И на устите им треба пост

Постот е еден од начините да се научи човек на самодисциплина и воздржување. Чинам дека постот е еден вид тест за волјата на човекот и начин да се исчисти телото, но и умот од внес на секаков вид храна или алкохол, ама и лоши мисли. Она што ме поразува, е фактот дека сме сведоци на тоа дека голем број луѓе го сфаќаат постот како еден вид жртва која ја прават во име на религијата и го ограничуваат само на физички чин на нејадење. По мене (што и не мора да е точно), тој став ја намалува вредноста на постот кој е сé, само не е просто воздржување од храна. За така, верувам дека секој од нас може да стегне заби и да исфрли на одредено време месо, млечни производи, зејтин. Вистинскиот пост е вртење кон себе и внимавање не само на физичкиот дел од истиот, ами и на оној, подлабокиот момент кој е многу потежок за издржување. Да се најде сила во себе да биде човек широк во сфаќањата, да биде мек и нежен со другите, да се биде внимателен и кроток е вистинската суштина на постењето. Џабе нејадење храна ако се изнајадеме фекалии за сите околу нас, ако ни се срцата полни со омраза, а устата со смет.
Но, некако како да се извитоперени сите критериуми според кои ни тера живеачката. Денес е многу поважно и има поголем ефект ако кажеме дека не сме каснале ништо мрсно 40 дена, отколку да кажеме дека за тие 40 дена сме дозволиле да ни цутат душите. Најстрашно ми е кога ќе налетам на ужасни и безобразни коментари, кога ќе се изначитам такви гнасотилаци изнапишани под вести од портали или статуси кои мислам дека ниту сто поста не ги перат, а ни да се напијат пишувачите света вода директно донесена од црква. И не можам а да не се запрашам зошто ги сведуваме работите на 2+2=4, притоа занемарувајќи си ја внатрешната депонија која е огромна. Постот е чистење на душата, ставање на кантар што е навистина свето и важно во животот, која е вредноста на сите нас како луѓе. Не се сеќавам дека некогаш сум постела, освен што премногу внимавам што јадам, оти во климаксов и воздухот што го дишам имам чувство дека ме дуе. Ама затоа, секогаш внимавам што зборувам и што ќе напишам, внимавам на тоа дека моите дела и зборови можат некому да донесат болка и јадосување. Во еден муабет со Отец Пимен, кога разговаравме на овие теми и кога жустро му објаснував за моите ставови зошто не ја сакам црквата (не поплукувајте, аман) ми рече “Ано, па ти си поголем верник од многумина”. Е сега, не се сметам себеси за верник, но сметам дека секогаш можам да сторам нешто за да сум подобар човек од вчера.
Она што навистина ни треба на сите е еден голем (и почест) пост на мислите и устите. Не е верата, религијата, вербата во иконите, поклонувањето пред светците, коленичење пред олтари и оставање шишиња со зејтин или пари одраз на христијанството. Вербата и верата е во тоа да го сториме сите овој свет малку подобар од она што е сега, но почнувајќи од себе, со преиспитување и коригирање. Баш пред некој ден гледам еден статус од моја драга пријателка која не само што е прекрасна професорка која е обожувана од своите ученици, туку е и одличен пишувач, но и модел. Прекрасна жена и однадвор и однатре, културна и секогаш одмерена, жена со сите нишани (што би рекле старите). И бидејќи статусот беше проследен и со фотографии на кои изгледаше преубаво, веднаш знаев дека мора да има и некој коментар што не ќе е на место. Колку ич не сакам кога сум во право! Секако дека имаше еден сосем невкусен коментар со кој оваа прекрасна жена беше деградирана. Ставање на столбот на срамот оти имала фотографии на кои рекламира фустан (кој патем речено и’ стоеше феноменално), па истовремено беше доведена во прашање и нејзината примарна професија како професор. А фотографиите беа толку софистицирани и стокмени на еден преубав и уметнички начин, што беше без двојба дека коментарот беше одраз на чиста злоба. А мојата пријателка, како што ја дал Универзумот да е кротка, полна хумор и нежна со сите (дури и со оние кои не заслужиле) одговори многу скромно и без никаква навреда.
И како што сум скроена ваква каква што сум, баш отидов на профилот на особата која се дрзна да го остави тој таков-никаков коментар. Не ме зачуди што налетав на цитати кои повикуваат на молитви, па икони, па кој светец бил пред 3 дена и слично. Веќе од поодамна научив дека религијата е за многумина само параван за да остават некаков впечаток пред другите. Луѓето кои навистина се декларираат како верници, не го прават тоа со бодење на другите во очи колку се побожни. Тие се тивки, тие се толку меки во писанието и зборот, што се чини како да им излегува мед од устите или прстите. За нив “сакај го ближниот свој” не е само флоскула, ами начин на живот. За нив зависта, злобата и блуењето отров се непоимливи, оти се премногу далеку од нивните убедувања. Напати, ми се случувало сериозно да се уплашам од фанатизмот во верата кај некои луѓе, гледајќи ги какви се и за што се способни во секојдневниот живот.
