На сила не се дава ни ум, ни љубов

Баба ми често велеше дека на чоек не можеш да му дадеш ништо со сила, ни љубов, ниту ум. Дали сфаќав? Ама ич, дури ми се случува и сега тоа, без оглед што имам доволно поминато и имам доволно години за да немам илузии. Дали можам да разберам како некои луѓе едноставно не даваат да им се приближиш колку и да го правиш тоа кротко, со отвореност до болка и без желба да ги повредиш? Не, ниту разбирам, а и не верувам дека некогаш ќе сум до толку кадарна или доблесна да сфатам дека на сиот напор и сета љубов што ја имаме во себе, едноставно не се наоѓаме едни со други. Страв од блискост? Страв од љубов? Можеби страв од препуштање или напуштање? Не знам, навистина не знам. Единствено што знам е дека тој ќорсокак во кој човек ем нема каде понатаму, ем не го знае патот за назад, е како да удирате со глава во ѕид. А пуста глава, кај што е тврда, туку и кога ќе почне да крвари се правиме дека ништо не нè боли, па уште посилно удираме во бетонот. Јас мојата си ја имам расцепено на неколку пати. Дали ќе се сменам? Тешко, многу тешко. Помирена сум со тоа дека од оваа кожа немам каде и дека дури и по цена да патам, јас сум тоа што сум.
Нема ништо со сила. Тоа знам, многу реално и рационално знам дека колку и да сакам да се дадам себе во некој однос, ако другата страна одбива да ме види која сум и каква сум, ќе бидам повредена. Ама, ај смени се Ано! Како да се сменам побогу! Па дури и да се сменам, или поточно, да се преправам дека сум се сменила, ќе можам ли да се сакам себеси таква? И не само тоа, ами како ќе се гледам во огледало знаејќи дека се лажам себе и сите околу мене. Се грижам, немам срам да кажам отворено дека љубам, не кријам кога ми крвари срцето. Од срам, признавам само срам од крадење, лажење и манипулации. Ја немам онаа суета дека ќе ми се срони бисерот ако покажам дека некој ми е важен во животот, дека сакам блискост и да го знам човекот. Одамна имам расчистено со лажното достоинство на сметка на квалитетен однос. Она што ме поразува е кога гледам дека сите сме се стуткале во себе, сите сме станале странци колку и едниот да се труди да се приближи, да има саглам релација со некого.
Нема формула со која човек може да се заштити себе од повредување. Барем јас ја немам најдено, а не ја ни барам. Оставете ги настрана муабетите дека треба да држиш до себе, да играш игрици на недопирливост и да глумиш дека сам на себе си сосем доволен. Да не се разбереме погрешно, секогаш сум била поборник за независност од било кој вид. Ако нешто ме плашело, тоа е зависност која може де е емоционална, физичка, материјална. Но знам со сигурност дека нема ништо поубаво од тоа човек своеволно да се препушти во љубовта, да се даде себеси во еден однос кој ќе го надгради, а не уназади. И како што реков прееска, мојата утопија знае да ме чини многу, ама навистина многу. Можам сама, сè можам сама. Немам уплав да бидам сама, немам потреба од било какво друштво за да се чувствувам комплетна. Дури и ми се чуделе како тоа знам да спакувам лаптопот, да појдам некаде каде што ми е убаво и да пишувам. Па не мора и да е за пишување моето излегување сама, нека е само пијачка и правење апсолутно ништо, оти и кога навидум не правиме нешто конкретно сепак си го чистиме умот од талог. Ама кога се работи за љубов, за делење секојдневие со некој, не сакам да сум сама. Не дека не знам како, ами затоа што знам оти нема ништо поубаво од тоа да ви се случи љубов која ќе го измести вашиот свет. И кога велам измести, не го мислам тоа на начин кој ќе биде неспокој и грч, туку на оној убав и позитивен начин. Изместување за да си дојдат некои делови од вашиот живот на свое место, како голема сложувалка која ќе ја најде својата смисла.
После разводот се обидов да најдам љубов. Отпрво си го дадов оној потребен период за да ми слегне сè, да дојдам на своето, да се соберам. Не сум верувала никогаш во тоа дека болката или љубовта која поминала се лечи со нова љубов. Мислам (до денешен ден) дека човек мора да мине време сам, да види каде е, да осознае каде сака понатаму. Сум била колатерална штета од нечие избрзано влетување од врска во врска и знам дека не сум сакала некој да го помине тоа што го минав јас, дека не е фер да е некој само средство за да преболите нешто од минатото. Ама пробав, после подолго време пробав. И секако, не успеав како што можете да претпоставите од досегашново прочитано. Да беше поинаку, веројатно ќе пишував за пеперутки во стомакот, за трепет, за снегот на Шара. Ама ете, пишувам за тоа дека не е само да се има желба за љубов, барем не еднострана. Дали патам заради тоа, да! Секако дека патам и дека ми е како да ме удрил воз. Ама спокојна сум дека сум убедена оти дадов сè од себе, без да се правам нешто што не сум, без лаги. Сега за сега не ми е баш ова многу од помош, ама имам мир.
