Извади ги розовите очила

Ах, колку сите сакаме понекогаш да ја гледаме реалноста многу поинаква од она што е навистина. Неверојатно е колку имаме потреба некојпат да замижиме пред сите црвени знамиња, интуицијата која вели “а-а, не таму и не така”, здравиот разум и фактите. И сето тоа само за да создадеме лажна слика за одредена состојба, настан или луѓе, која е сосем спротивна од онаа за која потсвесно знаеме дека всушност е вистината. Нема поголемо искушение од тоа елегантно да ги извадиме розовите очила од ташната, со уште поелегантен потег да ги отвориме и да си ги наместиме на себе. Нема поубаво чувство од тоа да се завртите околу вас и да го видите она за што мечтаете или сакате, или во крајна линија ви е потребно да го гледате и живеете, нели? Розовите очила се како омилената детска играчка која по сите детски стандарди е магична, таа е излогот полн чоколади и бонбони, Нова година и Божиќ во едно, дребулии кои светат и кои ве прават да ги залепите носовите на стаклото восхитувајќи се на сета магија која ви го полни окото.
Розовите очила (ако мене ме прашате) се голем, огромен грев кој си го правиме сами на себе и со кој си поигруваме со сопствениот ум од пусти страв, незнаење како да се справиме со вистината или од пуста желба да ни се случи нешто убаво. Никој од нас не останал поштеден од искушението кои го носат, од непромисленоста која е посилна од она гласче во нас кое шепоти “скапо ќе ја платиш оваа грешка” и од соочувањето дека згрешил. Потоа доаѓа мигот на кршење на очилата во лутина, исплакување или соочување со тагата, зацелување...до нов пар розови стакла, оти пустите се толку многу примамливи, што и не познавам човек кој имал само едни. Нејсе, поентата е зошто воопшто се навлекуваме на илузијата која ни ја носат, зошто (иако знаеме дека за*бот е голем) ги носиме дур можеме и зошто дури и се саботираме сами себе кога разумот во нас се обидува да ни укаже оти цапаме во фекалии?
Јас сум личност која сака и на која и’ треба да се убеди дека во секој човек има добрина. Ако не верувам во тоа и ако ја изгубам таа мисла, ми се чини оти потполно ќе се изгубам себеси и смислата на моето постоење. За некои е тоа глупоштина (дури и за мене понекогаш, кога сфаќам дека на скала од 1-100, сум се излизгала до 110), за некого е наивност (да, наивна сум и чинам дека таа особина ќе ми остане додека сум жива), за некого е одраз на недоветност (тука не се мешам, оти можеби и е така), а за некого е симпатично (и е, додека не се соочам со последиците). За секој поединечно, мојата ненасушна потреба да верувам дека во секое црно мора (ама мора) да постои нешто бело што ќе победи, е поинаку толкувано. За мене таа потреба е начин на живот, начин кој ме држи со главата над вода кога тонам и кога си велам “остави бе Ано, не претај, види го светов на што личи, само болка и празнотија”. Но, колку и да си ги сакате своите розови очила, колку и да ви стојат убаво и колку и да е светот прекрасен со нив, сепак има ситуации во кои нивното носење прави поголема штета отколку што ви го лечи срцето.
Првата ситуација е односот со партнерот или со потенцијалниот партнер, оти тоа значи да поминувате голем дел од денот со некого. Сме зборувале за тоа дека сè е идеално на почетокот и тоа само затоа што свесно сакаме да биде така. И кога велам свесно сакаме да е така, тоа значи дека свесно го потиснуваме во себе секој момент, акт, однесување кое јасно ни дава до знаење дека треба да ги земеме предвид сите факти за човекот со кој сакаме да имаме интима. И да се разбереме, не дека луѓето не чинат и дека се лоши ако не се она што нам ни треба. Едноставно, сите сме различни и не е дека некој прави нешто намерно за да ве навреди или повреди, оти сите сме поинаку воспитани и различно поимаме нежност, лојалност, приврзаност, љубов. Наше е да сме искрени со себе и да согледаме навреме дали тој човек е она што ни треба или не. Така се заштедува не само време, ами и нерви, солзи, горчина. Ако некој е растен во средина во која се кажува и искажува љубов, ако некој е поен со нежност и питомост а налета на човек кој е растен во семејство во кое емоциите биле за плачковци, а покажување љубов е преценета работа, нема да ја биде работата. Но, ако си ги наместите розовите очила и ако се убедите себеси дека не ви пречи тоа (а ќе ви пречи со тек на време, барем од моето лично искуство) тогаш ќе терате извесно време со идеја дека особата ќе се смени (не дека не се случува, но е реткост) или дека ќе успеете да разбудите во неа нешто што е длабоко закопано (пак ќе речам...не дека не се случува, но е реткост). Оти секогаш кога поаѓаме од себе, занемаруваме дека истото го мисли и другата страна, односно дека и тие се надеваат оти со тек на време ние ќе олабавиме од прекумерни емоции, “лигавење” и слично. Имајте на себе и три пара розови очила, но ако очекувате нежност, одговорност, постојаност од човек кој знае и со денови да не се јави, да не ви пише, да не ве праша како сте и никогаш да не сте на чисто што е следно, џабе ви е. Ако имате работа со некој кој редовно заборава дека имате закажан состанок и седите со часови како кокона, средени ко за на корзо (што би рекла покојната ми баба) и на крај заспиете со комплетна шминка на себе...што останува за понатаму?
