По Мелиса и Тамара доби нова коса, откако природната ја изгуби во пожарот во Кочани: Денес блеска со насмевка и самодоверба (ВИДЕО)
По успешната и инспиративна приказна за Мелиса – девојката која по помошта од познатиот македонски фризер Зоки Давитков повторно ја пронајде својата насмевка и самодоверба – стигнува уште една трогателна животна приказна која докажува дека хуманоста и професионалноста можат да направат чуда.
Овојпат, Давитков повторно го покажа своето големо срце и талент преку трансформацијата на едно младо девојче, жртва на несреќата што се случи на 16 март во кочанската дискотека, кога избувна пожар кој зад себе остави бројни последици. Тамара тогаш ја изгуби косата, а со тоа и дел од својата самодоверба. Но денес, благодарение на вештите раце и посветеноста на Давитков, таа повторно се смее.
„Пред 7 месеци ова девојче ја изгуби косата во пожарот во Кочани, денес повторно и ја вративме самодовербата, насмевката и сјајот. Тука сме секогаш со вас и за вас. Нашата магија е она што ја враќа вашата самодоверба и ве прави среќни. Благодариме на довербата,“ напиша Давитков на своите социјални мрежи, споделувајќи видео од трансформацијата која трогна многумина.
Постот веднаш предизвика бројни позитивни реакции и коментари, а следбениците му оддадоа признание за неговата хуманост, емпатија и желба да им помогне на оние на кои им е најпотребно.
Зоки Давитков веќе долго време е препознаен како еден од најистакнатите фризери во земјава, но и како човек кој преку својата работа пренесува позитивна енергија и надеж. Неговите проекти честопати имаат и хуманитарна димензија, при што во фокусот секогаш се луѓето, нивната самодоверба и внатрешна сила.
Оваа нова приказна е уште еден доказ дека убавината не е само во надворешниот изглед, туку во гестовите што им помагаат на луѓето повторно да поверуваат во себе – и во добрината на другите.
Фото: Принтскрин/ Инстаграм
Ржм - Г.Д.Г