Нема да се откажам од љубов, не сум уште спремна да кренам раце, да развијам бело знаме и да кажам “тоа е, нема веќе да се обидувам”. Ќе се обидам и тоа баш на истиот начин како и досега. Чесно, со отворање пред другиот и со давање себе. Па нека не земе тоа што имам да го дадам, налет. Нема да седам огорчена или да се трудам да се заштитам. Мајку му, еден ми е животов и не сакам да го минам во страв, особено не страв од љубење. Немам помисла дека демек некој изгубил којзнае што ако не ме сакал до себе. Сосем е ок тоа ако некому не се допаѓам ваква каква што сум. Најмногу ме буни во сите тие односи она топло-ладно (што ич не е вкусно како колачот) и наоѓање замерки на секој збор. Та јас и не велам дека сум совршена, грешам, знам да оплескам ептен, ама знам да се извинам, да сослушам, да се коригирам. Само што има една точка од која веќе нема каде да се оди. Тоа е оној момент кога ќе ви се разбистри дека колку и да сакате, колку и да сте отворени за компромис нема да го имате, оти човекот карши вас едноставно не е тоа што ви треба, или вие не сте она што нему му треба.
Не ме прашувајте како и што понатаму, оти немам врска. Да знаев како треба, немаше да ја пишувам колумнава. Она што го знам е дека сите сме со табиети, дека нема ускладување кое ќе е лагодно и само по себе, ако нема желба и работа за да се биде заедно. Не знам многу работи, ама она што можам со сигурност да го кажам е дека ако најдете некој кој ќе е спремен заедно со вас да расте (без оглед колку години има), да не го испуштате. Исто знам дека ако секој муабет со оној кој што ви се допаѓа е борба и натегање, неводење грижа дали ќе ве сотре со некој збор и дали ќе ви гази по душата со постапки, време е да си се спакувате, да кажете збогум и да продолжите. Без обвинувања, без објаснувања. Некојпат зборовите се одвишни кога се гледа крајот.
Сепак, како и да ги завртите работите, доаѓаме на тоа дека навистина ништо не можете да дадете со сила, макар знаеле дека го давате најдоброто од себе. Не е пораз ако станете свесни за тоа, не е пораз ако се повлечете и не е пораз ако останете ускратени за љубов. Оти налет љубовта во која нема да ви пее пилето, ами ќе ви седи згрчено во градите. Налет давање и земање, ако немате кому да дадете и ако немате ништо за земање. Едноставно е, да си одите од некој што не ве сака е најдоброто нешто што можете да го сторите за себе. Исто како што тоа го сторив јас, без оглед на болката и празнината во себе. Еден ден, сè ќе биде поинаку. Дотогаш, она што го носите во себе, дајте си го сами на себе оти нема ништо повредно од тоа да имате раат во душата.
Да сте ми живи и здрави, ви подарувам песна која не е нова но е токму она што го чувствувам сега.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Таа знае кога е време да се разбуди
и рацете ширум да ги отвори
очите да ги избистри
светот во дланките да го зграпчи
боса да заигра
без грижа дали некој ја гледа
или потајно и’ се потсмева.
Таа знае
без никој да и’ каже
кога е време плеќите да ги свие
и во некое ќоше грбот да го навали
да ги пушти уздите
со кои животот си го држи
силно и цврсто како давеник
и во тебе засолниште да најде
за да се одмори.
Таа знае
кога на коленици да падне
и оздола милно да те гледа
со покорна насмевка да молчи
а сепак круната да си ја задржи
онаа која жена ја прави
која никој не може да ја згази.
Таа знае
знае точно кога да се исправи
и главата угоре да ја крене
со очи полни небо
и длабоко воздух да земе
за битката со себе што и’ претстои.
Таа знае
таа толку добро и проклето знае
кога е време за да замине
без ниту еднаш да се заврти
и ниту еднаш во тебе да погледне
иако душата кај тебе ја остава
без во ниту еден миг да се покае.
Таа знае
како да се залечи
и како своја повторно да биде
дури и тогаш кога во нејзиното јас
твоето ти се прпела
и знае кога е време да те исплаче
а попатно и себе со тебе
без да моли
со очи суви како пустина
и зборови кои на хартија ќе ги истури.
Таа
таа знае сè
дури и тогаш кога не знае како без тебе.