Мисли со своја глава

Кога бев мала, една од речениците кои секогаш ми ги кажуваше татко ми беше “мисли со своја глава”. Мене, да бидам искрена, тоа ми беше дури и малку навредливо. Демек, не мислам со своја глава?! Ми требаше многу време за да го сфатам и за да се соочам со тоа дека многу работи за кои сум била убедена дека се плод на мојот разум и ум, биле под влијание на другите. Да се мисли со своја глава не значи да се игнорираат сите сугестии, совети, факти. Напротив, треба да се земе предвид сè, но она што ќе е финален производ да биде одлука која можеби и не е идеална, но е соодветна во дадениот момент. Се разбира дека одлуките кои ги носиме не се дадени еднаш засекогаш, дека во различен период од животот и под влијание на различните искуства, истите ќе се разликуваат. Но, во мигот кога треба да се одлучи нешто, најважно е со сета душа и срце да стоиме зад неа за да нема каење. Со каењето расчистив одамна, оти свесна сум дека дали се каам или не, не можам да ги вратам рабтите назад или да постапам поинаку. Но, она што го можам е врз основа на тоа дали сум се изгорела од нешто или не, да внимавам што ќе одлучам во иднина.
И не е дека нема да згрешам некогаш и не е дека нема веќе никогаш да си кажам “Е ај сега Ано, што ти требаше ова”, ама исто научив и да не бидам толку строга кон себе и да не се камшикувам за грешките. Впрочем, еден вид утеха ми е и дека човек мора да згреши некојпат за да знае каде кикснува. Воедно, не е дека некои грешки не ги повторувам и дека не сум веќе наивна (особено) во меѓучовечки односи. Ах, како знам да утнам, не сте свесни. Има една многу голема вистина во тоа дека секој кој што пишува за одредени теми, не е дека знае сè и дека е просветлен еднаш засекогаш. Ехеееее, колку работи за кои пишувам како треба или не треба, ги заборавам. Ама токму овие писанија на кои некогаш се навраќам, ми се еден вид показател за тоа кај сум била, каде сум денес и каде сакам да бидам. Но, дури и да згрешам и дури и пак да повторам некоја грешка, гледам да е тоа исклучиво моја одлука од која (можеби) нешто ќе научам. Фамата дека со годините човек станува ептен свесен за себе и своите пропусти и дека мудроста ја стекнува оти има 50+, е неточна. Има периоди кога точно знам што сакам, на каде терам и чекорам како светот да е мој, исто како што има периоди кога врска немам ни каде сум, ни која сум, а бога ми, ниту знам што сакам.
Да се мисли со своја глава, значи да се преземе потполна одговорност врз својот живот. Тоа пак значи дека нема барање изговори дека некој ве натерал да постапите вака или онака, па да се вадите дека ете, сте послушале и сте згрешиле. Научив да ги игнорирам прашањата од типот “што да правам” и на нив да одговорам со “што сакаш да направиш или постигнеш?”. Да си играме богови кога е во прашање туѓ живот е прилично неблагодарна работа. Знам дека фино иде на суетата да бидете (демек) толку многу мудри што ќе дадете совет или ум за тоа како некој да постапи. И секој пат се лизнуваме на една многу очигледна работа, а тоа е дека сите сме различни. Толку многу сме различни, што моите постапки за нешто може да значат разочарување за некој кој можеби и не може да искрепи она што можам јас. Кога решив да се разведам, имав многумина околу мене кои ми даваа совети. Тоа се секако добронамерници, кои сепак не биле во мојата кожа. Јас бев свесна дека мојата одлука има ЗА и ПРОТИВ, но исто така бев свесна дека моето ЗА за разводот, не мора да значи дека е добра причина за раскинување на бракот за некој друг. Одлучив како што одлучив, оти познавајќи се себеси знаев дека ќе ескалира во мене нешто што ќе стори од мене длабоко несреќна, исфрустрирана и лоша особа, не само за себе туку и за партнерот и за детето. И ден денес мислам дека ја донесов вистинската одлука, дека некогаш е добро да се разделиш со партнерот на мирен, цивилизиран, па дури и пријателски начин, отколку со тек на време да станете непријатели.
Поучена од моето искуство, никогаш не си дозволив на било која моја другарка која била на раскрсница меѓу развод и останување во брак, да кажам “абе што ти е гајле, разведи се”. Прво, затоа што во тој миг можеби нејзината импулсивна одлука ќе е потврдена од мене, а подоцна ќе следи каење. Второ, затоа што прекин на бракот е исто толку важна одлука како и склучување на бракот и мора човек да ја донесе сам, без влијание отстрана. Трето и најважно, спремноста да се биде сам и да се живее сам не е “те заболе, терај”. Токму во таквите пресвртници од животот, да се мисли со своја глава, да се слуша сопственото срце и разум, е од исклучително голема важност. На крајот од денот, не е џабе изреката дека “патот до пеколот е поплочен со добри намери”, оти чинот на развод е најлесен, ама тоа што следи отпосле и не е баш толку бенигно.
