Кој е џелатотот, а кој е жртвата

Добивај вести на Viber

Да се опстои во врска не е лесно. Сите сме со табиети, сите имаме некаква замисла како треба да се одвиваат работите, а најчесто тоа не е ниту приближно од она што ни е во умовите. Сите, ама баш сите сакаме љубов, почит, разбирање и во тоа сме исти. Слични сме во имањето илузии дека љубовта сама по себе е доволна за да биде сè во ред или барем да е двигател за да одиме угоре. Со годините сфатив дека за еден однос да биде пристоен, најмалку е заслужна љубовта или поимањето на љубовта како магичен напиток или волшебно стапче со кое ќе замавнеме и со кажаното “абракадабра” ќе биде како од приказните. Од денешен аспект знам дека оваа лекција се учи со многу падови, издраскани колена кои крварат, со лузни, со откажување од суетата и со пеколна работа. Да, љубовта како поим е супер, почетоците се фантастични, идејата за заедништво е примамлива, ама за да тера и да трае сето тоа треба работа, труд и широчина во односот.

Односот меѓу двајца е многу комплексна работа која не трпи импровизации и себезалажување. А да сум искрена, секогаш кога сум импровизирала или сум правела невозможни компромиси со сама себе, сум била не само сама на крај, туку и исцрпена. А пуста желба да се биде со некој, знае да направи многу повеќе проблеми отколку да донесе радост и среќа. Почетокот е секогаш полн со возбуда, исчекување средби, моменти кои прават да се чувствуваме како да сме на седмо небо. И токму тоа чувство нè тера да отстапуваме и отповеќе од она што можеме да го искрепиме. Тоа проклето и преубаво чувство на љубење е мечот со две острици на кој сите барем еднаш сме се сосекле до коска. И ако терање врска бара посветеност, тогаш бракот е барем десетина пати покомплексен. Да, се сакате, има хемија меѓу вас, има страст, компромиси и мислите дека е тоа-ТОА. И во тој момент, тоа е навистина ТОА. Ама за да трае не е доволно само да кажете ДА и да направите раскошна свадба. Оти кажаното ДА, зад себе има еден куп обврски кои свесно ги прифаќате и зад кои треба не само да застанете, ами и да стоите. 

Во ниедна приказна или бајка не се спомнува што се случува после склучување брак. Во ниту еден филм во кој после триста перипетии двајцата вљубени конечно остануваат заедно и се решаваат да бидат еден со друг “до крајот на животот”, нема продолжение за тоа како се одвива брачниот живот. Битно, продадена ни е бајката дека си живееја среќно и весело до крај на живот. А целата битка е отпосле, кога секојдневието ќе почне да меле и кога нема веќе симнување ѕвезди. Токму тоа секојдневие во кое се соочуваме со банални работи, финансиски проблеми, навики и рутина е искушение кое треба да се помине. Чинам дека најголем удар за бракот е прељубата, физичката и емоционалната. Не мора да значи дека ако нема неверство во класична смисла на зборот, дека не боли или дека боли помалку. Од искуство знам дека човекот кој го сакате може да ве здроби од болка и ако ја мине ноќта со друга жена, но и ако има контакт во кој почнува да се вљубува без оглед дали имало секс меѓу нив. Самото тоа дека не сте повеќе дел од неговиот свет, дека има некоја друга жена со која споделува радост, смеа, моменти на нежност, самото тоа што сте свесни дека постои друга е веќе болно и тешко за поднесување.

Она што отсекогаш ме фасцинирало во тие брачно-прељубнички односи е дефинирањето на тоа кој е џелат, а кој е жртва. И чинам дека секогаш ги мешаме лончињата со тие поими. Низ светот со невидена брзина се прошири видеото од оние двајцата кои на концертот на Coldplay беа фатени дека имаат афера. И како што тоа секогаш бива, сите имаме мислење за случката. Лично, ме запрепасти колку медиумска покриеност имаше една тешка глупоштина во момент кога низ светот има војни во кои гинат деца. Лично ме потресе сознанието дека не постои поинтересна работа од тоа кој со кого се швалерисува додека има трагедии од невидени размери, ама кои ете, не се толку интересни колку што беше интересно дека таму си некој милионер (или милијардер) беше фатен на дело со својата љубовница. Ама ајде, која сум па јас да мудрувам за тоа што е важно а што е неважно! Нејсе, ај што пукна брука низ цел свет, ај што сите правеа пресметки колку ќе го ошури жена му со разводот, ами и коментарите беа неверојатно смешни. Смешни од аспект на тоа што сите имаа што да кажат за љубовницата, почнувајќи од тоа дека е неморална (ова е најблаг израз кој ќе го напишам од почит кон повозрасните читатели) па завршувајќи до тоа дека е грда. 