Ги љубам моите пријатели, со сите нивни доблести но и мани. Исто како што знам дека нивното љубење мене е лишено од илузии дека сум совршена. Сме се прифатиле едни со други, оти сме се одбрале и сме одбрале да си ги отфрлиме розовите очила кои само би донеле раздор помеѓу нас. Да, тие знаат дека сум тешка на излегување и дека активен социјален живот ме прави анксиозна. Знаат дека сум повлечена и интровертна, а голем дел од нив се екстроверти, живи и весели луѓе, ѕвезди кои светат каде и да се појават. Нивната различност од мене е лековита за мене, иако сите фалинки им ги знам. Но, ги љубам токму онакви какви што се, оти со џиткосување на розовите очила кога биле тие во прашање, сум ги прифатила со сите убости и сра*а, исто како што тие мене ме прифатиле со сите мои фуј работи. Секојпат кога грчевито сум се држела до розовите очила во другарството, сум дошла во ситуација да бидам манипулирана емотивно, без пардон. Секојпат кога ме гледале низ розови очила, сум била разочарување оти не сум можела да избегам од тоа што сум. Вистинските луѓе останале, оние за кои сум била вистински човек за нив, дозволиле да останам. Фала ви, да знаете дека ве љубам.
Треба да се забранат розови очила на работно место....под итно. Игнорирање на очигледните знаци на деградирање, понижување, манипулација, мобинг и потсмевање носат болест која кога ќе се навлече, нема враќање назад колку и да се каете дека сте сакале да ги гледате работите поинаку. Знаете, соочувањето со тоа дека розовите очила на работа се оружје против вас самите, е болно и поразително. Нема просперитет во средина во која претпоставените за вас зборуваат како за “онаа” или “оваа”, кога ве оговараат на колегиуми (на кои секако дека не сте присутни, за да немате начин како со аргументи да докажете дека сте во право...или дека тие грешат), потсмевање и дискредитација пред колегите, намерно стагнирање во платата иако покажувате иницијативи (кои се секогаш “неприфатливи”), лажење дека вашето покачување на платата го нема оти се нема пари (а гледате дека платите на другите колеги одат нагоре), изоставување од сите настани кои се одржуваат за да бидете “чувари” во институцијата. Во вакви случаи драги мои, розовите очила се вадат, се ставаат под нозе и убаво се газат, се ангажира адвокат, се прави драма на големо и се оди чекор напред во одбрана на вашето достоинство и интегритет, со тоа што наместо да чекате почит, ќе си ја побарате почитта која ви е заслужена. Штета што нема мерач за тоа колку луѓе добиле канцер само заради изживување на работното место, заради стресот кој го имаат од односот на претпоставените (не од работата) и заради нечовечкиот и малициозен однос кој секогаш е затскриен со некаква плитка пристојност пред вас (додека зад вас бришат патос со вашето име). Секоја чест на исклучителните менаџери кои знаат дека без човечкиот фактор, компанијата е само простор. Секоја чест на оние кои за доброто на сите вработени (без да ги делат на симпатични и помалку симпатични) создаваат прекрасни услови за работа кои уште повеќе мотивираат. Да не споменувам имиња, се знаат кои се, оти се во голем дел и општествено одговорни компании чиј имиџ е неприкосновен. Вам, ви симнувам капа.
Имајте еден пар розови очила, за да ви се најдат. Но, само ако во некој убав ден легнете на трева и преку нив ги гледате облаците кои ќе наликуваат на шеќерна волна, онаа од детството. За сè останато, имајте обични стакла и не се залажувајте. Можеби ќе бидете огорчени од реалноста, но барем ќе ја знаете и ќе знаете што ви носи. Така, ќе бидете спремни на сè, така ќе бидете подготвени да се борите за себе, својот живот и своето здравје.
Да сте ми живи и здрави, ви подарувам нова песна.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Се осамивме
Секој во својата куќа од стакло
Кое напукнува со првата лага
Бегаме од насмевките на утрото
Контаминирано од смогот кој стежнува
Сам по сам во радоста
А тагата ни е појадок
Ручекот го заменивме со озборување
А вечерата ни скапува на трпезата
Буквите ги користиме за реченици
За да посакаме зло
Со истата леснотија
Како да славиме раѓање на нов живот
Ја џвакаме среќата 32 пати
Додека не се раскашави
За да ни остане блуткав вкус во устите
А голтаме горчина
За која се лажеме
За која успешно се прелажуваме
Дека најаска ќе ни донесе
Сам по сам
Како проколнати
Како сираци од мајка оставени
Како фрлени на буниште
Ама без к’смет да имаме
Сам по сам
Со розови очила стиснати во дланките
Грчевито држејќи ја илузијата
Дека не е сè толку црно
Или барем не до толку сиво
И со треперливи прсти
Ги ставаме очилата на себе
За да ни се бојоса животот
Да ни заживее младоста
Да се утешиме во староста
Додека првиот дожд
Не ги замие стаклата
И розовата боја ја снема во сливникот
Заедно со радоста во очите
И со надежта дека сепак
Сепак животот е убав
Та набрзина нови купуваме
Оти во овој црно-бел свет
Малку боја ни фали во срцата
Како утеха дека безнадежноста е минлива
И дека несреќата е менлива
Денес
Денес ќе гледам облаци
Преку розови очила
Како шеќерна волна на дофат на рака
Со вкус на детството
Во кое и без очила во боја
Шарена ни беше среќата
Во едно друго време
Кога и ние други бевме
Во едно друго време
Во кое невремето немаше име