Кажи си сама на себе ФАЛА за тоа што си!

Добивај вести на Viber

Читав пред некој ден еден статус во кој наводно се зборуваше за среќните, спокојните, успешните и самоуверените жени. И велам “наводно”, бидејќи меѓу редови не се зборуваше за жената, ами за тоа дека токму мажот ја прави да биде таква. Отприлика одеше вака некако (ќе парафразирам, оти беше ем на српски, ем беше да простите, долг колку моите песни-ова е малку потсмевање на моја сметка)...демек, “ако видите жена над свои 40 години која е убава, самоуверена, успешна, среќна, треба да кажете ФАЛА на мажот покрај неа (да, да, не превртувајте со очи). Не се должело тоа ниту на козметика, ниту на креми, а најмалку на гените, туку е најверојатно негова заслуга. Тој не и’ замерувал на ситници, не повишувал тон на неа, не ја вреѓал, не дозволувал сиот товар на семејството да го носи сама. Бил покрај неа кога била ранлива, ја потсеќал на тоа колку вреди”...и низа други пофални зборови кои не ни сакам да ги повторувам.

Боже ме опрости!

Зарем не се подразбира дека во еден однос, без оглед дали е брак или врска, партнерите се столб еден на друг! Зарем не е сосем логично дека убав однос меѓу двајца е работа и труд и дека се луѓето заедно, пред сè, да се поттикнуваат взаемно, да бидат не само љубовници, ами и еднакви партнери во секој сегмент од заедничкото живеење. Зарем навредите не треба да се подразбира оти не се дозволени во комуникација? Не е дека мислам оти улогата на партнерот во нашите животи е занемарлива работа. Не е дека не се согласувам оти многу влијае ако сме во токсична врска, или во врска во која имаме работа со нарцисоиден човек или човек кој само ни ја цица енергијата со сламка. Ама целокупниот ем изглед, ем успех на една жена да се мери во тоа каков и’ е дечкото или мажот....па како да ви кажам, ама ич не се согласувам. Уште помалку се согласувам со онаа реченица (која не ретко сум ја слушала) дека мажот може од жената да стори или кралица или магарица. Хах!

Прво и основно, секој од нас е потполно сам и целосно одговорен за тоа како живее и каков ќе му биде животот. Да, секој проблем си се одразува на секој од нас. Тоа е исто како да кажам дека мојата несреќа е одговорност на некој однадвор (оти излегува дека среќата е дефинитивно одговорност и заслуга на некој кој не сум јас). За да бидам уште појасна, тогаш кога сум била магарица, сум дозволила сама на себе да се однесувам така и да се чувствувам така. Или ако навлегуваме подлабоко, излегува дека ние жените сме марионети чие целокупно постоење е огледало на нашиот љубовен живот. И да не ме разберете дека “еве ја оваа, има нешто против мажите”, оти ќе згрешите. Не, немам ништо против мажите, имам против тоа да ни се перат мозоците дека сме никој и ништо ако не се најде принцот на бел коњ за да нè спаси од....што?! Сами себе? Светот? Дека ние сме беспомошните принцези кои сме во стогодишен сон и чекаме бакнеж кој ќе нè разбуди и ќе нè стори....пак ќе прашам, што?! Посреќни? Или повеќе ќе ни ја зголеми вредноста?

Дали сте приметиле на што се сопнуваме најчесто? Ние жените, на тоа мислам кога прашувам. Тој помагал дома, тој го фрлил ѓубрето, тој усисал, тој испазарил. Па кажуваме фала, кажуваме благодарам дури и кога ќе добиеме покачување на работа, оти ни се претставува дека ни е направена услуга. Од каде излезе систематското уништување на нашата вредност како жени, кои треба да се заблагодаруваат на работи кои се подразбираат? Колкумина од вас доживуваат да им се каже “фала” за ручекот кој сте го спремиле, на купот алишта кои сте ги испеглале, на средување на купатилото. Колку мажи знаете кои понизно ќе прифатат унапредување? Нема да најдете таков, оти настапуваат дека тоа им е заслужено. И со право така постапуваат, оти веројатно и е заслужено. Ама зошто побогу ние сме како потсвиткани во кичмите (или така сме научиле дека треба да бидеме) и не настапиме дека знаеме оти сме наградени по заслуга. Зошто треба да си се убедиме дека треба да сме среќни оти мажот помагал дома? Можам да помогнам во туѓа куќа, драги мои дами. Во своја, ех, во својата дома правам сè за да ми е удобно, чисто, убаво. Па не држите хотел во кој партнерите ви се гости, живеете заедно и нормално е дека ќе учестува и тој во функционирањето на домот. За поинаку, секој од нас можел да си живее со мама и тато, нели?

