Sarah Mace and The Girlzz ја започнуваат празничната магија со „Нека Трепка“
Македонската пејачка и авторка Сара Мејс ја објави својата нова празнична песна „Нека Трепка“, во изведба на вокалниот квартет Sarah Mace and The Girlzz, кој го сочинуваат Сара Мејс, Ана Петановска, Калина Велковска и Теа Богатинова. Песната ја носи топлината и празничната магија на декември, музиката и текстот се дело токму на Сара Мејс, додека аранжманот е на Роберт Билбилов.

За новата песна е снимен и видео спот, изработен од продукцијата steadyflow, кој премиерно беше емитуван вчера на популарната видео платформа YouTube. Спотот е снимен на две локации – Kira Apartments во Маврово и студиото Photofactory во Скопје – и визуелно ја доловува интимната, нежна и волшебна атмосфера која доминира во песната.

Песната „Нека Трепка“ е нежна празнична приказна што ја буди магијата на декември низ мирисите, боите и чувствата што го обојуваат овој период од годината. Преку топли, интимни слики - цимет, јаболка, путер колачиња, чувство на сигурност и препуштање - Сара креира атмосфера во која слушателот се смирува, соништа оживуваат, а празничниот дух тивко се вселува „под кожа“. Рефренот „Трепка, трепка, трепка, нека трепка“ го носи возбудливото очекување на Новата година и желбата овој декември да биде најволшебен, донесувајќи топло, празнично музичко доживување што буди радост и носи доза празнична фантазија.

Во духот на празничната сезона, со „Нека Трепка“, Сара Мејс го најавува почетокот на најволшебниот месец во годината и ја продолжува традицијата од претходните неколку години да ја доловува празничната музичка магија.

A тивко меѓу редови, Сара и девојките навестуваат дека празничната топлина ќе продолжи да блеска и во периодот што следува, оставајќи впечаток дека се подготвува нешто посебно што ќе се почувствува уште посилно во живо.
*ПР објава