Истово важи и кога човек се одлучува за брак. Поразително е колку луѓе влегуваат во брак оти “време е да се скрасам покрај некој” или дека им отчукува биолошкиот часовник, или прашањето дали е сè во ред со мене ако на 30+ сум уште сам/а. И тешко е да се остане свој и да се мисли со своја глава, кога притисокот дека си стара мома (многу фуј назив) е наметнат од околината. Најтешко е кога се одлучуваат луѓе да имаат деца, а во себе не се сигурни дека воопшто сакаат да имаат потомство. Оти децата си бараат време, љубов, внимание, труд, работа, откажување и присутност во нивните животи. Најлесно е да ставите прстен на рака и да родите дете. Најмачно е да сте ок со себе кога сето тоа ќе го сторите, а имате во себе двојба дека сте подготвени за толку драстична промена во вашиот живот.
Сите ние одвреме навреме правиме грешки под притисок од најблиските. Факт е дека ни мислат арно, ама па исто така е факт дека нивното арно не е универзално арно, оти секој поаѓа од себе. Ако мене ме прашате, пред да се одлучат за брак двајца треба да живеат извесно време заедно, да видат како функционираат после фазата во која “дома си, дома сум, ќе излеземе, ќе одиме на викенди и супер ни е”, оти таа фаза минува. Тогаш нема тајм аут кога ќе се скарате, па секој си ја лади главата во својот простор. Тогаш, како и да ги завртите работите, заедно сте во густото и заедно ќе треба да смислите како да се извлечете. Знам дека во услови кога стандардот ни е тапа и кога се кубури со секој денар, тешко е да се земе стан дури и под кирија, ама сепак.
Дајте си време пред да носите одлуки. Не е страшно да побарате мислење, не е страшно да чуете мислење. Не е страшно да прашате за туѓото искуство, но страшно е ако надворешните идеи за вашиот живот ќе станат и ваши. Оти во момент на бес, разочарување или блокада, одлуките кои ќе ги донесете дефинитивно се под знак прашање колку се ваши, а колку се всушност плод на она што го гледате и слушате околу вас. Затоа, што и да правите, мислете со своја глава. Пробајте да се видите себеси во иднината, секако, согласно одлуката која ви се врти во главата. Видете како ќе се чувствувате тогаш, какви ви се идеите за тоа што понатаму, извагајте и дури тогаш постапете. И не заборавајте дека она што е за некој “пфффффф”, за вас ќе е можеби отпосле голема болка. Не заборавајте дека исто така, нечија скептичност е можеби зелена карта за да бидете несреќни до крај на животот.
“Мисли со своја глава” е реченица која многу често и јас ја повторувам на ќерка ми, дури и тогаш кога гледам дека ќе стори грешка. Реагирам само тогаш кога грешката ќе ја чини физичко и ментално здравје, или кога е опасност по нејзината безбедност. И секогаш и’ велам дека што и да одлучи, јас ќе сум тука, ќе ја сакам исто и дека ќе и’ бидам потпора додека сум жива. Впрочем, мојата улога ќе е успешно завршена само тогаш кога таа ќе израсне во свој човек, кој ќе знае како да се справи со сопствените грешки, подеднакво како што ќе ужива во плодовите од своите одлуки.
Да сте ми живи и здрави, ви подарувам нова песна.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Застани зад себе
Зад она што го сакаш и можеш
Соочи се со тоа што не го сакаш
И без страв кажи го
Без никакво двоумење покажи
Дали нешто среќа или несреќа ти носи
Дали насмев или солза ти мами
Оти одлуките кои ги носиш
Се само твои и на никој друг
И ти ќе треба со нив да живееш
Застани зад себе
Зад она што си
Зад она што сакаш да бидеш и останеш
Колку и да ти е страв
Колку и да немаш амин од другите
Оти најголемиот амин
Од себе треба да го побараш
И сама на себе треба да си го дадеш
Застани зад себе
И ништо нека не те премислува
Ако решиш да постапиш вака или онака
Оти никој во твоите чевли не оди
И никому нозете во тие чевли не крварат
Освен тебе, освен на тебе
Та никој во твојата кожа не е
И не знае дали тесна или широка ти е
Не знае дали допирот те боли
Или кожата за допир ти пека
Оти најлесно е твојот живот
Во туѓи раце да го ставиш
И како марионета озгора
Некој со твоите постапки да раководи
Оти никој освен ти не знае
Дали нешто те боли или радува
Дали нешто спокој ти дава
Или душата со неспокој ти ја полни
Ете затоа
Ете токму затоа
Мораш зад себе да стоиш
Дури и тогаш кога ти се чини
Оти решение нема
Оти има
И кога ти се чини оти патот затрупан ти е
Оти не е
Дури и тогаш кога како лешник ти е срцето
Оти не ти е
Само дај си сила
Дај си кураж да си она што си
И терај напред
Некогаш по прав пат
Некогаш по угорница
Некогаш и по удолница фати
Ама твој да е патот до себе
Твој пат да си најдеш до среќата