Низ светогледот на Кристина – Совршен кадар за душа
Патот кон Крушево е повеќе од обично патување — тоа е средба со историјата, тишината и духовноста што ја чува планината.
На влезот ве пречекува манастирот „Св. Спас“, сведок на векови, а патеката понатаму ве води низ Крушевската корија, шума како од бајка.
Надалеку, над село Селце, гордо стои манастирот „Св. Преображение“, обновен по иницијатива на Тоше Проески — место што ја спојува верата, природата и споменот.
Есента таму не е само годишно време, туку чиста магија што ве тера да застанете и да почувствувате.
Низ прекрасниот патепис денес нѐ води Кристина Коларовска Паскоска, која е блогерка, фотограф, етнолог и антрополог.
Читајте и восхитувајте се ...

На неколку километри пред да влезете во срцевината на градот Крушево, по регионалниот пат Прилеп-Крушево, од левата страна на планината, ве пресретнува восхитувачка глетка а тоа е манастирот Св.Спас, вгнезден во раскошна живописна природа.


Според османлиските дефтери, се верува дека манастирот датира уште од 15-тиот век, поточно од 1467-68 година.
Првиот запис вели дека историјата на манастирот се поврзува со денес непостоечкото село Стари Дол и манастирот Св.Никола, кој исто така денес не постои, а нивната местоположба се протегала на 1км од сегашниот манастир.
За Манастирот говорат и записи дека историјата на градот Крушево, токму од овде, од ова свето место почнала да се ткае. Во записите се споменува и манастирот Св.Василиј кој се наоѓа во негова непосредна близина.
*Прилеп *Крушево

Крушевска корија е нешто неверојатно, бајковита шума од буки стари 150 до 280 години, а шумата се протега на надморска висина од 1160 до 1370 метри.



Шума како од сон.., како од филм. Извикував “Колку е убаво сѐ додека нѐ снемав глас”. Доживеав епифанија и останав занемена до крајот на патувањето.

Надалеку, во раскошната шума од атарот на селото Селце, во подножјето на Бушева планина и месноста Ручало- надѕира манастирот Св.Преображение или меѓу народот познат како Селечки манастир.
Во негова непосредна близина, на височина од 1595 м на врвот Вршник е изграден Крушевскиот крст.

Во минатото, околу XIX век манастирот Св.Преображение бил разрушен, и до 1950-тите години останале само руини како лузни од тоа време.
Потоа, по иницијатива на нашиот македонски виртоуз, уметник и пејач Тоше Проески бил возообновен манастирот и изграден Крушевскиот крст.
Камен-темелникот за крстот бил поставен на 26-ти Август во 2010 година, а осветен бил на 17-ти Октомври на денот кога се одбележуваала тригодишнината од смртта на Тоше Проески.

*Селце *Крушево *ТошеПроески *Македонија
Волшебно годишно време

Совршено време за патување. Есента е магична појава, ве заведува со спектар од бои во сите форми наоколу и е прекрасна можност да погледнете од поинаква перспектива на животот и монотонијата од брзиот живот во градот да ја претворите во душевен сувенир.
*Прилеп *Велес *Македонија


Ирена С. / Фото: приватна архива Кристина Коларовска Паскоска