На мариниран лосос во Стокхолм и сангрија во Мадрид: Нови можности за патување на македонските граѓани до најубавите европски градови
Есенскиот и зимскиот период се покажуваат како идеално време за нови авантури и патувања, а македонските граѓани од оваа сезона имаат уште повеќе избори благодарение на новите авиолинии што започнуваат да оперираат од двата македонски аеродроми – Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид.
Од оваа зима се воведуваат пет нови линии што ги поврзуваат македонските патници со неколку европски метрополи и туристички дестинации.
Од Скопје, патниците ќе можат да летаат кон:
*Стокхолм (Арланда)
*Бари
*Мадрид
*Ларнака
Додека од Охрид, се додава линија до:
*Базел
Овие нови линии претставуваат значителен чекор во унапредување на авиосообраќајот и туризмот во земјава, овозможувајќи им на граѓаните побрзо, поевтино и поудобно да стигнат до омилените европски дестинации – било за викенд одмор, празнично патување или деловна посета.
„Овие нови авиолинии и дестинации се избор на нашите патници. Посветени сме да понудиме уште повеќе можности за патување од Македонија, изјави Неџат Курт**, генерален директор на ТАВ Македонија.
Од ТАВ додаваат дека воведувањето на новите линии е дел од стратегијата за зајакнување на конекцијата на Македонија со остатокот од Европа и поддршка на туризмот, особено во периодите кога интересот за патувања расте поради празниците и зимските одмори.
Со тоа, македонските граѓани добиваат пет нови европски врати кон културата, гастрономијата и нови искуства – токму во сезоната кога патувањето станува најубава форма на бегство од секојдневието.
Се зголемува бројот на патници и летови на македонските аеродроми – најавени нови линии за следната година
Воздушниот сообраќај во Македонија продолжува со стабилен раст. Во првите девет месеци од годинава, Меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид опслужиле вкупно 2.585.096 патници, што претставува раст од 6% во однос на истиот период минатата година.
Паралелно со зголемениот број патници, раст забележува и бројот на летови – во периодот од јануари до септември, реализирани се 20.141 лет, што е за 3% повеќе од лани, покажуваат податоците на ТАВ Македонија.
Само во септември, двата аеродроми заедно регистрирале 329.523 патници, односно 8% повеќе во споредба со истиот месец од минатата година, додека бројот на летови е зголемен за 1%, со вкупно 2.422 реализирани поаѓања и пристигнувања.
Скопскиот аеродром останува најфреквентен, со просечно 8.687 патници дневно, што претставува раст од 5,7%, додека охридскиот бележи уште поголем скок – 767 патници дневно, или 16,3% повеќенод лани.
Анализите покажуваат дека од јануари до септември, преку скопскиот аеродром патувале 2.375.264 лица (+5,4%), додека охридскиот опслужил 209.832 патници, што е високи 16,2% раст во споредба со истиот период минатата година.
Истанбул најпосетена дестинација, Турција најфреквентен пазар
Најчеста дестинација за македонските патници и годинава е Истанбул, со вкупно **16,9% удел во пазарот, преку двата аеродрома – IGA и Сабиха Гокчен.
Потоа следуваат Базел Милуз (6,1%), Франкфурт (5,7%), Цирих (4,6%), Виена (4,2%), Минхен-Меминген (4,1%) и Дортмунд (4,1%).
Кога станува збор за најактивните пазари, Турција ја задржува лидерската позиција со 25,1% од вкупниот патнички сообраќај, следена од Германија (24,7%), Швајцарија (10,9%), Италија (5,2%) и Австрија (4,4%).

Нови авиолинии за 2026 година
Позитивниот тренд продолжува и со нови најави. Од 30 март 2026 година, од скопскиот аеродром ќе стартуваат линии до Будимпешта и Неапол, а од Охрид ќе се воспостават летови до Милано (30 март), Вроцлав (7 јуни) и Катовице (8 јуни).
Овие дестинации ќе ја збогатат европската поврзаност на Македонија и дополнително ќе придонесат за развој на туризмот и бизнис-релациите со земјите во регионот.
Г.Д.Г
Фото: Freepik.com