Сакај се Ано!
“Драга Ана,
кога човек си пишува писмо сам на себе, обично и’ се обраќа на личноста која што бил во минатото, како оние прашања кои се секогаш во стилот на “што и’ порачале/советувале/кажале на дваесет годишната Ана од денешен аспект”. Ова нема да е такво писмо, оти некако ми се гледа смешно да се/те враќам назад. Впрочем, ако сакаш да сме искрени, ниту ќе си сменела нешто, ниту ќе си ме послушала и ниту ќе си била помудра или попаметна. Сите грешки кои ги имаш сторено (што од незнаење, што од “јазикот пред умот”, што од наивност) те дефинирале да си токму она што си денес...некојпат ваква, некојпат секаква, некојпат никаква. Истите тие киксови, падови, подеми, па повторно долу и горе како на ролеркостер ќе те избрусат во онаа Ана која ќе бидеш утре, за 5 или 10 години освен ако не ти било пишано поинаку да биде. Но, дури и да имаш пред себе ден-два или 15-20-30 години за да проживееш, стори го тоа токму онака како што треба. И не се фаќај за збор, да, знам дека сега се мрштиш со онаа брчка која ти е меѓу веѓите (да знаеш дека оти ти е шишката кратка, ти се гледа и од авион) на зборот “треба”. Се познаваме доволно за да знаеш дека кога велам треба-мислам на најдобро што можеш и знаеш.
Нејсе, знам дека си ги знаеш маните и дека си свесна оти бегање од себе нема. Ненене, тоа не те амнестира да си легнеш на брашно оти таква си. Луѓето можеби не можат да прават тектонски промени во себе, ама можат секој ден да работат на тоа да бидат подобри личности, да си го олеснат животот кој им е подарок и благослов. Се сложувам дека никој од нас не барал да се роди, дека врвиме и сито и решето, дека сме почесто загрижени и повредени отколку среќни, ама даровите не се одбиваат. Впрочем, од нашево досегашно искуство и двете знаеме дека секоја тага и болка донела еден вид просветлување кое направило некаква промена во нас. Ако треба да бирам дали и остатокот од ова наше патешествие би го минала во млака вода, без ниеден бран и застоеност, знаеш многу добро дека би рекла “не, благодарам ама не, не е тоа за мене”. Затоа, да си повториш лекции по пливање, оти познавајќи нè, ќе имаме поприлично работа да се држиме на површината.
Не биди инает.....чекај малку, ова требаше да го кажам поинаку. Биди си она што си, но гледај да не си наштетуваш со тоа што ќе одиш со глава низ ѕид. Се надевам дека на (скоро) 54 ти е јасно дека никој не успеал да го скрши ѕидот со глава. Значи, кроце жено и користи ја главата за мислење, а не како оние огромни топки со кои се уриваат ѕидови. Дури и инаетењето треба да има цел и оправданост, а не да е само одраз на суетно убедување себеси дека само ти знаеш како треба...оти Ано, извини вака, ама многу пати врска немаш. Од сите инаетења, си знаеш од кои патиш најмногу нели? Нема одење против тоа дека нема шанси да им угодиш на сите за да бидеш раат. Помири се и продолжи понатаму. Не можеш да си секому арна и не се инаети со себе за да докажуваш било кому дека си достојна за љубов и внимание. Тие приказни се за мали деца, а ти (пак, извини вака) не си баш мала, иако не можам да кажам дека не си баш дете. Да повториме, компромиси со кои ќе се исцрпиш себе до физичко оболување од стрес и желба да бидеш сакана, НЕ. Правиш голема штета и се трошиш непотребно за неважни особи, додека си го кратиш животниот век за да си подолго тука за твоите луѓе, за најважните особи во твојот живот.
Ме изненади дека си (што би рекла Нина) кул мајка. Мислам дека тоа дете те научи да си ја зауздаш суетата, да бидеш стрплива, да си го гризнеш јазикот некогаш, да расчистиш со многу предрасуди и да станеш помека, внатре во себе. Мој наклон за тоа дека успеа да му бидеш не само заштитник, ами и пријател на детето кое ти кажува сè, дури и она што како родител ама ич не сакаш да го чуеш. Немој да зезнеш тука, оти ќе имаме сериозен проблем. Малку ми беше шубе дали (оти си премногу заштитнички поставена кон неа) ќе ја пуштиш да рашири крила, или ќе станеш нешто за што и двете потајно многу се згрозуваме и го презираме. Ама ете, сега за сега имаш преодна оценка...гледај да ја задржиш. И да знаеш, довербата која Нина ја има во тебе е нешто што треба да го оправдуваш секој ден, дури и тогаш кога си на колена, уморна, депресивна, поспана, болна. Значи госпожа, што би рекле англичаните “get your shit together” и да си максимално присутна секој ден во животот на Нина, ама од сенка и од страна. Да си тука да помогнеш ако треба, но не и да пречиш...а знаеш и сама дека пречиш понекогаш, помири се со тој факт.
