци ова девојче имаше потреба од нас. Таа ја изгуби својата коса во пожарот во Кочани и беше една од тие кои добија перика од нашата донаторска акција. И денес после седум месеци нејзината коса е доволно порасната за конечно ставиме надградба. Луѓе мои ова не е само трансформација на косата, ова е приказна за храброст, надеж и љубов кон себе. Секоја насмевка, секој поглед во огледалото и секој допир на косата, тоа е момент кој не се заборава“, напиша Давитков на Инстаграм, каде што објави и видео од моментот кога Мелиса за првпат се погледнува во огледало со новата фризура.
Оваа гест на човечност и поддршка уште еднаш потсетува дека зад секоја трагедија може да се појави светлина, кога општеството стои заедно зад оние на кои им е најпотребно.
РЖМ - Г.Д.Г
Фото: Принтскрин/ Инстаграм