Ако ги гледаме работите малку статистички, да знаете дека ретко која љубовница е поубава од жената која е изневерена. Честопати, таа може дури и да наликува на сопругата (не зборувам за случајов, оти тука сличност немаше) или да е нејзина помлада верзија. Значи, да расчистиме со тоа дека љубовниците се автоматски бирани по убавина. Второ, никој или барем ретки беа тие што искоментираа во насока на осудување на мажот кој извршил прељуба. И тоа го начекувам многу често. Како да се мажите мали деца кои биле прелажани или излажани со нова играчка, па ја заборавиле старата. Во брак, одговорноста за прељубата е кај тој што ја направил. Точка. Не е виновна таа третата во односот, исто како што не е виновен тој ако бил трета особа во друг однос. Љубовницата има одговорност пред сопствениот партнер или сопруг и пред самиот брак како институција доколку е мажена. Не, не ја бранам оти верувам во женска солидарност, но не ја осудувам оти сигурна сум дека дотичниот не влегол во врска со неа бидејќи имал нож под грло. Но, не мислам дека џелатот е љубовницата, ниту дека жртвата е мажот кој изневерил. Единствена жртва тука се децата, од едната или двете страни, сеедно. 

Некако како да е аминувано неверството од мажите. Демек, такви се. Одбивам да ги ставам сите мажи во ист кош, но мора да ја напуштиме праксата на тоа дека им наоѓаме оправдување кога изневеруваат, особено со образложение дека е тоа сосем нормално оти е маж! Она што особено ми е гнасно е една реченица која ја користат мажите кога сакаат излети надвор од бракот, а која гласи (се мразам себеси за напишаново) “ако сум женет, не ми е сменет”. Фуј! Од каде излезе тоа дека преќутно е ок да се биде неверен во брак, оти машката природа е таква. Прво, тоа е навреда за еден куп мажи кои ги знам а кои се прекрасни партнери. Второ, тоа е навредливо за секоја една жена на која индиректно и’ се кажува дека нејзино е да прифати, да прости и да заборави.

Не постои жена која може да заборави неверство, нема такви. Може да прости, може да се преправа и да се лаже дури и себеси дека не оставило тоа трага на неа, но не е така. Нема жена која длабоко во себе не знае дека нема оправдување за неверство. Па каде е тука чесноста за да се каже јасно и гласно “не сум среќен, не те сакам, имам друга”. Да не правиме џелати од оние кои се неважни во целата приказна, оти да не била таа (љубовницата) ќе била некоја друга. Да не правиме жртви од мажите кои точно знаат што прават и не може да не се свесни за последиците, но и да не правиме жртви од жените кои се изневерени. Оти изневерената жена не е за греота и да не и’ доделуваме улога која е неблагодарна. Таа секако ќе знае како понатаму и ако прости, тоа ќе е оти така одлучила, ако се разведе тоа ќе е оти така сакала. Изневерените жени најчесто и знаат кога се изневерени или дека работите одат натаму. Ако решиле да спасуваат она што може да се спаси, тоа не е оти немаат друг избор. И ним не им треба сожалување, оти некогаш да се проба повторно не е знак на пораз, ами на неверојатна сила. Ете, затоа мислам дека ниту една жена не е жртва, сè додека таа може да одбере што ќе прави во ситуацијата во која е ставена а е вон нејзина волја. И пак ќе речам, ако веќе зборуваме за жртви од неверството, тоа се децата на кои им се руши светот во кој дотогаш живееле и во кој растеле. Товарот кој ќе го носат, ќе им го одбележи животот за навек. Тој товар ќе е секогаш на плеќите на оној кој одлучил да ги заборави сите ветувања кои ги дал со едно обично ДА пред матичарот.

Да сте ми живи и здрави, ви подарувам нова песна.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Нема жена која не знае

Кога љубена повеќе не е

И која не чувствува во утробата

Дека тој покрај неа мисли на друга

Оти тој јадеж во градите не лаже

И тој страв в коски не минува

Ами секој ден е како болест

Од која сè помалку сила има

И која без здив ја остава

За која иљач нема

За која ниту еден лекар

Не може апче да препише

Нема жена која не знае

Како полека заборав станува

И како постелата кроце се лади

Иако до неа уште спие тој

Кому себе му се дала

Ниту пак жена има

Која не знае да намириса друга жена

На кошулата на својот маж

И која не гледа обриси на тело

А знае дека тоа не е нејзиното

Во окото негово кое свети

Нема жена која не знае

Оти молкот кога ќе зацарува

И муабетот кога ќе стивне

Дека удолу е сè тргнато

Сето она што дотогаш спокој било

И сето она што утеха давало

А сега е само бледо сеќавање

На еден живот кој повеќе го нема

И наместо кој празнина има

Чија уста ги голта сите зборови

Кои некогаш полни нежност биле

Не

Нема жена која не знае

Нема жена која не сеќава

Дека крајот е блиску

И дека нема повеќе каде да оди

Барем не заедно со тој што била

И токму тогаш се гледа нејзината сила

За да прости

Или да си замине

За да остане

Или со крената глава 

Својот пат да го најде

На кој до себе повторно ќе се врати

Нема жена која не знае

Како пак на нозе да застане

И како пак да почне да блеска

Од крајот почеток да стори

Од почетокот сосем нов живот

А од животот убост да бара

Оти нема жена која барем еднаш

На колена не се нашла

И која не успеала да се исправи

За повторно љубовта да ја најде

Во себе за себе

Во себе а за некој кој ќе знае

Кој ќе умее да ја љуби 

Онака како што заслужува