И понатаму во тој текст кој ми е денешна тема на муабетот, се вели оти жената на мажот кој ја третира добро, не изгледала како “мажена жена”! Јас се извинувам, ама како тоа изгледаат мажените жени? Сум била во брак, сега сум разведена. Кога сум била во брак сум била среќна, но и кога сум се развела сум била среќна. Кога сум била во брак, имало периоди кога сум била несреќна, исто како што некогаш и сега сум несреќна. Каков е тој изглед на мажена жена, кој беше ставен во наводници и во текстот. Демек, мажените жени не изгледаат добро? Познавам еден куп мажени жени кои дишат среќа, но и такви кои се несреќни. Исто, познавам многу жени кои се среќни, но и кои се несреќни а не се во брак. Добиваме жиг во бракот, или аура која недвосмислено кажува која е или не е мажена, по сè изгледа. Значи, да скратам. Во еден текст се изначитав ноторни глупости за жените и бракот, но и за возвишената улога на мажите (не дека немаат улога, но да не претеруваме).

Среќата на една жена зависи од неа, не од бракот и не од човекот со кој што е. Жена која е несреќна, си бара чаре и менува нешто. Не за друго, туку оти еден ни е животот и е скапоцен. Немаме друга прилика да учиме од грешките. Не е дека во овој живот ќе поминам и сито и решето за да знам како да се однесувам во следниот. Но, она што сум сигурна е дека секоја од нас има сила и начин како да му даде квалитетна нота на својот живот. И таа квалитетна нота не е никако врзана со тоа дали постои или не постои маж во близина. Убедена сум дека жена која знае како сама со себе, знае како и во врска. Убедена сум дека жена која знае сама себе да се негува (и психички и физички) кога е сама, ќе знае како да го прави тоа и кога е со некого. Не прифаќам ни под точка разно, дека сјајот на една жена е заслуга на нејзиниот маж. Она што го прифаќам е дека постојат бракови и врски во кои оди или не оди. Ако оди, супер. Ама ако не оди, се бара коренот на проблемот, се бара решение и се постапува. Ако може да се среди, пак супер. Ако не може, се заминува и се тера понатаму. Не се седи по секоја цена било каде и со било кој, колку и да сме убедени дека љубиме некого.

И за крај, еве ви уште еден став од пишувачот на статусот. Повторно парафразирам дека “машкиот став кон жената е втиснат не само на нејзиното расположение, туку и на лицето и дека жената свети од убави зборови”. Не, жената не свети од убави зборови, жената свети од дела. Зборовите испаруваат, делата остануваат. Жената не е плитка, не е самобендисана и не е гладна за зборови. Жената сака дела, жената прави дела. Не може никој да ме убеди дека низа лоши дела се перат со зборовите дека сме убави, секси или дека сме љубени. Впрочем, ако не чувствувам дека сум љубена, веројатно и не сум. Ако јас не се чувствувам убава, веројатно и не изгледам здраво и добро. Ама пак, моја е одговорноста да бидам убава, да светам, да постојам и да оставам печат зад себе.

Ниту мажите се заслужни за нашата среќа и нашиот изглед, ниту ние сме заслужни за нивниот изглед и среќа. Доста е со наметнување обврски и одговорност која не е до нас, ниту до нив. Не се врти светот околу нашите партнери, без оглед дали се жени или мажи. А ние жените да си научиме ко Оче наш дека најголемото фала за сите наши борби треба да и’ го кажеме на особата која што секое утро ја гледаме во огледалото. Оти нашиот успех е благодарение на нашето учење, усовршување, амбиција, креативност. Ние не сме производи на мажот, ниту на надворешен фактор. Ние сме токму она што ќе направиме да бидеме, од нас зависи.

Да сте ми живи и здрави, ви подарувам нова песна.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Ти си за себе одговорна

Да, токму ти драга моја

Ти си таа која е своја

Која работела на себе и својата среќа

Која дозволила да биде несреќна

Ти си таа на кого треба

Без чувство на срам да се заблагодариш

За секој твој успех

За тоа што очите ти светат

И за усните кои ти се насмеани

Ти си таа која вреди

И вредноста не може да ти се измери

Ниту на кантар

Ниту со тоа дали си била фалена

Или плукана од некого

Оти жените кои ги знам

Жените кои јас ги познавам

Не се само жени карпи

Ами се цели универзуми

Тие се почеток и крај на светот

Тие се силни во чекорот

Тие се памуци во душите

Тие се успешни оти вложиле во себе

Тие се среќни оти направиле

Сами направиле такви да бидат

И секојпат ме фаќа мачнина

И желудецот ми се превртува

Кога убоста и успехот на една жена

Се врзува за сè однадвор

Чунки доволно сме мудри

За да знаеме како сами себе

На плеќи да се носиме

И никому ниту товар

Ниту обврска да бидеме

Чунки секоја од нас

Носи во себе убост и љубов за себе

И не бара штембил од никого

Со кој вредноста ќе и’ се признае

И затоа главата угоре

Не само кога работите одат добро

Ами и тогаш кога е сè удолу појдено

Оти секоја жена знае како

Сама себе од кал да се извади

И е од челик направена

Да може своите битки да ги тера

Како што тоа секојпат го правела

Затоа...ете затоа

Сама себе да се љубиш

Сама себе да си потпора

И сама на себе фала да си кажеш

За тоа што си била

За тоа што си

За тоа што допрва ќе бидеш