И еве ги социјалните мрежи преплавени со фарбани јајца, честитање за празникот кој е не само чин на воскреснување, ами и чин на победа на доброто врз злото. И во тој дух, наместо да е овој празник наше воскреснување, или воскреснување на нашата човечност, ќе налетате на пцости, колнење, коментари од кои или ќе ви се приблуе или ќе ви се крене косата на глава. И сето постење паѓа во вода. Да, токму така...сето гладување оди во фолдер неважно, оти устите ломотеле сенешто, а мислите биле од црни-поцрни.
Религијата не е параван зад кој треба човек да се крие или да си дава оправдување за да изусти она што не треба дури ни да го помисли. Многу повеќе ги почитувам оние кои знаат дека е поважно да бидат луѓе, да подадат рака, да бидат некому иљач а не отров. И да, тоа е најтешко оти бара големо вртење кон себе, безмилосно да се преиспитуваме, да расчистиме со сопственото его и да бидеме скромни. Оти скромноста е најголемата доблест на човекот. И да, можам да висам секоја недела в црква, да се прекрстувам на секое поминување покрај Соборна, да постирам икони и мудри мисли од некого...но, што е со моите мисли и како ги артикулирам? Дали мојата кроткост е навистина кроткост или само страв од нешто што е непознато? Дали впечатокот кој сакаме да го оставиме е со знак равенство на впечатокот кој навистина го оставаме?
Првичната идеја на религијата и празнувањето на одредени денови е да се сплотат луѓето, да имаат една и заедничка мисла, за доброто, за чесноста, за честа. Првичната идеја за доброто не е страв од непознатото, туку да се биде милозлив кон сето тоа што ни е тука и познато. Првичната идеја на нашето постоење на земјава е да сме добри со сите, дури и ако ни се далечни во ставовите или верувањата. Како стареам, така станувам свесна дека мојата мисија на овој свет е да дадам, а не да земам. Да дадам збор, утеха, помош, љубов. Токму таа мисла ме прави да се чувствувам дека можам нешто да сменам, барем малку. Само на еден човек да успеам да направам да му е поарно, мојата цел е постигната. Не ми треба многу, со годините учам дека и да имам малку ми е доволно. А тоа доволно е да успеам да си ја задржам љубовта во себе кон секое живо битие. Оти не е за смеење и не е само фраза дека единствено љубовта се множи кога се дели, кога се раздава...како да не ќе осамне нов ден, како да е овој последен.
Нека е за многу години Велигден, нека ни е за многу години и чинот на воскреснување на нашата добрина, човечност и љубов. Па мајку му, не е мала работа да знаете да љубите, дури и оние кои не се за љубење оти верувајте ми...тие најмногу патат за истата.
Да сте ми живи и здрави, ви подарувам нова песна.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Од устата мед
Од срцето цвет
Од душата градина
Со мирис на рај небесен
Од рацете дар
Од очите сјај
Од себе дај за другите
Оти ништо на светов вечно не е
Ниту златници кои тежат в џеб
А со кои сон не се купува
Ниту скапи дребулии
Кои вредноста ја губат
Ниту руво ново
Кое ќе се изреси низ годините
Од себе љубов дај
Само тоа останува за навек
Чунки таа лечи и ќе излечи
Заедно со речта која грижа дава
И од која ќе воскресне добрината
Од мислата да исткае човек прекривка
Со која ќе ги покрие оние
На кои им била топлината земена
Та станале студени и груби
Станале нелуѓе во човечка кожа
И кои за грев се
Оти не знаеле за поарно
Од устата збор
Со мирис на сомун
Тазе изваден од фурна
За најска која ќе трае вечно
И од која некому нешто однатре
Ете однатре ќе му штракне
За да се свести оти само чоештината останува
Кога сé друго одминува
И дека нема чоек
Кој на убост имун е
И кој од убост и сам не ќе процвета
Та не треба многу
За ниту еден од нас многу не треба
За да биде љубен
Најмногу тогаш кога за љубење не е
И во него никулец да се посади
Од кој дрво на милост ќе израсне
Со крошна богата и зелена
Со плодови кои мирисаат на спокој
Оти сите сме од ист штоф скроени
И сите исто сакаме
Ред почит
Ред разбирање
Ред прифаќање
И прегратка од која ќе заживееме
Во љубов
Од љубов
Со љубов