Знам дека колку и да дрндаш оти си легнала на брашно дека ќе останеш сама, сè уште сакаш да ти се случи љубов. Го знаеш вицот за лотото и за тој што се молел да му се падне, ама не уплаќал? Паметна си, види што сакам да ти кажам! Не може да си стуткана во себе, заштитена во оклоп од стравови и да посакуваш љубов. Кукавичлукот и љубовта не одат заедно, јас ли да те учам! Прибери малку тоа стравовите, исправи се и поткрени главата. Никогаш да не ти е во облаци, ама да не ти е ниту нурната во земја, не си ној! Знам дека ти е смачено некогаш од разочарувања, знам дека твојата визија за љубов малку се коси со тоа какви правила владеат денес, ама па направи компромис. Не мора да живееш нешто што не си ти, ама па и не си заспаната убавица па да ти дојде принцот и да те разбуди со бакнеж (срамота е да ти ги зборам пред луѓе овие работи, не си мала....извини пак). Дај им шанса на луѓето да те запознаат, не туку се криј и бегај. И добро де, па дури и пак да си повредена...бре, бре. Ќе преживееш и знаеш што? Поарно да се каеш за тоа што си се обидела, отколку еден ден да се каеш за тоа дека можеби си можела да бидеш исполнета и на тој план, ама од пусти страв...поминал возот.
Една од работите кои ми беа најважни да ти ги кажам во писмово, беше следново:
САКАЈ СЕ АНО!
Не да ми глумиш дека се сакаш, не да се убедуваш дека се сакаш, не да нè лажеш двете. Погледни се во огледало, не само физички, туку и во она другото, внатрешното огледало. Ич, ама ич не си совршена. И не само што не си, туку и никогаш нема да бидеш. Ама еве, да ти кажам дека сум многу горда на тебе што никојпат немаш ништо лошо сторено некому, што си нежна со луѓето и што се трудиш да си добар човек, колку и некогаш ама ич да не ти доаѓа да си таква. Ама совршена не си! Добро е што си свесна за маните, башка ме имаш и мене за да те потсетувам каде грешиш. На двете огледала да си се видиш, да си одвоиш време и да си се гледаш малку подолго. И во двете ќе видиш повеќе работи кои не ти се допаѓаат, отколку работи кои ти се допаѓаат. Ама знаеш кои ти се фалинките, нели? И додека не одбиваш суетно да се соочиш со нив, имаш реално добро шанси да поработиш на тоа и да менуваш. Оти Ано, човек мора и треба да се менува за да му циркулира животот во вените, да се чувствува жив. Негувај си го перото. Не за друго, туку никој да нема тежина во душата дека е сам. Дури ни ти не си сама, ти текнува како ти трепери во градите кога некој ќе те застане и гушне, шепкајќи ти дека те разбира и дека ги има истите чувства?
И најважното од сè...да си дадеш дозвола да ги исплакуваш работите кои те дробат, но и радуваат. Мамицата ни ја расплака на двете со неплачењето. Еве, јас ти давам дозвола да бидеш нежна, мека, да се распаднеш во солзи и да се залекуваш. Плачи, оти срцето не знае да искрепи многу голтнати солзи.
САКАЈ СЕ И ИСПЛАЧИ СЕ АНО, за себе, за нас....за да им траеш на тие што ги сакаш и што те сакаат.
Води сметка за себе, оти ми требаш.
Те сака, твоја Ана”
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Има луѓе со души ко кристал
Тенок и сјаен
Од мајсторска рака ишаран
Небаре лист хартија со збор
Или слика со бои навезена
Со бод кој навидум ништо не кажува
А во себе еден цел живот крие
Е тие
Тие таквите разни форми имаат
Некои се ко топола високи и стројни
Некои ситни ко кутивче за прстен
Та некои витки ко латегарки
А други обли ко топла погача
И на сите разлики меѓу нив
Очите исти им се
Та во синилото длабочина гледаш
Која се прекршува во ветрот на нечие зеленило
И во ровка земја кафена никулци пуштаат
И во црнилото на ноќта те греат
Сите тие
Таквите луѓе
На кои душите од кристал им цутат
Сите истиот поглед го имаат
Во кој можеш да се родиш
И во кој утеха од смртта ќе бараш
Оти некако со нив
Со нив и раѓањето и смртта исто му идат
Оти љубов се полни
Оти молкум ти шепотат
Дека се’ ќе биде добро
Има луѓе
За жал малку се и ретки
Низ животот ќе ти протрчаат
И на тој пат
Вечни отисоци од чекорот ќе остават
И после нив
Никогаш повеќе ист не си
Ниту сакаш на старо да се вратиш
И живеачката поинаква ти е
Прогледуваш
И гледаш дека боите форма имаат
И слушаш
Она што дотогаш немо во тебе било
А во допирот
Во допирот со срцето туѓо лице пофаќаш
А како себе пред огледало да се гледаш
И душата да си ја галиш
Има луѓе
Од кристал направени
Кои кога се кршат небото вреска
И дождот угоре врни
Како да ќе го удави небото
Кое веќе небо не е
Туку само гробница станува
За тие луѓе
За тие души
Кои од кристал тенок се создадени
Толку кревки
Толку кршливи
Толку прекрасни
Во звукот на скршениот кристал
Кој останува ко екот
Во оној кој од раце ги испуштил